Лукаку не се појавил на тренинг, ќе биде казнет, а потоа и ќе си замине од Наполи

Се чини дека е завршена приказната меѓу Наполи и Ромелу Лукаку. Искусниот напаѓач е на излезна врата од клубот, а разделбата веќе изгледа неизбежна.

Според информациите од Италија, тензиите меѓу Лукаку и клупското раководство ескалирале во изминатите денови, откако Белгиецот не се појавил на тренинг, иако претходно му соопштил на селекторот Руди Гарсија дека не е подготвен за настап на пријателските натпревари. Во клубот очекувале дека токму поради тоа ќе биде на располагање, но тој самоволно решил да го продолжи одморот.

Неговиот агент Федерико Пасторело се обидел да ја смири ситуацијата, но во Наполи сметаат дека недисциплината е клучниот проблем и не се подготвени за компромис.

Дополнителен фактор е и недовербата од тренерот Антонио Конте, како и проблемите со повредите. Лукаку оваа сезона одигра само седум натпревари, со вкупно 64 минути на теренот и еден постигнат гол.

Не се исклучува ниту дисциплинска постапка од страна на клубот, што би било јасен сигнал дека летниот трансфер е практично сигурен. Лукаку, кој има 32 години, има договор со Наполи до летото 2027 година, но неговото заминување сè повеќе изгледа како готова работа.

- Оглас -

Најнови вести