Дома Blog Страница 23

Халанд го води Сити кон врвот, до крајот ќе се бркаат победи, но и голови (Видео)

Манчестер Сити го доби дербито на сезоната во Премиер лигата и славеше со 2-1 над Арсенал пред својата публика. Тоа значи само едно – до крајот на сезоната ќе се бркаат победи, но и голови, бидејќи на крајот може да биде одлучувачка токму гол-разликата.

„Граѓаните“ дојдоа во водство по одличната акција на Рајан Шерки во 16-тата минута, но радоста траеше кратко.

Само две минути подоцна, голем, неверојатен кикс на Џиџи Донарума. Хаверц блокираше, а топката од неговата нога се одби во мрежата на Манчестер сити.

Големата победа за Манчестер сити ја донесе Ерлинг Халанд во 65-тата минута и најави драма во последните пет премиерлигашки кола.

Арсенал останува лидер и покрај поразот со 70 бода. Манчестер сити е втор со 67, но и натпревар помалку, што би значело дека со евентуална победа над Кристал палас во одложениот меч, ќе се израмнат до врвот. До крајот на првенството има уште пет кола, во кои и двете екипи ќе мора да победуваат, но и да победуваат со што е можно поголема гол-разлика, бидејќи во случај на ист број на бодови – ќе одлучува гол-разликата, а не меѓусебниот дуел.

Барселона има понуда за Левандовски: Нова улога, но и двојно помала плата

Актуелниот, а многу веројатно и нов шампион на Шпанија, Барселона има итна задача: да ја дефинира иднината на Роберт Левандовски.

На полскиот напаѓач му истекува договорот, а неговото останување или заминување ќе има големо влијание врз реконструкцијата на нападот за следната сезона.

Свесни за важноста на ова прашање, од каталонскиот клуб веќе презеле први чекори. Спортското раководство одржало состанок со Пини Захави, агентот на играчот, за директно да му го претстави планот на клубот.

Пораката е јасна: Барселона има нова улога за Левандовски во идниот проект.

Со 37 години, настапите на напаѓачот во последните месеци предизвикаа сомнежи. Далеку е од оној решавачки стрелец кој пристигна на „Камп Ноу“ пред четири сезони со голема инвестиција.

По три одлични години, неговите бројки опаднаа, а го надминаа дури и соиграчи како Ламин Јамал и Феран Торес. Повредите дополнително влијаеја врз неговиот континуитет.

Во ваков контекст, клубот нуди продолжување на договорот под нови услови. Барселона сака Левандовски да остане, но со значително намалена плата и со улога на ментор и резервен напаѓач, додека паралелно ќе бара нова ѕвезда што ќе го предводи нападот.

Според информациите, на Левандовски му е понудено намалување на платата дури за 50 проценти.

Ѓорче Петров нема конкуренција, трета година по ред го освои Купот на Македонија

Ракометарките на Ѓорче Петров и трета година успеаја да го освојат трофејот од Купот на Македонија. „Лавиците“ од западната скопска населба во финалето во Струмица успеаја да го победат дебитантот Спартак со минимални 33-30.

Иако актуелниот шампион на Македонија важеше за голем фаворит, сепак, Спартак пружи достоен отпор, но не успеа да направи нова сензација и по елиминацијата на Чаир, да слави и над Ѓорче Петров.

Ишиќ, Гугуљанова и Ризоска со по седум гола беа најефикасни во победничкиот состав, додека во поразениот Зечевиќ постигна 12 гола, а Николовска 10.

Ова беше трет трофеј за Ѓорче Петров од Купот на Македонија, но ако ги сметаме и трофеите на Кометал ЃП, тогаш ова е рекорден 19-ти пехар од Купот на Македонија.

Се поблиску до целта: Кристијано Роналдо погоди и во втората азиска ЛШ (Видео)

Кристијано Роналдо е се поблиску до целта – 1.000 голови во кариерата. Португалецот беше стрелец на првиот гол за Ал-Наср во победата од 4-0 над Ал-Васл во втората азиска Лига на шампиони.

За Кристијано Роналдо ова беше 969-ти гол во кариерата.

Португалецот го отвори резултатот во Дубаи уште во седмата минута, а погодија и Ињаки Мартинес, Ал-Амри и Садио Мане, додека Жоао Феликс во победата учествуваше со две асистенции – за вториот и третио гол.

Ал-Наср обезбеди пласман во полуфиналето од втората азиска Лига на шампиони, а таму за противник ќе го имаат подобриот од мечот помеѓу Ал-Ахли од Доха и Ал-Хусеин. Гамба Осака веќе е во финалето како претставник на Источна Азија, а сега се чека и нивниот противник од Западна Азија.

Балканот ракометно ќе се обедини: Регионалната лига ќе стартува од 2027 година

Претставници на ракометните сојузи на Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, но и претставници на водечките клубови од овие земји, одржаа состанок во Скопје на кој тема беше Регионалната лига.

Присутните постигнаа компромис лигата да започне од сезоната 2027/2028, а следната сезона да се играат турнири кои ќе имаат пријателски карактер. Во машка конкуренција ќе учествуваат 10 екипи, по четири од Македонија и Србија, како и две екипи од Црна Гора.

Регионалната лига и во женска конкуренција ќе брои 10 екипи, но по две екипи од секоја земја.

„Претставници на ракометните сојузи и релевантни клубови од регионот одржаа состанок на кој беше постигнат значаен исчекор кон унапредување на регионалната соработка и развојот на ракометот.
На состанокот беше усогласено дека од сезоната 2027/28 ќе бидат формирани регионални лиги во полн формат, и тоа во двете конкуренции, со што се отвора ново поглавје во квалитетот на натпреварувањето, развојот на играчите и целокупната промоција на ракометот во регионот.
Во женска конкуренција, регионалната лига ќе опфати по две екипи од пет држави – Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Македонија. Во машка конкуренција е предвидено учество на по четири клуба од Србија и Македонија, како и по два клуба од Црна Гора.
Како преодно решение, договорено е во сезоната 2026/27 да се организира натпреварување во скратен формат. Деталите и моделот на тоа натпреварување ќе бидат дополнително усогласени на наредниот состанок, кој ќе се одржи во Подгорица на 20 мај.
Учесниците на состанокот изразија големо задоволство од постигнатиот договор, со уверување дека регионалните лиги ќе донесат поголема конкурентност, атрактивност за публиката и дополнителен поттик за развој на ракометот во регионот.
Заклучено е дека ова претставува важен чекор кон создавање стабилен и квалитетен систем на натпреварување, кој долгорочно ќе биде од корист за клубовите, играчите и навивачите.“ – се вели во соопштението од Ракометната федерација на Македонија.

Рабио погоди, Милан се израмни со Наполи на табелата (Видео)

Фудбалерите на Милан многу потешко од очекуваното дојдоа до планирана победа над „фенерџијата“ во Серија А, Верона.

Стрелец на единствениот гол, кој на крајот значеше и три бода за Милан, беше Рабио во 41-вата минута, откако доби одлична асистенција од Рафаел Леао.

Милан сега е на делба на второто и третото место со Наполи. Двете екипи имаат по 66 бода и со само теоретски шанси да го загрозат лидерот и веројатно новиот шампион на Италија, Интер.

Капитенот – капитенски: Ливерпул со гол во 100-тата минута до триумф во Мерсисајд дербито (Видео)

Капитенот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк, е херојот на „црвените“ во победата со 1-2 во Мерсисајд дербито против Евертон на гостински терен. Голот на Ван Дајк веројатно значи и сигурен пласман на петтото место и Лига на шампионите следната сезона за избраниците на Арне Слот.

Мохамед Салах во 29-тата минута го донесе Ливерпул во водство, а Бето во 54-тата минута израмни на 1-1.

Ван Дајк голот за победа го постигна неколку секунди пред истекот на 11-те минути судиско продолжение на натпреварот.

Ливерпул е петти со 55 поени, по седум повеќе од Челзи, Брентфорд и Борнмут.

Струга со „покер“ до три бода на гостувањето во Куманово

Фудбалерите на Струга забележаа лесна и убедлива победа на гостувањето во Куманово над Башкими со 0-3. Со овој меч беше затворено 28-мото коло од Првата лига.

Башкими остана со играч помалку во 36-тата минута, отако Сумер Хасан беше исклучен, а тоа само им ја олесни работата на гостите. Компаоре во финишот од првото полувреме погоди за 0-1, а истиот фудбалер во 80-тата минута постигна гол и за 0-2.

Само две минути подоцна Струга постигна и трет гол, а стрелец беше Христијан Малески. Во 86-тата минута веќе беше 0-4 со голот на Бојан Илиевски.

Струга останува на третото место, со 59 бода, осум помалку од второпласираната Шкендија. Башкими е на шесттата позиција со четири поени предност во однос на Брера во зоната за бараж.

Барселона доби понуда од 100 милиони евра за „ѕвездата во сенка“

Фермин Лопес е фудбалерот на Барселона кој игра одлична сезона и полека но сигурно излегува од сенка на многу поголемите ѕвезди во составот на каталонскиот тим. Токму поради тоа што нема статус на голема ѕвезда како некои други негови соиграчи, се поветојатно е дека 23-годишниот офанзивец може да си замине од „Камп Ноу“.

Прв на листата на клубови кои би сакале да го водат Лопес во своите редови е тимот на Челзи. Лондонскиот клуб би сакал да го види Фермин во нивниот дрес, а некои најави велат дека Челзи е подготвен дури да плати и 100 милиони евра за овој играч.

„Челзи сака да потпише со Фермин Лопес ова лето и подготвен е да плати на Барселона и 100 милиони евра“, стои во дел од медиумите кои се блиски со тимот од „Стемфорд Бриџ“.

Сепак, Барселона сигурно нема да сака да го продаде Фермин. Дека каталонскиот клуб смета на Фермин покажа и фактот дека во јануари му го продолжија договорот до јуни 2031 година. Откупната клаузула на новиот договор му е токму 100 милиони евра.

Барселона уште има проблем со финансискиот фер-плеј, па токму тоа може да биде една од причините да се реши да го продаде Фермин, за да заработи 100 милиони евра. Фермин сезонава за Барселона одигра 43 меча во сите натпреварувања и е со биланс од 12 голови и дури 16 асистенции.

Кошаркарскиот маратон започнува во 19 часот, домашните екипи ќе победат на сите натпревари (Фото)

Љубителите на најквалитетната кошаркарска лига во светот ќе имаат можност да уживаат во вистински маратон кој започнува во 19 часот по македонско време и ќе трае се до раните утрински часови. На програмата се четири меча од плејофот на НБА лигата, а според квотите во Sport Life, се очекува доминација на домашните екипи.

Бостон, Оклахома, Детроит и Сан Антонио треба да победат според квоти во Sport Life и тоа убедливо. Најголем фаворит е Оклахома со квота од 1.11, а веднаш потоа и Бостон со 1.15. Победа на било која од гостинските екипи ќе биде вистинска сензација.

Во Sport Life може да најдете и специјална понуда за најпопуларната игра меѓу типувачите – „плус-минус“ и тоа на поени, скокови, асистенции и вкупно тројки, но и збир од поените, скокови и асистенциите. Комплетната понуда може да ја најдете ТУКА.