Дома Blog Страница 22

Ројевиќ по поразот од Вардар: „Повредите нѐ спречија да го освоиме Купот“

Ракометарите на Охрид не успеаја во своето прво финале да дојдат и до првиот трофеј од Купот на Македонија. На крајот на тирофејот се радуваа ракометарите на Варадр, кои славеа со минимални 24-23, а тренерот на охриѓани за поразот ги обвини повредите.

„Дојдовме без два клучни бека, Петриќ и Борозан, а на полувреме го загувиме и Стрмљан. Мислам дека тоа е главната причина зошто го загубивме овој натпревар. Буквално една топка, без толку играчи. Замислете да ги имавме тие играчи за во ротација ќе бевме многу поблиску до победата. Му честитам на Вардар. Имаа поширок ростер. Ако и ние имавме таков ростер, ќе бевме многу блиску до победата. Дадовме многу повеќе и од очекуваното оваа сезона. Останавме буквално со два бека. Жал ми е, мислам дека ова не го заслуживме. Работевме напорно, но мора да се занимаваме само со себе. Очекувавме дека ќе го освоиме Купот, иако Вардар беше апсолутен фаворит. Сепак, повредата на Стрмљан беше голем шок за нас.“ – рече тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ.

Партизан ја победи Црвена ѕвезда, „Гробари“ со импресивна кореографија за Вујошевиќ

Кошаркарите на Партизан ја совладаа Црвена ѕвезда со 81-74 во меч од Јадранската лига, па сега ќе го чекаат исходот од мечот помеѓу Босна и Дубаи за да дознаат дали ќе завршат како први или втори.

„Црно-белите“ одиграа одлично прво полувреме, кое го добија со 50-37, а Црвена ѕвезда се врати резултатски во третата четвртина. Сепак, тоа не беше доволно за целосен пресврт и победа над вечниот ривал.

Мечот во Белград ќе остане запаметен и по кореографијата на навивачите на Партизан, „Гробари“, кои му одадоа почит на нивниот поранешен тренер кој неодамна почита, Душан Вујошевиќ.

И покрај поразот, Црвена ѕвезда го имаше најефикасниот кошаркар на мечот, Монеке со 19 поени.

Охрид немаше сили за ново изненадување, Вардар ја освои 18-тата титула од Купот на Македонија

Ракометарите на Вардар дојдоа до својот 18-ти трофеј од Купот на Македонија, откако во драматичен меч во Струмица го совлада Охрид со минимални 24-23.

„Црвено-црните“ се апсолутни рекордери во најмасовното ракометно натпреварување кај нас со 18 трофеи, Металург има шест, а Пелистер пет титули.

Вардар имаше контрола во поголемиот дел од првото полувреме, постојано водеше со повеќе од еден гол, се до финишот кога Охрид успеа да израмни на 12-12, но „црвено-црните“ со голот на Малус дојдоа до водство на паузата.

Израмнето се играше и во првите десеттина минути во второто полувреме, кога Охрид со серија од 4-0 не само што првпат дојде во водство, туку имаше и плус три (20-17 и 21-18). Сепак, Вардар возврати со иста мера, па со серија од 4-0 дојде во водство од 22-21. Следуваше израмнета завршница со многу промашувања, но и со одлични одбрани на голманите на двете страни.

Во последната минута се влезе со водство на Вардар од 24-23, но откако Малус направи пробивање, Охрид доби шанса да го организира последниот напад за израмнување. Додека траеше нападот исклучен беше Гоце Георгиевски, па Охрид имаше 16 секунди со играч повеќе да израмни, но и овој напад заврши со престап, а тоа беше знак за славје на ракометарите на Вардар и сите кои навиваа за „црвено-црните“.

Јака Малус со осум гола беше најефикасен на мечот, додека голманот Валах имаше 10 одбрани.

Навивачите на Сити со стих од позната песна ги поздравија гостите од Лондон (Фото)

Манчестер Сити на својот „Етихад“ го победи Арсенал со 2:1 во натпревар од 33. коло во Премиер лигата, а домашните навивачи имаа подготвена порака во случај на триумф.

Имено, тие истакнаа транспарент на кој пишуваше „Паника по улиците на Лондон“, што е стих од песната „Panic“ од 1986 година на групата „The Smiths“.

Очигледно е дека паниката е реалност за сите што навиваат за Арсенал, бидејќи предноста од девет бода што „топчиите“ ја имаа пред Сити пред десетина дена целосно се стопи.

Арсенал остана прв на табелата со 70 бода, но има само три повеќе од второпласираниот Манчестер Сити, кој има и натпревар помалку.

Во случај на ист број бодови, шампионот се одлучува според гол-разликата.

Сити до победата во овој многу важен дуел во борбата за титулата стигна со головите на Рајан Шерки и Ерлинг Халанд, додека единствениот гол за Арсенал го постигна Каи Хаверц.

ПСЖ по 13 години ќе остане без капитенот?!

Раководството на ПСЖ нема да се противи на евентуалното заминување на капитенот Маркињос по крајот на сезоната.31-годишниот Бразилец сам ќе одлучи дали ќе остане во клубот, а парижани се подготвени да се разделат со него ова лето.

Маркињос е дел од ПСЖ од 2013 година, кога го купија од Рома за сума од 31,4 милиони евра. Оваа сезона има 26 настапи во сите натпреварувања и постигна два гола. Неговиот договор со клубот важи до летото 2028 година, а според Трансфермаркт, неговата пазарна вредност изнесува околу 30 милиони евра.

Маркињос во 13-те години во дресот на „светците“ настапи на вкупно 517 натпревари, а постигна 43 гола.

На потег е ФФМ: Натпреварот во Куманово имал и трето полувреме? (Видео)

Струга славеше со убедливи 0-4 на гостувањето кај Башкими, но според информациите од Куманово, мечот имал и трето полувреме. На видеото може да се забележи дека има мешаница кај клупата на гостите по завршувањето на мечот, но нема официјална информација дали вербалната расправија прераснала и во физичка.

Според дел од медиумите, по натпреварот имало и „заложничка“ драма, бидејќи фудбалерите на Струга биле затворени во соблекувалната, а се чекало интервенција на специјалната единица на МВР за да може безбедно да бидат спроведени надвор од стадионот на Башкими.

Сега на потег е Фудбалската федерација на Македонија, односно Дисциплинската комисија, која треба да го разгледа случајот и доколку навистина имало инцидент, да изрече жестоки казни.

Баерн Минхен нема конкуренција: На четири кола пред крајот ја освои 35-тата титула во Бундеслигата (Видео)

Баерн Минхен и официјално е старо-нов шампион на Германија, откако пред својата публика го победи Штутгарт со 4-2 и сега има недостижни 15 бода пред Борусија Дортмунд на четири кола пред крајот на Бундеслигата.

За „баварците“ ова е 35-та титула во историјата, до која дојдоа со неверојатни бројки. Баерн има само еден првенствен пораз оваа сезона, постигнаа 109 гола, а примија само 29, по 30 првенствени кола. Нема сомнеж дека статистиката ќе биде и подобра, со оглед дека треба да се одиграат уште четири меча, кои нема да имаат резултатско значење.

Победата против Штутгарт беше најавена уште во првото полувреме, после кое Баерн Минхен имаше водство од 3-1 со головите на Гереиро, Џексон и Дејвис, но гостите први поведоа преку Фурих.

Четвртиот гол за „баварците“ беше дело на Хари Кејн, кој дојде до неговиот 32-ри првенствен погодок оваа сезона.

Халанд го води Сити кон врвот, до крајот ќе се бркаат победи, но и голови (Видео)

Манчестер Сити го доби дербито на сезоната во Премиер лигата и славеше со 2-1 над Арсенал пред својата публика. Тоа значи само едно – до крајот на сезоната ќе се бркаат победи, но и голови, бидејќи на крајот може да биде одлучувачка токму гол-разликата.

„Граѓаните“ дојдоа во водство по одличната акција на Рајан Шерки во 16-тата минута, но радоста траеше кратко.

Само две минути подоцна, голем, неверојатен кикс на Џиџи Донарума. Хаверц блокираше, а топката од неговата нога се одби во мрежата на Манчестер сити.

Големата победа за Манчестер сити ја донесе Ерлинг Халанд во 65-тата минута и најави драма во последните пет премиерлигашки кола.

Арсенал останува лидер и покрај поразот со 70 бода. Манчестер сити е втор со 67, но и натпревар помалку, што би значело дека со евентуална победа над Кристал палас во одложениот меч, ќе се израмнат до врвот. До крајот на првенството има уште пет кола, во кои и двете екипи ќе мора да победуваат, но и да победуваат со што е можно поголема гол-разлика, бидејќи во случај на ист број на бодови – ќе одлучува гол-разликата, а не меѓусебниот дуел.

Барселона има понуда за Левандовски: Нова улога, но и двојно помала плата

Актуелниот, а многу веројатно и нов шампион на Шпанија, Барселона има итна задача: да ја дефинира иднината на Роберт Левандовски.

На полскиот напаѓач му истекува договорот, а неговото останување или заминување ќе има големо влијание врз реконструкцијата на нападот за следната сезона.

Свесни за важноста на ова прашање, од каталонскиот клуб веќе презеле први чекори. Спортското раководство одржало состанок со Пини Захави, агентот на играчот, за директно да му го претстави планот на клубот.

Пораката е јасна: Барселона има нова улога за Левандовски во идниот проект.

Со 37 години, настапите на напаѓачот во последните месеци предизвикаа сомнежи. Далеку е од оној решавачки стрелец кој пристигна на „Камп Ноу“ пред четири сезони со голема инвестиција.

По три одлични години, неговите бројки опаднаа, а го надминаа дури и соиграчи како Ламин Јамал и Феран Торес. Повредите дополнително влијаеја врз неговиот континуитет.

Во ваков контекст, клубот нуди продолжување на договорот под нови услови. Барселона сака Левандовски да остане, но со значително намалена плата и со улога на ментор и резервен напаѓач, додека паралелно ќе бара нова ѕвезда што ќе го предводи нападот.

Според информациите, на Левандовски му е понудено намалување на платата дури за 50 проценти.

Ѓорче Петров нема конкуренција, трета година по ред го освои Купот на Македонија

Ракометарките на Ѓорче Петров и трета година успеаја да го освојат трофејот од Купот на Македонија. „Лавиците“ од западната скопска населба во финалето во Струмица успеаја да го победат дебитантот Спартак со минимални 33-30.

Иако актуелниот шампион на Македонија важеше за голем фаворит, сепак, Спартак пружи достоен отпор, но не успеа да направи нова сензација и по елиминацијата на Чаир, да слави и над Ѓорче Петров.

Ишиќ, Гугуљанова и Ризоска со по седум гола беа најефикасни во победничкиот состав, додека во поразениот Зечевиќ постигна 12 гола, а Николовска 10.

Ова беше трет трофеј за Ѓорче Петров од Купот на Македонија, но ако ги сметаме и трофеите на Кометал ЃП, тогаш ова е рекорден 19-ти пехар од Купот на Македонија.