21.8 C
Skopje
понеделник, 15 септември 2025
Дома Blog Страница 9454

Нема од што да се плашиме: Бахреин два пати завршувал претпоследен на СП

Македонската ракометна репрезентација во 14 часот игра против Бахреин, во второто коло од Светското првенство во Германија и Данска. Нашите ракометари стартуваа со победа над Јапонија (38:29), а и денеска ја имаат улогата на фаворити. Бахреин не е противник од кого треба да се плашиме, а тоа го покажува и статистиката.

За Бахреин ова е трето учество на Светските првенства. Дебитираа во 2011 година, кога во Шведска, на седум меча претрпеа пет порази, а два пати победија. Во групната фаза беа подобри од Египет (27:26), а потоа за избегнување на последното место на Мундијалот, ја победија Австралија со 33:23. Гол разликата им беше очајна со 166 дадени и дури 227 примени голови.

Пред две години во Франција беа уште послаби. Во седум меча претрпеа шест порази, а во мечот да не бидат последни на турнирот, славеа против Ангола. На крај повторно завршија на 23 место на турнирот, со гол разлика 172:213.

Сега, во Германија, во првото коло Бахреин загуби од Шпанија со 33:23. Македонија е голем фаворит на денешниот меч, но тоа треба да го покаже и на теренот против селекцијата која на двете учества на СП завршува на 23 место, од 24 селекции.

 

Салах се издвојува од другите левучари во Премиерлигата

Најдобриот африкански фудбалер, Мохамед Салах, е најдобриот играч и во англиската Премиерлига, а тој се издвојува од колегите кои шутираат со лева нога, и по уште една статистичка категорија.

Од последните 10 изведени пенали во Премиерлигата шутнати со лева нога, утнати се дури 6, а во гол биле претворени четири. Сите четири погодоци се дело на Египќанецот кој вчера со шут од 11 метри му донесе минимална победа на лидерот Ливерпул на гостувањето кај Брајтон.

Малерот на пеналџиите левучари засега Салах успешно го избегнува. На листата на фудбалери кои шутнале пенал со лева нога и не ја затресле мрежата, се Ријад Марез од Манчестер сити, Абубакар Камара од Фулам, Џо Ролс од Кардиф сити, Кенеди од Њукасл и Џердан Шаќири кој сега е во Ливерпул, а во минатата сезона кога го утна пеналот, играше за Стоук.

Најтешкиот пат – Да штедиме сили и да победиме

Македонија ќе бие битка за втора победа во Б групата на ракометниот Мундијал, типуваме сигурен триумф, во меч со помал број на голови од 56, колку што е основната граница во неделниот додаток на Sport Life.

Ќе биде интересно и на дербито во Премиерлигата меѓу Тотенхем и Манчестер јунајтед, прогнозираме и ефикасен меч во Ливерпул и победи на Барселона и Наполи.

Македонија – Бахреин (14 часот)

Нашата репрезентација е голем фаворит за победа против азискиот вицешампион. Секако сите очекуваме втор триумф на ракометниот Мундијал, што заеднички го организираат Германија и Данска.

Но, денеска треба и да се победи и што повеќе да се зачуваат сили за следните предизвици. По овој меч македонските ракометари ќе имаат 25-26 часа за одмор и веднаш, утре од 18 часот ни доаѓа на распоред дуелот со Хрватска.

Бахреин загуби очекувано од Шпанија, најавуваат дека ќе се обидат да ја победат Македонија, а тоа можат да го сторат веројатно само во меч што би имал бавно темпо.

Раул Гонзалес израсна во еден од најдобрите светски тренери, а овојпат ќе има тешка задача да најде и победнички рецепт и да ги сочува главните играчи на Македонија од евентуални повреди и замор. Немаме „долга“ клупа, но имаме доволно квалитет за триумф против Бахреин, во меч со помалку од 56 голови.

Предлог тип: 1&<55,5 голови (2.13)

 

Евертон – Борнмут (15.15 часот)

Ова е дуел на две екипи кои се во криза и играат катастрофално во последно време. Евертон има само една победа на последните 8 меча во Премиерлигата и менаџерот Марко Силва е под голем притисок. За него можно е денешниот меч да биде во стилот „Да се биде, или не“, по состанокот со првиот човек на „карамелите“ Фархад Мошири. Силва е предупреден дека Евертон ги нема резултатите што се очекуваа, па победата е императив.

И гостите се во голема криза, загубија дури 10 од последните 13 натпревати во сите конкуренции во Англија, па ќе се обидат да ги освојат бодовите на „Гудисон Парк“. Во составот ќе биде големото засилување од Ливерпул, Натаниел Клајн и се очекува тој да дебитира денеска. Од криза се излегува со голови и победи, па типуваме дека ќе биде ефикасно попладне во Ливерпул.

Предлог тип: ГГ&3+ (1.93)

 

Тотенхем – Манчестер јунајтед (17.30 часот)

Ова е првиот посериозен тест за Оле Гунар Солскјер и неговата победничка серија со Манчестер јунајтед. Норвежанецот успешно го замени Жозе Мурињо на кормилото на најтрофејниот англиски клуб, но победите се забележани во дуели со послабите екипи во Премиерлигата.

Тотенхем е поинаква димензија, има екстра-квалитетен состав што игра долго заедно и ќе биде тежок тест за Јунајтед. Проблем за домаќините е отсуството на јужнокореецот Хјонг Мин Сон и повредата на Лукас Моура. Подолго време надвор од строј се Фертонген и Даер, можно е да не игра и Дембеле, но домаќинот е фаворит. Тотенхем има и повеќе успеси во последните меѓусебни дуели, славеше на четири од пет и е поблиску до нов триумф, денеска на „Вембли“.

Предлог тип: 1Х&ГГ (2.20) Квота на денот

 

Барселона – Еибар (18.30 часот)

Поразот од Леванте во купот на Шпанија е лоша епизода за Барселона, без разлика што не играа главните ѕвезди, Меси, Суарес, Пике, Алба…

Ла Лига е поинаква приказна и Каталонците играат извонредно сезонава. Тие се први фаворити за титулата, моментно се на врвот со пет бода предност пред Атлетико Мадрид и дури 10 пред вечниот ривал Реал Мадрид. Шансата за нова титула е огромна и вакви мечеви мора да се добиваат.

Патем, Еибар никогаш не ја победил Барселона во официјален меч од шпанското првенство и има биланс за Рипли. Осум порази на 8 меча, со гол – разлика од 4:28.

Предлог тип: 1&2+ пол. (2.00) Квота на денот

 

Наполи – Сасуоло (20.45 часот)

Во купот на Италија веќе нема поправен испит. Се игра еден меч, а Наполи е класичен фаворит за пласман во четвртфиналето. Ако победат би играле против Милан и повторно би биле фаворити, што е поволен расплет на работите за силниот состав од Неапол.

Сасуоло знае да ги изненади италијанските големци, но против Наполи никогаш не победил на „Сан Паоло“, па и денеска тешко ќе стаса до подвиг.

Предлог тип: 1&2-4 (2.15) Квота на денот

 

Нека лета почесто – Братскиот цепелин на Лазарови во Топ-5 (Видео)

Кирил Лазаров мајсторски до Филип Лазаров и летна супер цепелин во „Олимпија Хале“ во Минхен, а Интернационалната ракометна федерација го награди блесокот на браќата. Очекувано со место во Топ-5 најатрактивни моменти во првото коло на Мундијалот.

Нека биде почесто така и денеска против Бахреин, а и во продолжението од шампионатот. Македонија има ракометни мајстори што знаат да одиграат, а во продолжение погледнете ја феноменалната акција на Лазарови, асистенцијата на Кирил до Филип за гол против Јапонија и место во Топ-5 во изборот на ИХФ.

Јувентус испрати доктори во Лондон, Рамзи ги мина медицинските прегледи и ќе потпише 5-годишен договор

Арон Рамзи ги мина медицинските прегледи и тоа во присуство на екипа доктори од Јувентус, која специјално допатува во Лондон и ќе потпише петгодишен договор.

Сега мисијата треба да се заокружи со попуст од Арсенал, а од таборот на италијанскиот првак бараат велшкиот репрезентативец да пристигне во Торино веднаш, во зимскиот преоден рок. Првичниот договор меѓу двата клуба е Арон да игра за лондонските „топчии“ до лето, па потоа да се пресели во Јувентус.

Основната плата ќе му биде 6,5 милиони евра годишно и ќе биде третиот најплатен фудбалер на Јуве, но со бонуси може и да го претрка Паоло Дибала и да биде веднаш зад првата ѕвезда на тимот Кристијано Роналдо.

Рамзи беше еден од најталентираните фудбалери во Англија, но честите повреди и неспортскиот живот го спречија докрај да го презентира раскошниот потенцијал. Има 28 години, а на Јувентус ќе му биде добредојден во средниот ред.

Македонскиот Џеко ќе тренира дански четвртолигаш

Џевдет Шаиноски продолжи во фудбалските води и по успешната кариера како играч, сега е тренер во Данска. Од вчера го презеде кормилото на тамошниот четвртолигаш Херлев.

Популарниот Џеко долг период живее во Данска, а ја прифати понудата да биде кормилар на тимот од предградието на Копенхаген.

Ова  му е втор обид да биде шеф на стручен штаб на данска екипа и ќе се обиде да стаса до повисок ранг на натпревари со Херлев.

Шаиноски има 26 настапи за македонската репрезентација, постигна два гола, а особено го паметиме погодокот што го постигна во 1998 година на „Максимир“ против Хрватска во квалификациите за настап на Европското првенство во 2000 година.

Фудбалската кариера ја почна во Тиквеш, потоа блескаше во Вардар, од каде замина во холандскиот прволигаш НЕЦ Најмехен. Оттаму се пресели во Германија во редовите на Хановер, па следеше преселба во Скандинавија, прво во составот на Б 93, а потоа и во Нордсјеланд.

Повторно ќе решаваме исландска шема – Бахреин мора да падне во Минхен

Раул Гонзалес и неговите соработници од стручниот штаб на македонската ракометна репрезентација повторно успешно треба да решаваат исландска шема на ракомет, денеска од 14 часот во Минхен, против Бахреин.

Вицешампионот на Азија го предводи Арон Кристјансон, Исланѓанец, кој успеа да го крене ракометот во Бахреин на повисоко ниво. Оваа селекција е трикратен вицешампион на Азија по ред, а Катар редовно им беше непремостлива пречка за континенталната титула на последните три првенства.

Во првото коло во Минхен во меч од нашата група очекувано загубија од Шпанија со 23:33, но против еден од фаворитите на шампионатот и не очекуваа многу, освен да не доживеат дебакл.

Особено треба да се внимава на двата бека, Мохамед Хабиб и Хусеин Ал Сајад кои беа најефикасни против Шпанците со по 7 погодоци. Сите нивни репрезентативци настапуваат во две првенства, домашното на Бахреин и во Саудиска Арабија, па искуството со настапи на големите натпреварувања ќе биде хендикеп за нив и голема предност за Македонија.

И во првото коло игравме против ривал со селектор од Исланд, а популарниот „Ел команданте“, Раул Гонзалес, успешно го прочита планот на јапонскиот кормилар Дагур Сигурдсон и сигурно и убедливо ги победивме самураите со 38:29.

И денеска Македонија е фаворит и тоа огромен, па се очекува втора победа пред дуелите со посилните селекции во нашата Б група.

 

 

Гол за мерак – Мошиќ со магична парабола го „фати“ Жерар на спиење (Видео)

Иван Мошиќ го постигна најинтересниот гол во досегашниот тек на Мундијалот, а српскиот ракометар успеа да го фати на спиење искусниот Винсен Жерар и му даде гол преку блок, со удар од десеттина метри.

Првото полувреме веќе беше готово, остана само Мошиќ да го изведе ударот од место и тоа од огромна далечина преку блокот составен од сите репрезентативци на Франција и успеа. Со технички совршено изведен удар го погоди аголот на голот на Жерар, кој лошо реагираше, но тоа не го намалува ефектот.

Погледнете го итри изведениот удар на српскиот репрезентативец и најинтересниот гол досега на Мундијалот што го организираат Германија и Данска.

Двапати го прескокна Вардар, сега е пред трансфер во Челзи

Леандро Паредес е најавен како зимско засилување за Челзи, а како што и самиот играч објави преговорите се во завршна фаза, па најскапата аквизиција на Зенит веројатно ќе се пресели на „Стемфорд Бриџ“.

Паредес во јули 2017 година од Рома пристигна во рускиот клуб од Санкт Петербург, за тогаш рекордна сума од 25 милиони евра, но двапати го прескокна Вардар во мечевите од Европа Лигата.

Поради одлука на Роберто Манчини, во тој период тренер на Зенит, аргентинскиот ас не играше на 14. септември во Скопје против Вардар во меч од Европа Лигата, а потоа го немаше во составот и на дуелот на „Крестовски“ стадионот во Санкт Петербург на 23. ноември.

Паредес има 24 години и е играч од средниот ред, а со него во Челзи ќе пристигне и Николо Барела од Калјари, исто така фудбалер кој настапува во средниот ред.

Грифин се одмазди со маестрална партија – Кам-бек во Лос Анџелес со 44 поени

Блејк Грифин се врати триумфално во Лос Анџелес и одигра маестрален меч против Клиперс, зачинет со 44 поени, за победа на Детроит пистонс од 109:104.

Крилото на Детроит си поигруваше со своите поранешни соиграчи, а му се одмазди на сопственикот на Клиперс, Стив Балмер за таинствениот начин на кој беше разменет во новиот клуб.

Грифин објави при заминувањето во Детроит дека воопшто не бил информиран за трампата и дека на  некој начин бил изманипулиран од Балмер. Со него не се поздрави, но затоа доби овации од навивачите на Клиперс при претставувањето на почетните петорки.

И потоа почна со танцот на паркетот во „Стејплс центар“, а неговите поранешни клупски колеги немоќно ја следеа извонредната партија зачинета со 44 поени. Одличен беше и центарот на гостите Андре Драмонд со 20 поени и 21 скок, Реџи Булок погоди две клучни тројки во финишот, доволно за 18-та победа на Детроит и 18-ти пораз за Клиперс.

Тоа беше и единствената победа на гостинска екипа во осумтте натпревари во НБА лигата.

Резултати: Детроит – Л.А. Клиперс 104:109, Мајами – Мемфис 112:108, Орландо – Бостон 105:103, Минесота – Њу Орлеанс 110:106, Оклахома – Сан Антонио 122:112, Феникс – Денвер 102:93, Сакраменто – Шарлот 104:97, Јута – Чикаго 110:102.