26.8 C
Skopje
среда, 10 септември 2025
Дома Blog Страница 9485

Мејведер за девет минути ќе заработи 69 милиони фунти

Флојд Мејведер реши уште еднаш да се врати од пензија и тоа богато ќе го наплати. Мејведер ќе боксува три рунди кои ќе бидат по три минути, против јапонскиот кикбоксер Теншин Насукаве. Интересно е што оваа борба ќе биде дури и без судија во рингот.

Јапонските медиуми пренесоа дека Мејведер за вкупно девет минути борба ќе заработи неверојатни 69 милиони фунти, односно по 23 милиони фунти по рунда, 7.666.666 милиони по минута, односно 127.777 фунти по секунда.

https://twitter.com/sportbible/status/1079682915733331968

Бешикташ го врати Јилмаз и тргна во нова офанзива по Јаховиќ и Пато

Првиот човек на Бешикташ, Фикрет Орман тргна во нова офанзива за ангажман на Адис Јаховиќ, иако во првиот налет беше одбиен од раководството на Коњаспор.

Сумата што ја понуди турскиот гигант за ангажман на македонскиот интернционалец од 1,6 милиони евра не беше прифатена од Коњаспор, но Бешикташ е голем клуб и има сериозни намери да го ангажира Јаховиќ.

Рецептот е покрај пари да и се понудат играч(и) на Коњаспор за да се реализира трансферот, а најавено е дека покрај Јаховиќ во фокусот на Бешикташ како зимски засилувања ќе бидат донесени и Александре Пато и Бурак Јилмаз.

Со Јилмаз веќе е постигнат договор и 33-годишниот поранешен репрезентативец на Турција за сума од околу 6 милиони евра ќе се врати во Бешикташ. Отштетата за Трабзонспор е 1,2 милиони евра, а Бурак ќе инкасира 4,8 милиони евра за две години.

Орман му дал гаранција на тренерот Шенол Ѓунеш дека најмалку двајца од овие три играчи ќе се појават на првиот тренинг на зимските подготовки во „црно-белиот“ дрес на Бешикташ.

Бразилецот Пато моментно игра за кинескиот клуб Тијанџин, а и тој има понуда од повеќекратниот турски шампион.

Пато сигурно се враќа во Европа и можно е Бешикташ да му биде четвртиот клуб од стариот континент, по настапите за Милан, Челзи и Вилјареал.

Орман веднаш ги реши сите проблеми околу ангажман на Јилмаз, еден од ретките играчи што настапувал за големата турска четворка, Галатасарај, Фенербахче, Бешикташ и Трабзонспор.

Јилмаз го носеше дресот на Бешикташ од 2006 до 2008 година, па по цела една деценија прави кам-бек. Сега останува трката меѓу Јаховиќ и Пато, а можно е пакетот да биде комплетен, па и двајцата со Јилмаз да бидат новите засилувања за клубот со големи амбиции и реноме во Турција.

Изумира бразилскиот шарм на користење прекари

Постарите љубители на фудбалот, кои ги паметат Диди, Гаринча, Вава, Пеле, знаат дека во минатото за бразилската репрезентација беше карактеристично да се користат прекари, но таа традиција како да изумира и на СП во Русија единствен што го препознаваат по прекар беше селекторот Тите. Играчите си ги користеа презимињата и ова беше прв Мундијал по 1974 на кој Бразилците немаа играч познат по својот прекар.

Габриел Фернандо де Жесус како младинец го викале Борел, така го знаеле сите, но откако тој премина во Манчестер сити, стана Габриел Жесус. Некогашниот Марселињо од Сао Пауло, сега е Лукас Мура. Со формалноста кај новите генерации, се губи врската на навивачите со соите идоли, сметаат постарите Бразилци.

Трендот не е само кај репрезентативците, туку и на клупска сцена. Некои бразилски клубови го бараат тоа, па сè помалку бразилски фудбалери настапуваат под прекар. И во младата репрезентација за играчи до 20 години нема играч пријавен со прекар. Постојат оние со додавките „ињо“ (мал) и „ао“ (голем), но тоа не е исто како прекар. Фабињо или Паулињо немаат ист шарм како Кафу или Зико. Имаше двајца Жунињовци, па за да се разликуваат, едниот го викаа Паулиста, другиот Пернамбукано, по сојузните држави од кои доаѓаат.

Некогаш прекарот нема врска со географијата. Алемао (големиот Германец), кој играше на СП во 1986 и 1990, не беше со потекло од Германија, туку имаше светла коса и очи.

Графите пред десет сезони беше прв стрелец во шампионскиот тим на Волфсбург, а името му е Едналдо, иако пријателите го викале Дина. Тренерот во клубот каде што ја почнал кариерата му рекол дека Дина е многу нежно, па почнал да го вика Графите бидејќи му личел на некој со таков прекар.

Некои фудбалери земаат прекари по суперхерои или цртани ликови. Така ги има Хулк, Дунга (џуџето глупавко од приказната за Снежана), Карека (постоел кловн Карекиња), итн.

Бразилците имаат навика да им ставаат прекари на сите, од портир до претседател.

„Дали Пеле ќе беше она што стана ако настапуваше како Едсон Арантес? Веројатно да, но секако би бил помалку популарен. Не можам да замислам некој да го вика Арантес, смешно е. Многу имаат и по две имиња како Тијаго Силва, Тијаго Невес, тоа е тажно“, вели Тостао, чиј прекар значи паричка, а го добил бидејќи бил понизок од другарите со кои играл фудбал.

Од сѐ по нешто за последниот ден од 2018 година

Дочекот на Новата година и фактот дека е последен ден од 2018 година, не ги спречува репрезентациите да си ги одмерат силите во средби од пријателски карактер. Во САД мора да се игра и на 31-ви декември, но и на првиот ден од јануари, јасно е зошто е тоа така. Мора да има забавни настани за навивачите и љубителите на спортот. Тениската сезона штотоку почна, па новогодишната еуфорија не е пречка за тенисерите.

Јужна Кореја – Саудиска Арабија (17 часот) 

Контролната средба ќе им даде увид на двете селекции колкав им бил напредокот во изминатава година. Јужна Кореја од септември игра само пријателски средби, по кои имаат учинок од три победи и три ремија, без пораз. Што се однесува за Саудиска Арабија, тие на пет пријателски натпревари забележаа само еден триумф, еден пораз и три ремија. Неутралниот терен во Абу Даби најавува дека ќе се игра без притисок, па се очекуваат и погодоци.

Предлог тип: 1X 2-4 (1.90) – квота на денот

 

Kaтар – Иран (18 часот)

И тука се очекуваат голови. Само еден пораз на последните пет пријателски средби во кои Катар забележа три победи и едно реми. Но, и Иран е во позитивна низа, со три триумфи и две ремија ќе сакаат и по овој натпревар да останат непоразени. Иранците се минимални фаворити, па се очекува да има повеќе од два погодоци на овој меч.

Предлог тип: 1+I & 2+ (2.0) – квота на денот

 

Колшрајбер – Бердих (15:35 часот)

Катар е убаво место да се почне новата тениска авантура. Првото коло од АТП-турнејата во Доха носи доста интересен меч, помеѓу Филип Колшрајбер и Томаш Бердих. Искусните тенисер имаат подеднакво шанси да се пласираат во следата рунда, што значи дека се предвидува да биде  неизвесно до самиот финиш.

Предлог тип: >22.5 гемови (1.80)

 

Индијана пејсерс – Атланта хокс (21 часот)

Индијана изненадувачи игра добро во изминатиов период, се наоѓа при врвот во Источната конференција и е на половина пат да обезбеди плејоф. Со четири последователни победи, вечерва ќе дадат сѐ од себе да не ја разочараат домашната публика. „Соколите“ постепено го подобруваат учинокот, имаат само еден пораз во последните пет меча.

Двете екипи ги одмерија силите пред четири дена, а тогаш Индијана беше подобра за нијанса при конечни 129:121, но густиот период по сите изгледи ќе ги оневозможи повторно да постигнат толкав број поени.

Предлог тип: <218.5 (2.05)

 

Вашингтон капиталс – Нешвил предаторс (18:30 часот)

Актуелните шампиони ќе се обидат да го искористат катастрофалниот пад на формата на „предаторите“. Малку зачудува како може една екипа која при стартот на сезоната конкурираше за првите места во Западната конференција и правеше во неколку наврати серии со победи, наеднаш да претрпи колапс и да почне да губи во низа. Тоа се случува со Нешвил, шест меча не можат да се израдуваат, а ниту денес не им се пишува добро против расположениот Овечкин и бранителите на пехарот на „Стенли“.

Предлог тип: 1 & 5+ (2.59)

Сер Алекс Фергусон денеска слави 77 години, а неговиот Манчестер му го даде најдобриот подарок (Фото)

Најтрофејниот тренер во историјата на англискиот фудбал, Сер Алекс Фергусон имаше турбулентна 2018 година. Пред неколку месеци, популарниот Ферги доживеа мозочен удар, но успеа целосно да закрепне и повторно да се врати на неговата пасија, фудбалот и на трибините на „Олд Трафорд“.

Сер Алекс ги следеше мечевите на својот тим, но делуваше разочарано бидејќи Манчестер не играше како во времето кога тој беше на клупата. Сепак, во средината на декември се случи пресврт. Жозе Мурињо доби отказ од Манчестер, а на негово место беше донесен Оле Гунар Солскјер.

Норвежанецот кој 11 години помина како играч во Манчестер и ги освои сите најзначајни трофеи, го прероди тимот. Со Солскјер на чело, Манчестер повторно почна да победува, и тоа со атрактивна игра и многу голови. Во трите меча како предводник на најтрофејниот тим во Англија, Солскјер забележа три победи, од кои две беа на „Олд Трафорд“.

Токму на вчерашниот меч против Борнмут, на трибините беше и Сер Алекс, кај кого по подолго време се забележа насмевка и задоволство на лицето. Ферги повторно е среќен бидејќи неговиот Манчестер победува убедливо. Подобар подарок за легендарниот Шкот, кој денеска полни 77 години, не ни можеше да има.

https://twitter.com/sportbible/status/1079431442537553920

Франција завладеа со светот, Реал остана на врвот, Модриќ ги засени Меси и Роналдо

Малку кој очекуваше дека Реал Мадрид ќе може да ги одбрани европската и светската титула, но речиси сигурно никој не можеше да предвиди дека „кралевите“ ќе останат на врвот три години во низа. Едни од најубавите моменти од меѓународниот фудбал за 2018 година му припаднаа токму на гигантот од „Сантијаго Бернабеу“.

Не доминираше само Реал Мадрид, туку и нивниот маестро Лука Модриќ. Хрватот направи „чистка“ собирајќи ги сите индивидуални награди годинава, меѓу кои е и најпрестижната – Златната топка, која дочека по 10 години да ја држи некој друг, не само Роналдо и Меси.

Оваа година најмногу ќе ја паметат Французите – „Триколорите“ со Дешамп на чело ја освоиjа втората светска титула во нивната историја, точно 20 години откако за првпат го кренаа трофејот на „Жил Риме“.

НИКОЈ НЕ МОЖЕ ДА МУ ПАРИРА НА „КРАЛОТ“

Токму така, никој не може да му парира на Реал Мадрид и тешко дека некој ќе ги стигне по бројот на титули во Лигата на шампионите. „Кралевите“ трети пат во низа го подигнаа пехарот кој им носи статус „газди во Европа“, што беше нивен вкупно 13-ти во историјата. Се чекаше 28 години за еден клуб да успее да ја одбрани титулата, а Реал тоа го направи два пати по ред.

Многу фактори беа клучни за да се оствари невозможното. Зинедин Зидан стана „доктор“ по елиминациски мечеви, како и финални пресметки. Нападот предводен од еден од најдобрите кои некогаш го играле овој спорт, Кристијано Роналдо, средината командувана од Модриќ и Крос, додека Серхио Рамос го држеше одбранбениот ѕид и сите со една помисла влегуваа во секој меч – никој не е подобар од нив. Таков победнички менталитет им вметна „Зизу“, а тие навистина докажаа дека нема никој подобар од нив.

Не само Лигата на шампионите, Реал трипати во низа го освои и пехарот на Светското клупско првенство. И таму се рекордери, четири светски титули, иако при освојување на последната титула во составот недостасуваше Роналдо, како и Зидан на клупата. Три од три за малку ќе беше и во Суперкупот на УЕФА, но градскиот ривал Атлетико Мадрид со почетокот на сезоната 2018/19 им го украде тој трофеј на „кралевите“.

СВЕТОТ ОБОЕН ВО ТРИ БОИ: СИНА, БЕЛА И ЦРВЕНА  VIVE LA FRANCE

Среќата им се насмевна на Французите 20 години подоцна, откако прв пат го освоија светскиот пехар. Се роди една генерација полна со ѕвезди и идни главни фаци во фудбалот, па Дидие Дешамп ги собра на едно место. Собирот беше во Русија, а таму „триколорите“ играа и се бореа цел месец, за повторно во рацете да го имаат „Жил Риме“, или некогашната „Викторија“. Тим во кој се Антоан Гриезман, Пол Погба, Н’голо Канте, Килијан Мбапе, не може, а да не се смета за фаворит. Па така, и француската селекција го оправда тој епитет, a до самиот врв покосуваа гиганти, како Аргентина, Уругвај, Белгија, за на крајот да се пресметаат со импресивните „коцкести“.

Малку внимание треба да се посвети и на вицепрвакот. Балканска земја е вицешампион на светот – не е мала работа. Никој, ама буквално никој не очекуваше дека Хрватска ќе може да стигне да се бори за самиот трофеј. Никој, освен самите тие. Со диригентот Лука Модриќ, Хрватска сакаше да се мери и надигрува со најдобрите, па покажаа дека се фудбалски мајстори од почеток до самиот крај на Мундијалот. Патот до финалето воопшто не им беше лесен. Данска победена на пенали, Русија – на пенали, во полуфинале против Англија се радуваа по 120 минути игра. Исцрпупвачко и макотрпно беше нивното патешествие, но трудот на крајот се исплатеше. Ниту против Франција не се предадоа, во најмала рака ги натераа „триколорите“ до последна капка пот да се борат.

Од овој Мундијал започна и доминацијата на Лука Модриќ, кој беше избран за најдобар играч на првенството во Русија, додека Килијан Мбапе доби одличје за најдобар млад фудбалер.

КОНЕЧНО НЕКОЈ СЕ НАЈДЕ ДА ГИ ТРГНЕ МЕСИ И РОНАЛДО ОД ПРЕСТОЛОТ – ЛУКА МОДРИЌ, НАЈДОБРИОТ ФУДБАЛЕР ЗА 2018 ГОДИНА

Се прашуваа фудбалските фанови, до кога ќе ги гледаме Меси и Роналдо како ја освојуваат Златната топка? Одговорот е додека не се налути Лука Модриќ. Маестро, диригент, доктор, се само дел од прекарите кои ги доби Хрватот во изминатава година. Од претходно наведените одбележја, во сите главен актер е Модриќ.

Експертите конечно сфатија дека не е сѐ до давање голови, туку има и убавина во разигрувањето и придонесувањет на истите тие погодоци. Токму тие работи му ја донесоа Златната топка на Модриќ, прва во неговата кариера. Една деценија Меси и Роналдо ги менуваа местата, многумина се обидуваа да ги тргнат од престолот, а му успеа само на Лука.

Модриќ претходно ги собра наградите за најдобар фудбалер од страна на УЕФА, ФИФА, како и на Мундијалот во Русија. Му недостасуваше најпрестижната, па и таа си ја зеде.

НЕМА ПОДОБАР ГОЛГЕТЕР ОД ЛИОНЕЛ МЕСИ ВО 2018 

Од првиот, па сѐ до последниот месец од 2018 година, Лео Меси реализираше 51 погодок за Барселона и Аргентина. Петкратниот освојувач на Златната топка покажа зошто е најдобар во неколку наврати, Барса на негов товар постигнуваше успех, а тој во ниту еден момент не се засити од тресење мрежи. Со 51 гол, Меси е пред Кристијано Роналдо, кој како играч на Реал Мадрид и Јувентус, но и на Португалија, годинава застана на 49 гола.

За сезоната 2017/18, Меси ја доби Златната копачка, петта во неговата богата кариера. Тоа беше сезона во која постигна 34 погодоци, два повеќе од Мохамед Салах. Тој придонес на Каталонците им обезбеди да стигнат до двојната круна во Шпанија, а оваа сезона Меси им вети на навивачите дека ќе го врати трофејот од ЛШ на „Камп ноу“, па засега е на добар пат да го направи тоа.

Возбудувања имаше многу во 2018 година, останува да почекаме и да се надеваме дека и Новата година ќе донесе слични фудбалски волшебства и воздишки.

Рома сака да го купи големиот турски талент

Со почетокот на Новата година, започнува и зимскиот преоден рок во Европа, во кој клубовите ќе се обидат да донесат нови играчи. Рома се фокусираше на еден од најталентираните турски играчи, Озан Кабак. Според турските медиуми, 18-годишниот тинејџер може уште во јануари да дојде на „Олимпико“.

Ослободителната клаузула на Кабак е 7,5 милиони евра, а Рома е подготвена да ја активира пред Кабак да се согласи на нов договор со Галатасарај или да се вмеша некој друг клуб кој би им го „украл“. Засега се споменува дека Манчестер јунајтед и Олимпик Лион, исто така, се заинтересирани за дефанзивниот халф.

Кошарката во 2018: Година на чудото Лука Дончиќ!

Ретроспективата на кошаркарската 2018 година не може да не мине во знакот на Словенецот Лука Дончиќ, кој само на 19 години го воодушевува светот и нема љубител на спортот со портокаловата топка кој нема да каже само заслужени пофалби за ова момче, кое не може да не го сакате.

Уште во септември 2017, на Евробаскетот кога Словенија стана европски првак, се виде дека Дончиќ е играч за кој „само небото е граница“. Со клубот Реал Мадрид, Лука во минатата сезона освои сè, а ги освои и наградите за најкорисен играч и во Евролигата и на фајнал форот на Евролигата и во шпанската лига.

Талентираното момче само на 19 години освои сè во Европа, па логично беше што одлучи да се пријави на НБА-драфтот и следниот чекор да му биде најсилната лига. Ако некој имаше дилеми дали тој може да се снајде во НБА, одговорот е брзо даден. Дончиќ во дресот на Далас маверикс од меч во меч игра сè подобро, поставува лични рекорди, а веќе го споредуваат и со Леброн Џејмс, Меџик Џонсон и Мајкл Џордан, како еден од најдобрите дебитанти што некогаш се појавиле.

Шпанските медиуми напишаа дека Дончиќ е како Халеевата комета, која се појавува на секои 75 години. И навистина, играч како Лука се раѓа многу ретко. Не се памети некој со 18-19 години да игра толку бестрашно, зрело и квалитетно, а да остане скромен и на земја, без да ја загуби главата од преголема слава или пари.

ВОРИОРС СО „МЕТЛА“ ДО ТРЕТА ТИТУЛА ЗА ЧЕТИРИ ГОДИНИ

Во НБА-лигата, титулата за 2018 година ја освои Голден стејт вориорс, тим кој има три шампионски прстени за четири години. Вориорс во финалето го прегазија Кливленд кавалирс со 4-0 (прва „метла“ во големо финале по 11 години), а повеќе се мачеа во финалето на Западот, кога играа седум меча во серијата против Хјустон. Кевин Дурант, Стеф Кари и останатите „воини“ и оваа сезона се главни кандидати, иако конкуренцијата на Западот им е дополнително засилена со ЛА лејкерс, кој го направи трансферот на деценијата со привлекувањето на Леброн Џејмс.

МАКЕДОНИЈА НА ЧЕКОР ОД ВРАЌАЊЕ ВО ЕВРОПСКАТА ЕЛИТА

Крајот на февруари 2019 година за македонскиот машки национален тим треба да го потврди она што беше сработено од избраниците на Јорданчо Давитков, пласман во квалификациите за ЕП 2021, во кои ќе играат најдобрите 32 тима во Европа. Откако во летото 2017 го допревме дното, преку две рунди на претквалификации, сега сме во позиција од ноември повторно да се натпреваруваме со најдобрите.

Женскиот тим не се прослави, убедливо ги загуби сите натпревари, но по паузата од неколку години, добро е што видовме до каде сме во однос на останатите, иако селекторот Марјан Лазовски на ниту еден меч го немаше комплетниот тим на располагање.

РАБОТНИЧКИ ПРВАК ПО 15-ТИ ПАТ, МЗТ ГО „ЛАПНА“ КУПОТ, НО ОСТАНА БЕЗ ГЛАВНАТА АБА-ЛИГА

По девет години пауза, Работнички се врати на тронот во македонската клупска кошарка и освои титула по 15-ти пат. Заврши серијата на ривалскиот МЗТ од шест титули по ред. Повторно се пееше шампионска песна во „Градски парк“, се славеше трофејниот тренер Марин Докузовски, но, за жал, Работнички е можеби и единствениот шампион на европска држава кој не учествува во ниту едно меѓународно натпреварување.

На Аеродромци им остана сеќавањето на сласта од освоениот Куп во Кавадарци, но за МЗТ оваа година беше неуспешна бидејќи испадна од АБА-лигата и сега е во второлигашкото јадранско друштво.

Во АБА 2 во минатата сезона играше АВ Охрид, но имаше епизодна улога и испадна оттаму. Од настапите на меѓународна сцена, Блокотехна стигна до фајнал форот на БИБЛ, но загуби во полуфиналето.

ПЕТАР НАУМОСКИ ОСТАНА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МКФ

Првиот човек на Македонската кошаркарска федерација, Петар Наумоски, ја „преживеа“ интерпелацијата на Вонредното собрание на МКФ. Во февруари се чинеше дека условите се созреани Наумоски да биде разрешен, но со серија „дриблинзи“, некогашниот плејмејкер повторно извојува тесна победа. Губитник беше Владо Илиевски, кој се надеваше дека ќе го наследи Пеце, а ако паднеше Наумоски, и тогаш на Изборното собрание Илиевски веројатно немаше да биде единствен кандидат.

Сепак, на еден или друг начин, Наумоски го собра потребниот број гласови за да остане на чело на Федерацијата. По тоа Собрание, дојде до стабилизација и Пеце не е загрозен, барем не до крајот на април 2019, кога му истекува мандатот.

Марко Ројс знае да пцуе на српско-хрватски (Видео)

Капитенот на Борусија Дортмунд и еден од најдобрите германски фудбалери, Марко Ројс, во тешки моменти на лутина и фрустрација не се изразува на својот мајчин германски јазик, кој е сиромашен со сочни пцовки, туку користи речник кој е добро познат „Од Вардар до Триглав“.

При смимањето на реклама за една автомобилска компанија, Ројс своите вештини требаше да ги покаже со погодување во горниот агол од паното кое беше развлечено низ отворен багажник на автомобил. Но, не успеа да ја уфрли топката низ дупката, па утката ја пропрати со извик кој често се користи на бившите југословенски простори.

Србите велат дека Ројс пцуел на српски, Хрватите дека пцуел на хрватски јазик. Соиграчи на Ројс беа Хрватот Иван Перишиќ и Србите Невен Суботиќ и Жељко Бувач. Кој од нив тројца бил „учителот“, не се знае.

Слушнете како реагира Ројс кога ќе се налути:

https://twitter.com/twitter/statuses/1074964441056362496

 

Лигата на нациите ни ја разубави фудбалската 2018 година

Македонија конечно по пост од речиси три децении, има одлична шанса да се пласира на големо натпреварување, а картите ни се отворени на два фронта.

Едниот, Лигата на нациите, го одигравме одлично и во конкуренција на Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар го освоивме првото место во нашата група во Сегментот Д, што нѐ носи само на два чекори од настап на Европското првенство во 2020 година.

Со пет победи и еден пораз избраниците на селекторот Игор Ангеловски успешно ја заокружија годината, што ни носи надеж за подобро фудбалско утре.

Годината ја почнавме со два пријателски натпревари во Анталија, против Финска и Азербејџан. На „Глорија арената“ ремизиравме без голови против Финците, а потоа на „Мардан“ на мегдан ни излезе Азербејџан. И против нив одигравме нерешено, но со по еден гол во двете мрежи и ја продолживме серијата без пораз на 7 меча по ред.

ЛИГА НА НАЦИИ, НОВ ПРОЕКТ НА УЕФА КАКО ПОРАЧАН ЗА МАКЕДОНИЈА

УЕФА во вистински момент се одлучи да промовира нов проект, Лигата на нациите за репрезентации, со одлична опција шампионите на четирите сегменти А, Б, Ц и Д да играат на Европското првенство во 2020 година.

Македонија почна од последниот по квалитет ранг на натпревари и со 15 бодови убедливо го освои посакуваното прво место. Лихтенштајн и Гибралтар ги победивме по двапати, а со Ерменија си поделивме по еден триумф и пораз на домашен терен.

Во 2018 година со првото место во нашата група си обезбедивме пробив еден ранг погоре, во Сегментот Ц во следното издание на Лигата на нациите. Но, и што е уште поважно, ќе имаме предност на домашен терен против Косово во нокаут-мечот во март 2020 година. Ако го минеме полуфиналето, нѐ очекува дуел против Грузија или Белорусија како последна пречка на патот кон историја и прв пласман на континентален шампионат.

ПАНДЕВ НЕ СТАРЕЕ, ПОЛСКАТА ГАРДА Е ЗРЕЛА ЗА УСПЕСИ

Горан Пандев има 35 години, но сè уште е лидер на теренот во нашата репрезентација. Во 2019 година нѐ очекува квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2020, како втора шанса, по полуфиналето во Лигата на нациите.

Капитенот сигурно ќе игра на дуелите од нашата група против Полска, Австрија, Израел, Словенија и Летонија, во циклусот што ќе почне во март следната година и ќе заврши во ноември.

Групата е изедначена и Македонија има шанси за подвиг преку редовните квалификации да си обезбеди настап на ЕП во 2020 година. Ако не, тука е алтернативниот пат, со две победи во завршницата на Лигата на нациите, да запишеме историја.

Како до патот на Европско првенство знае младата гарда предводена од Бобан Николов, Енис Барди, Дарко Велковски, Елиф Елмас, Висар Муслиу и уште неколку млади македонски фудбалери, кои играа на младинското ЕП во Полска во 2017 година. Со нив и со дел од поискусните репрезентативци Македонија има одлична шанса да се најде на собирот на најквалитетните европски селекции на јубилејниот шампионат, што ќе се игра во 12 различни земји, со финале во Лондон, на легендарниот „Вембли“.

ВАРДАР ДАЛЕКУ ОД РЕПРИЗА, НА ШКЕНДИЈА Ѝ СЕ ПОВТОРИ ПРОКЛЕТСТВОТО НАРЕЧЕНО ПЛЕЈОФ

Шкендија и третпат по ред не успеа да го урне проклетството наречено успех во плејофот во Лигата на Европа. По Гент и Милан во завршната етпата од циклусот квалификации за пласман во фазата по групи во ЛЕ, подобри од Тетовците беа фудбалерите на Розенборг. Ако во претходните обиди Гент и Милан беа пресилни и преголеми пречки за историски успех, Розенборг беше „печен“ за елиминација, иако во Скопје допатува со предност од 3-1. Ибраими и Емини не погодија пенали во реваншот и двајцата при резултат 0-0, а потоа норвешкиот првак казни со два гола во финишот за нова елиминација на Шкендија на последниот чекор.

Вардар со тоа остана единствената екипа од Македонија што играла групна фаза во Лигата на Европа, но најтрофејниот клуб беше далеку од реприза на 2017 година. „Црвено-црните“ по историскиот успех во претходниот циклус, во 2018 година веднаш се простија од настап во Европа, а ги елиминираше Пјуник со две победи.

Идентично минаа и Работнички против Хонвед и Шкупи со Глазгов ренџерс, па зимата беше далеку за македонските екипи во еврокуповите.

На домашен план, Шкендија беше неприкосновена и ги освои двете титули, во домашното првенство со рекордна разлика од 35 бодови пред Вардар и во националниот куп со рутински триумф од 3-0 во финалето против Пелистер.

Тетовци се лидери на табелата во домашното првенство и во новата сезона и 2018 година ја завршија на врвот со пет бодови повеќе од Вардар.