19.8 C
Skopje
недела, 7 септември 2025
Дома Blog Страница 9491

Алегри првпат го налути Роналдо

Кристијано Роналдо за пр пат сезонава еден меч на Јувентус ќе го започне од клупата за резерви. Јувентус утре ќе гостува кај Аталанта во меч од 18-тото коло на Серија А, а тренерот Масимилијано Алегри најави дека ќе има промени во составот.

Јувентус е во низа од 10 победи по ред во првенството и е убедливо прв, со најдобар старт на еден тим во историјата на Серија А. Во една таква ситуација, кога „старата дама“ нема опасност да биде загрозена на челната позиција во првенството, Алегри може да си дозволи да направи некои експерименти во составот. Покрај Роналдо, сигурно ќе паузираат уште неколку стандардни првотимци.

„Роналдо утре ќе биде на клупата за резерви заедно со мене. Тоа ќе биде првпат заедно да гледаме еден меч. Како што му ја гледав статистиката, тој мора да се штеди за во март, кога започнуваат кучните мечеви од Лигата на шампионите. Нашите Божиќни подароци ги делиме на крајот од сезоната, а не сега, па затоа има уште време за дарување. На крајот ќе видиме што сме заслужиле сите заедно“, рече Алегри.

Оваа вест дека ќе биде на клупата за резерви воопшто не го израдува Роналдо, кој се надева дека до крајот на 2018 година ќе успее да даде уште четири гола и на тој начин да ја продолжи неверојатната низа од осум години по ред во кои постигнува барем 50 погодоци за 12 месеци.

 

Солскјер има два милиони причини да се обиде да направи чудо

Оле Гунар Солскјер утре ќе има деби на „Олд Трафорд“ како предводник од клупата на најтрофејниот англиски клуб. Манчестер јунајтед пред своите навивачи го пречекува Хадерсфилд и е голем фаворит. Сепак, таа улога треба да биде потврдена на теренот.

Солскјер имаше одлично деби на клупата на „црвените ѓаволи“ победувајќи на гости кај Кардиф со 5-1. Со таа победа, Солскјер веднаш ги придоби симпатиите кај навивачите и челниците на клубот. Норвежанецот има договор до крајот на сезоната, а потоа треба да се врати во Малме, тимот со којшто има договор на три сезони.

Сепак, може да се случи Солскјер да добие нов договор и да остане на „Олд Трафорд“ доколку Манчестер успее да стигне до четвртото место на табелата, последно кое води во Лигата на шампиони за следната сезона. Моментно, Челзи е на посакуваното четврто место со осум бода пред Манчестер. Интересно е што во претходното коло таа разлика беше 11 бодови, но лондонскиот тим киксна на „Стемфорд бриџ“, па разликата сега е едноцифрена.

Ако Манчесте успее да стигне до Лигата на шампиони, за Солскјер ќе има и бонус од два милиони евра.

 

Фудбалски земјотрес: Барса за Мбапе ќе даде 150 милиони евра, плус играч кој вреди 150 милиони евра

Според некои најави, можно е да се случи нов најголем трансфер во историјата на фудбалот. Ѕвездата на Пари Сен Жермен, Килјан Мбапе да го облече дресот на Барселона, и тоа неверојатно за вредни 300 милиони евра. Според „Дон Балон“, постои опција според која каталонскиот гигант ќе плати 150 милиони евра, плус во Париз ќе го испрати Филипе Кутињо, кој вреди уште 150 милиони евра.

Пари Сен Жермен има проблеми со финансискиот фер плеј, па според некои најави, ќе мора да го продадат или Мбапе или Нејмар и на тој начин да се испочитува правилот на УЕФА околу финансиите. Барселона со евентуално доведување на Мбапе, ќе го создаде најопасниот напад во светот, заедно со Лионел Меси и Луис Суарес.

Кутињо не се снајде најдобро на „Камп ноу“, а Бразилецот сигурно нема да има против тоа да потпише за ПСЖ и да биде во тандем со неговиот добар пријател од репрезентативниот дрес на Бразил, Нејмар. Освен што би биле задоволни двете страни, Барселона со доведување на Мбапе ќе успее да го уништи можниот трансфер на Нејмар во Реал Мадрид.

Доколку овие комбинации се остварат, тогаш вредноста на трансферот на Мбапе ќе биде дури 300 милиони евра. Засега најскапиот трансфер во историјата на фудбалот е тој на Нејмар, кој од Барселона замина токму во Пари Сен Жермен за сума од 222 милиони евра.

 

Девојката на Лука Дончиќ се соблече и покажа дека кошаркарот знае што да одбере (Фото+Видео)

Лука Дончиќ е дебитантот кој ја раздрма НБА-лигата. Словенецот блеска во дресот на Далас маверикс и иако зад себе има едвај 20-тина меча во најсилната лига во светот, тој е вистинска ѕвезда.

Дончиќ летово беше избран како трет пик на драфтот, а Далас одлично одбрал. Освен што е одличен на теренот, Лука покажа дека одлично се снаоѓа и со жените. Тој е во врска со манекенката Анамарија, која на едно неодамнешно снимање покажа кои се нејзините квалитети и како успеала да го заведе Дончиќ.

 

Божиќ во автобус за Американците и Хрватот од МЗТ

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром денеска замина за Чачак, каде што утре од 20 часот ќе го одигра мечот од 13-тото коло во АБА 2 лигата против Борац. За составот од Аеродром ова ќе биде трето гостување во низа во второто по квалитетјадранско првенство, откако со победи се врати од Сараево и од Домжале. Патувањето можеби најтешко ќе им падне на Хрватот Иванов и Американците Медфорд и Вудард, кои денеска го прославуваат Божиќ, но спортскиот професионализам е таков и тие ќе бидат силни адути на МЗТ на ова незгодно гостување.

Борац е познат противник на МЗТ, а ги предводи поранешниот селекторот на Mакедонија, Јовица Арсиќ. На почетокот од октомври годинава составот на Ѓорѓи Кочов го одигра еден од подобрите мечеви во регионалниот шампионат откако во СЦ „Јане Сандаски“ го растури Борац со 82:57. Сепак, и покрај големиот триумф, Кочов смета дека предизвикот овојпат ќе биде потежок, но очекува од неговите кошаркари да го дадат својот максимум.

„Нѐ чека натпревар против исклучително квалитетен и пред сѐ искусен противник, кој игра одлично во изминатиов период. За разлика од дуелот во Скопје, Борац сега може да смета на Никола Кочовиќ, кој му дава на тимот одлична енергија, како во нападот така и во одбраната. Свесни сме дека ќе гостуваме во град кој живее за кошарката, салата ќе биде исполнета до последно место. Иако сме со скратен ростер, верувам во моите играчи и уверен сум дека повторно ќе најдат сили и мотивација да го дадат својот максимум, кој би нѐ донел до значајна победа на ова тешко гостување“, истакна Кочов.

По овој меч, МЗТ на трети јануари на домашен терен ќе го пречека лидерот Приморска.

Одбојкарите се собираат пред најважните два меча во историјата

Македонскиот национален тим во одбојка, засилен со Ѓоко Јосифов во составот, денеска го има првиот собир, а од утре ги почнува подготовките за двата клучни меча во квалификациите за Европското првенство 2019 година. На петти јануари, „црвено-жолтите“ гостуваат во Запорожје кај непоразената Украина, а потоа, на деветти јануари со СРЦ Кале во Скопје ја пречекуваме Унгарија.

Со две победи, Македонија сигурно ќе биде учесник на ЕП кое во септември следната година се игра во Белгија, Франција, Холандија и Словенија. Математички, имаме шанса и само со една победа, бидејќи од седумте второпласирани селекции во сите групи, меѓу 24-те најдобри одат петте најдобри.

Договорени се и две контролни средби против Албанија (во сабота и недела, во салата „Градски парк“). На списокот на селекторот Никола Матијашевиќ ново лице е искусниот блокер Јосифов.

„Мислам дека ќе ги добиеме двата натпревара и ќе се пласираме на ЕП. Радува формата на репрезентативците, со Јосифов ќе бидеме комплетни. Ни требаат добри десетдневни подготовки, добри две контроли со Албанија и во борба! Сонот, целта, мечта е Европско првенство“, вели капитенот Никола Ѓоргиев.

Македонија сите четири натпревари во овој циклус ги играше во пет сета и има по две победи и порази.

Кристијано „Дедо Мраз“ Роналдо ги израдува дечињата на онкологија (фото)

Кристијано Роналдо е член на малото, но одбрано друштво врвни фудбалери со дарежливо срце, што е вистинска реткост. Португалецот ја помина Бадниковата вечер во одделот за онкологија на детската клиника „Регина Маргарита“ во Торино, каде што со своето присуство, но и со подароци ги израдува дечињата.

Тој со неговата девојка Георгина оддели дел од слободното време да се фотографира со децата и им донесе радост во нивните тешки моменти од животот. Сите добија подароци, додека вработените во клиниката ја искористија шансата да си направат убави спомени, па чекаа во ред да се сликаат со Роналдо.

Кристијано утре со неговиот Јувентус гостува кај Аталанта во мечот од рамките на 18-тото коло во Серија А.

Ѓоковиќ и Надал во сабота би играле на сè или ништо

Новак Ѓоковиќ стигна во Абу Даби и се подготвува за својот последен турнир во 2018 година, ревијалното натпреварување „Мубадала светско тениско првенство“, а она што нè интересира е дали за крајот на оваа година ќе има директна пресметка помеѓу Србинот и Рафаел Надал.

Ѓоковиќ, кој во Абу Даби тренира со своите браќа Марко и Ѓорѓе, ќе биде слободен во првото коло, а во полуфиналето во петок од 16 часот ќе игра со Карен Хачанов или Доминик Тим.

Шпанецот Надал, кој ги пропушти последните неколку месеци поради повреда и го загуби првото место на АТП-листата, исто така нема да игра четврт-финале и во петок го чека подобриот од дуелот на Кевин Андерсон со Хјуан Чанг.

Евентуалното финале Ѓоковиќ – Надал би се играло в сабота, од 16 часот, а на турнирот ќе има и меч за трето место. Интересно е што наградниот фонд е 250.000 долари, но нема да им се делат парите на сите учесници туку целата сума ќе ја добие победникот.

Трабзон со милионска понуда за капитенот на Ѕвезда

Турскиот клуб Трабзонспор испратил понуда вредна еден милион евра за Вујадин Савиќ, капитенот и дефанзивец на Црвена ѕвезда. Договорот не е потпишан, преговорите се во тек, но белградските „црвено-бели“ веќе се обезбедија со замена во случај Савиќ да замине во Турција.

Пред неколку дена, Ѕвезда потпиша договор со Немања Милутиновиќ од БАТЕ Борисов и тој би можел да го пополни местото на синот на славниот напаѓач на Ѕвезда, Дуле Савиќ. Вујадин една и пол година е командант на одбраната откако дојде од молдавски Шериф.

Вујадин е познат во регионот и по тоа што со актерката Мирка Васиљевиќ имаат три деца, а официјално не се во брак. Савиќ најавува и четврто дете, со надеж дека ќе биде девојче, па да имаат по две машки и женски деца, а ако некогаш се ожени со Мирка, тогаш датумот на венчавката би бил 29-ти мај (не се знае годината), кога Ѕвезда во 1991 година стана европски првак.

Милан ќе се жали во Спортскиот арбитражен суд

Милан ќе се жали во Спортскиот арбитражен суд во Лозана против санкциите кои на овој италијански клуб му ги изрече УЕФА поради прекршување на финансискиот ферплеј.

„Росонерите“ објавија соопштение во кое го изразија своето незадоволство и разочарување од одлуката на Европската фудбалска асоцијација.

Клубот беше казнет со 12 милиони евра (нема да ги добие парите од УЕФА кои ги заработи со учеството во Лигата на Европа), а делумно му беше лимитирана и можноста за апликација за учество во европските купови. Милан доби условна казна и не смее да ги прекрши правилата до јуни 2021, во спротивно, ќе добие забрана за играње во Европа во 2022/23 и 2023/24.

Милан во следните две сезони не може да регистрира повеќе од 21 играч за настап во натпреварувањата на УЕФА, па и оваа рестрикција е причина плус за жалбата.