Божиќ во автобус за Американците и Хрватот од МЗТ

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром денеска замина за Чачак, каде што утре од 20 часот ќе го одигра мечот од 13-тото коло во АБА 2 лигата против Борац. За составот од Аеродром ова ќе биде трето гостување во низа во второто по квалитетјадранско првенство, откако со победи се врати од Сараево и од Домжале. Патувањето можеби најтешко ќе им падне на Хрватот Иванов и Американците Медфорд и Вудард, кои денеска го прославуваат Божиќ, но спортскиот професионализам е таков и тие ќе бидат силни адути на МЗТ на ова незгодно гостување.

Борац е познат противник на МЗТ, а ги предводи поранешниот селекторот на Mакедонија, Јовица Арсиќ. На почетокот од октомври годинава составот на Ѓорѓи Кочов го одигра еден од подобрите мечеви во регионалниот шампионат откако во СЦ „Јане Сандаски“ го растури Борац со 82:57. Сепак, и покрај големиот триумф, Кочов смета дека предизвикот овојпат ќе биде потежок, но очекува од неговите кошаркари да го дадат својот максимум.

„Нѐ чека натпревар против исклучително квалитетен и пред сѐ искусен противник, кој игра одлично во изминатиов период. За разлика од дуелот во Скопје, Борац сега може да смета на Никола Кочовиќ, кој му дава на тимот одлична енергија, како во нападот така и во одбраната. Свесни сме дека ќе гостуваме во град кој живее за кошарката, салата ќе биде исполнета до последно место. Иако сме со скратен ростер, верувам во моите играчи и уверен сум дека повторно ќе најдат сили и мотивација да го дадат својот максимум, кој би нѐ донел до значајна победа на ова тешко гостување“, истакна Кочов.

По овој меч, МЗТ на трети јануари на домашен терен ќе го пречека лидерот Приморска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести