16.8 C
Skopje
сабота, 22 ноември 2025
Дома Blog Страница 9878

Тројца Македонци во втората фаза на Лигата на Европа

Најмалку тројца македонски репрезентативци ќе бидат дел од наредната фаза во фудбалската Лига на Европа. На едно коло до крајот на првата фаза по групи, пласман меѓу оние 32 екипи што напролет ќе се борат за трофејот обезбедија и тимовите на Елиф Елмас (Фенербахче), Стефан Ристовски (Спортинг Лисабон) и Аријан Адеми (Динамо Загреб). Адеми и Елмас, поточно нивните тимови, синоќа одиграа 0-0, резултат кој им одговараше на двата тима.

Понатаму може да оди и Бобан Николов, кој е член на МОЛ Види, а ќе испадне АЕК Ларнака на Иван Тричковски и Даниел Мојсов, но двајцата нашинци беа меѓу позабележителните играчи. Тричковски, кој е капитен на кипарскиот тим, синоќа со својот гол му донесе победа на АЕК на гостувањето во Швајцарија кај Цирих.

Ристовски е повреден и не настапи синоќа, но Спортинг со убедлив триумф си го запечати местото во следната фаза.

„Европска пролет“ ќе дочека и Арсенал, чиј трети голман е Дени Илиев, но Македонецот уште нема дебитирано во ова натпреварување.

Епска борба меѓу Торонто и Голден стејт, Репторси поуспешни во продолжение

Торонто го доби дербито со актуелниот НБА шампион, тимот на Голден стејт вориорс, со конечни 131:128. Мечот се одлучуваше во дополнително време. Торонто ја продолжи серијата на седум победи, а за „воините“ ова е осми пораз сезонава.

Битка на теренот се водеше и меѓу главните ѕвезди на двете екипи – Дурант против Ленард. Кошаркарот на Голден стејт можеби беше поуспешен од својот противник, меѓутоа и неговите 51 поени (11 скока) не беа доволни да се спречи нов пораз. Ленард реализираше 37 поени, Сиакам придонесе со 26 поени, Ибака додаде 20.

Победи забележаа двете екипи од Лос Анџелес. „Езерџиите“ на домашен терен го совладаа тимот на Индијана пејсерс со 104:96, пред сè, благодарение на Леброн Џејмс и неговите 38 поени.

Клиперс гостуваа кај Сакраменто и со победа од 133:121 останаа на врвот на Западот. Херис и Харел одново беа главните адути на Клиперси, со 28, односно 24 поени, додека Бојан Богдановиќ со 26 поени беше најефикасниот кошаркар на кингси.

Дефинитивно: Ривер – Бока во Мадрид, со навивачи на двата тима!

Најавите се обвистинија, реванш-мечот од финалето на Копа Либертадорес помеѓу аргентинските ривали Ривер плате и Бока јуниорс ќе се игра на деветти декември, со почеток во 20.30 часот, во Мадрид. Стадионот „Сантијаго Бернабеу“ ќе биде сведок на еден од најважните мечеви во историјата на аргентинскиот клупски фудбал.

Според договорот, на трибините ќе биде дозволен влез на навивачи на двата клуба, нешто што немаше да се случи ако играа во Буенос Аирес. Судијата на мечот ќе биде Шпанец.

Ривер и Бока пет пати играле надвор од Аргентина. Билансот е по две победи за двата тима, и еднаш играле нерешено. Овојпат ќе мора да има само еден победник, кој исто така во декември, но во Абу Даби, најверојатно ќе му оди на мегдан на Реал Мадрид за титулата светски клупски првак.

Одлуката да се игра во Мадрид е затоа што важи за еден од најбезбедните градови во светот и тамошното присуство на голем број Аргентинци. Во текот на денов се појави информација дека од Бока резервирале 50 соби во еден мадридски хотел и уште тогаш беше јасно дека се чека само официјализација на веста дека ќе се игра во Шпанија, наместо на 24-ти ноември во Буенос Аирес, кога фановите на Ривер го нападнаа автобусот со фудбалерите на Бока.

ЦСКА подобра од шампионот на Европа во „битката на титаните“

ЦСКА Москва славеше со 95:88 во дербито против Реал Мадрид. Битката на титаните им припадна на „армејците“, додека европскиот првак го претрпе вториот пораз во низа сезонава, по вкупно 10 средби во Евролигата.

ЦСКА го направи првиот потег во воведот од мечот. Фуриозна серија од 17-3 на гостите значеше убедлива предност уште на стартот, но јасно беше дека „кралевите“ нема така лесно да се предадат. Реал до полувремето се избори за предност во своја корист, а на паузата се замина со резултат од 41:38.

Сепак, гостите од Москва кон половина од третиот период повторно ја презедоа контролата врз топката, па до самиот финиш ја задржаа предноста, и покрај напорите на Реал да избегне ново разочарување.

Кори Хигинс со 24 поени ја предводеше ЦСКА до осмиот овосезонски триумф, 18 додаде Клајбурн, Де Коло застана на 15 поени. Од составот на Реал, Кампацо со 23 поени беше најефикасен кошаркар.

Резултати Евролига:

Дарушафака – Гран Канарија 71:75

Жалгирис Каунас – Армани Милано 83:78

Макаби Тел Авив – Баерн Минхен 95:71

 

Челзи максимален и по пет меча, Јовиќ го прати Марсеј дома

Челзи со убедливи 4-0 триумфираше над ПАОК за петта победа во Лигата на Европа. „Сините“ и пред овој меч обезбедија место меѓу шеснаесетфиналистите, но избраниците на Маурисио Сари со стил го потврдуваат првото место во групата Л.

Жиру на два пати ја тресеше мрежата на гостите, во 27-та и 37-та минута, младиот Хадсон-Одои го постигна својот првенец во дресот на Челзи во 60-тата, додека Мората ги постави конечните 4-0 во 78-та минута.

Ајнтрахт Франкфурт го декласираше тимот на Марсеј со 4-0. Германскиот состав ја запиша петтата победа, односно 15-от бод, па и тие ќе презимат во Европа. Марсеј со четвриот пораз во групата Х остана закован на дното само со еден бод.

Два гола беа дело на младиот Лука Јовиќ, додека фудбалерите на Марсеј си постигнаа два автогола и практично сами придонесоа за новиот пораз.

Севилја со минимални 1-0 загуби на гостувањето кај Стандард Лиеж, па Андалузијците сега се во незавидна ситуација по пет меча. Џенепо со гол во 62-та минута му го донесе третиот триумф на Стандард, па сега овие две екипи имаат по девет бода, а Севилја пласман во следната рунда ќе бара преку лидерот Краснодар од групата Ј.

Резултати Лига на Европа: 

Челзи – ПАОК 4-0

Ајнтрахт Франкфурт – Марсеј 4-0

Аполон – Лацио 2-0

Стандард Лиеж – Севилја 1-0

Јаблонец – Рен 0-1

Малме – Генк 2-2

Глазгов ренџерс – Вилјареал 0-0

Сарпсборг – Бешикташ 2-3

 

 

 

Домаќинот на ЕП шокиран на отворањето

Русија победнички стартуваше на Европското ракометно првенство за жени кое вечерва започна во Франција. Во мечот со којшто започна шампионатот, „Зборнаја“ го победи домаќинот Франција со 26:23. „Галските петли“ ја имаа поддршката од навивачите кои ја исполнија салата, но тоа не ги уплаши руските ракометарки.

Во првото полувреме се водеше израмнета борба и беше 11:11 по 30 минути игра, а во вториот дел Франција имаше два гола предност, 16:14, но потоа Русинките се разиграа и за многу брзо време го свртеа резултатот во своја корист (23:20) и до крајот на средбата не дозволија да ја испуштат предноста.

Утре се играат три меча од ЕП: Србија – Полска, Црна Гора – Словенија и Данска – Шведска.

 

Шведска убедлива против Белорусија, „две од две“ за Австрија и Белгија

Шведска ја совлада Белорусија со убедливи 87-59, забележувајќи ја првата победа во прет-квалификациите за ЕП 2021. За Швеѓаните ова беше последен меч во оваа година, веќе во февруари ги очекува дуел против лидерот Данска во групата А.

Хакансон со 21 поен и шест асистенции ги предводеше домаќините, додека од составот на Белорусија со по 13 поени се истакнаа Садлер и Кадраутсау.

Австрија со конечни 96-82 беше подобра од селекцијата на Велика Британија. Австријците ја остварија втората победа во групата Д, па веќе во следниот дуел против Кипар можат да го обезбедат местото во квалификациите за Евробаскетот 2021.

Ландесберг постигна неверојатни 49 поени, поточно половина од вкупните поени на австриската селекција, а во својот учинок додаде и 10 скока. Кај поразените, Хенсон беше најефикасен со 18 поени.

Белгија славеше на гостувањето кај Исланд со конечни 79-66. Белгијците така ја запишаа втората победа од исто толку меча во групата Ц.

Ново шоу на најголемиот киксер: Кариус слободно може да се откаже од фудбалот! (Видео)

Сигурно најголемата грешка која турскиот тим Бешикташ ја направи во летниот преоден рок беше одлуката да го доведе голманот Лорис Кариус од Ливерпул. Чуварот на мрежата кој се прослави благодарение на киксовите што ги направи во финалето од Лигата на шампиони, сезонава продолжува со своето шоу на грешки.

Најновите грешки на Кариус се вечерва во мечот на Бешикташ против Сарпсборг во Лигата на Европа. Само за шест минути откако почна мечот, Кариус направи две грешки, а домаќините ја затресоа неговата мрежа.

При првиот погодок на Сарпсборг, Кариус сакаше во улога на бек да реагира, но противничкиот играч стигна побрзо до топката и лесно погоди.

За вториот погодок, Кариус „кумуваше“ бидејќи беше далеку од гол-линијата, па тоа го искористи еден од играчите на домашниот тим и со лоб-удар го матираше најголемиот киксер за 2018 година.

https://twitter.com/hulkhogan1903/status/1068235367168557058

Квалификации СП2019: Победи за Турција, Хрватска, Црна Гора – Тежок пораз на европскиот првак

Турција ја совлада Шпанија со 71-67 во дуелот за првото место во група И во рамкитке од квалификациите за Светското првенство 2019 година. Ова беше седма победа во низа за турската репрезентација, па со тоа го освоија 16-от бод во квалификациите, израмнувајќи се на врвот со нивниот денешен противник.

Ерден со дабл-дабл учинок од 16 поени и 14 скока ги предводеше домаќините, додека кај поразените се истакна Бризуела со 18 поени.

Во истата група, Црна Гора беше подобра од Летонија со конечни 84-75, додека европскиот шампион Словенија претрпе дебакл од Украина со 82-54.

Италија се избори за седмиот триумф во квалификациите, совладувајќи ја Литванија со конечни 70-65, а претходно Полска со убедливи 105-78 против Холандија стигна до 14 бода.

Хрватска ја совлада Унгарија со 74-69, па „коцкестите“ во последниот меч против лидерот Литванија од групата Ј ќе се обидат да го обезбедат своето место на светскиот кошаркарски собир.

 

Тричко носи прво славје на АЕК во Лигата на Европа (видео)

AEK Ларнака стигна до првата победа во групите од Лигата на Европа благодарение на Иван Тричковски. Македонскиот напаѓач погоди за 2-1 на гостувањето кај Цирих во 85-тата минута и ја донесе првата радост за кипарскиот состав во континенталното натпреварување за вкупно пет бода по пет меча.

За Тричко ова беше втор гол во групната фаза, вкупно осми ако се сметаат и погодоците од кфалификациските натпревари.

https://www.youtube.com/watch?v=JYk4ohB5yog