26.8 C
Skopje
петок, 22 август 2025
Дома Blog Страница 9529

Фетел: Сезонава бев далеку од својот максимум

Возачот на Ферари, Себастијан Фетел, смета дека оваа сезона бил далеку од својот максимален потенцијал. Фетел повторно не успеа да ја освои светската титула во Формула 1, таа одново му припадна на Луис Хамилтон, но потенцира дека Ферари во сезоната 2019 ќе биде уште поконкурентен.

Германецот по 10 трки, беше на врвот на табелата, но во наредните девет трки по летната пауза Фетел успеа да победи само на една, што воедно значеше враќање на Хамилтон на тронот.

„Знаејќи дека работите за многу брзо можат да се сменат, ќе мора добро да анализирам некои мои одлуки. Севкупно гледано, не го покажав својот максимум во изминатава сезона, но сметам дека Ферари догодина ќе биде многу поконкурентен, можам и јас многу подобро да возам“, истакна Фетел.

Mбапе: Во Белград нѐ чека тежок предизвик

Групата Ц во Лигата на шампиони сѐ уште го чека расплетот. И по пет средби, не се знае кои две екипи ќе бидат осминафиналисти. Во последното коло, ПСЖ гостува кај Црвена ѕвезда, додека Ливерпул го пречекува Наполи во директен дуел за местата кои водат во следната рунда.

Иако ПСЖ во првиот меч против српскиот шампион славеше со убедливи 6-1, ѕвездата на „светците“, Килијан Мбапе, знае дека неговиот тим го чека тежок предизвик во Белград.

„Нивото на концентрација мора да биде поголемо од мечот со Ливерпул. Доколку сакаме победа во Белград, ќе мора добро да се испотиме за неа. Таму нѐ чека тежок предизвик, бидејќи ретко кој заминал со три бода од „домот“ на Ѕвезда. Ќе биде вистинска катастрофа доколку не се пласираме во осминафиналето“, истакна Мбапе.

Натпреварот од шестото коло, кој ќе се игра на стадионот „Рајко Митиќ“, е закажан за 11-ти декември. По пет меча, Наполи го држи врвот во групата со девет бода, ПСЖ има осум, Ливерпул шест, додека Ѕвезда е четврта со четири освоени бода.

Ако Ди Франческо добие отказ, и Мончи ќе ја напушти Рома

Тренерот на Рома, Еузебио ди Франческо, е под притисок од страна на раководството на клубот. На предводникот на „волчицата“ му се заканува отказ по слабиот старт на сезоната, а челниците на Рома сметаат дека токму Ди Франческо е најголем виновник.

Поразот од 2-0 на свој терен против Реал Мадрид во последниот меч од Лигата на шампионите создаде дополнителни проблеми за Ди Франческо, па наскоро Рома може да посегне по алтернатива со цел да се дојде до позитивни резултати.

Сепак, спортскиот директор Мончи најави дека и тој ќе си замине доколку Ди Франческо добие отказ, а неговото заминување може да направи уште поголеми проблеми. Рома може да остане без еден од најголемите „мозоци“ во фудбалот, човекот кој последниве две години направи големи реформи во екипата со огромен број нови аквизиции.

Рома викендов ја очекува дерби против Интер, а нов пораз може да значи и крај за италијанскиот стратег на клупата на тимот од „Олимпико“.

Романија го победи Косово и ја одложи промоцијата на Македонија

Победата на Романија над Косово од 88:83 значи дека и триумф на Македонија во недела, во Гевгелија против Косово, за „црвено-жолтите“ нема да значи дефинитивно освојување на првото место во групата од претквалификациите за Евробаскетот 2021.

Нашиот национален тим ќе мора да почека до февруари, кога гостуваме кај Романија, а Романците треба да играат во Косово, за потврда на првата позиција во групата и пласман меѓу 32-те најдобри во Европа кои ќе играат квалификации.

Натурализираниот романски плејмејкер, Џордан Вотсон, имаше мирна рака од линијата за слободни фрлања во финишот кога косовските кошаркари го фаулираа со надеж дека во пенал-завршницата може да направат чудо. Вотсон беше вистински лидер на Романците кои настапија без своите најдобри високи играчи Каце и Молдовеану. Американецот со романски пасош даде 19 поени и погоди 10 слободни фрлања од 10 обиди. Романците погодија дури 15 тројки.

Кај Косово, кој е наш гостин во недела, се истакнаа тројца играчи. Шоши даде 29, Бериша 24, а Гезим Морина 22 поени. Но, како да играа само тие тројца, другите немаа никаков придонес. Проблем за Косово е што не настапи нивниот натурализиран играч Армстед, кој најверојатно нема да игра ниту против Македонија.

Динамо ќе игра европски фудбал и во пролет, Рапид ја сврте против Спартак

Динамо Киев со минимални 1-0 славеше на гостувањето кај Астана во мечот од петтото коло во групната фаза во Лигата на Европа. Вербиќ во 29-тата минута му донесе водство на украинскиот вицешампион, што беше доволно за победа, а воедно и за влез во нокаут-рундата од ова натпреварување.

Динамо со триумфот го запиша 11-от бод, па како првопласирани од групата К ќе дочекаат Европска пролет. Астана остана на осум бода, а мечот кој се игра подоцна од оваа група, меѓу Јаблонец и Рен, може да го потврди учеството на казахстанскиот тим во следната рунда при евентуално реми.

Рапид Виена во финишот од средбата против Спартак Москва се избори за многу важни три бода. Гостите со конечни 2-1 триумфираа во Москва, иако до 80-тата минута беа во негатива од еден гол.

Токму во таа минута, Мулдур израмни на 1-1, а пресвртот го потврди Шобесбергер во 91-вата минута од мечот. Зе Луис претходно го реализираше погодокот за Спартак уште во 20-тата минута.

Рапид по овој меч се искачи на првото место во групата Г со седум бода, Спартак остана на пет бода. Од оваа група треба да се одигра дуелот меѓу Глазгов ренџерс и Вилјареал, меч по кој ќе се знае каков ќе биде пласманот пред последното коло.

Металург остана на една победа во СЕХА

Војводина го совлада Металург со 31:30 во натпревар од СЕХА-лигата. Македонскиот тим имаше контрола на резултатот во првото полувреме, но потоа ја испушти предноста и домашните го казнија релаксирањето.

Во 21-вата минута Металург водеше со убедливи 15-8, но финишот на првото полувреме им припадна на ракометарите на Војводина, кои на голем одмор заминаа само со два гола негатива (15-17). Во вториот дел домашните беа подобри, водеа во голем дел од полувремето, но не успеаја да се одлепат.

Во самиот финиш, Војводина погоди за 31-30 на 20 секунди до крајот, скопјани имаа напад за изедначување, но Маџоски не погоди. Шпенде со 7, Токиќ со 6 и Димитриоски со 5 гола беа најефикасни кај редовите на Металург. Голманите имаа само пет одбрани во салата „Слана бара“.

Металург остана на претпоследната позиција само со 4 бода во девет кола. И да победеше, немаше ништо да смени, но вака останува болката за испуштената шанса. Следен предизвик за тимот од Автокоманда е гостувањето кај словачки Татран Прешов во сабота, во меч од ЛШ.

Бугарија ќе се кандидира за домаќин на фудбалското ЕП 2032

Министерот за млади и спорт на Бугарија, Красен Кралев, објави дека Бугарија ќе се кандидира за домаќин на Европскиот шампионат во фудбал во 2032 година. Оваа вест доаѓа брзо по официјализирањето на заедничката кандидатура на Бугарија, Грција, Романија и Србија за Мундијалот во 2030 година.

„Ако си ја завршиме домашната задача, имаме шанси. Дури и да не успееме да го добиеме СП 2030, ќе бидеме уште поподготвени за да се кандидираме за Евро 2032. Ќе имаме подготвена инфраструктура, инвестициите ќе се оправдаат”, рече министерот Кралев.

Идејата на Бугарите е да изградат неколку стадиони со по 40.000 седишта. За потребите на СП, потребно е четирите земји кандидати да имаат минимум 16 стадиони кои ги исполнуваат сите барања на ФИФА. Во моментов има само еден таков објект, а тоа е стадионот во Букурешт, што значи дека Бугарите, Грците и Србите ќе треба сериозно да се фатат со работа и реновирање или изградба на стадиони, но тоа ќе важи и за Романците. И во Србија се најавува нов национален стадион во околината на Белград.

Шпанците сигурни: Ривер-Бока на деветти декември на „Сантијаго Бернабеу“!

Реваншот помеѓу Ривер плате и Бока јуниорс од финалето на Копа Либертадорес ќе се игра на деветти декември на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, со почеток во 20.30 часот. Ова е предлогот кој според шпанските медиуми, ќе биде прифатен од сите страни (клубовите, ФИФА, КОНМЕБОЛ, Шпанската фудбалска федерација и Реал Мадрид), а за да биде официјално, треба само уште дозвола од шпанската влада, поточно од Министерството за образование и спорт на таа земја.

Договорено е натпреварот да го суди шпански судија.

Најголемиот стадион во Мадрид е слободен тој викенд, бидејќи Реал Мадрид ќе гостува кај Уеска, па испадна дека тоа е поприфатлива варијанта, отколку другите опции како Доха, Мајами, Барселона или Асунсион, каде што ќе се играше без публика. На осми декември има еден меч во Мадрид, Атлетико го пречекува Алавес, па затоа договорено е да се игра во недела на деветти декември.

Ривер и Бока досега играле вкупно седум пати на славниот мадридски стадион. Таму се играле неколку големи финалиња, меѓу кои четири финалиња во Купот на европски шампиони или Лигата на шампионите, финалето на Светското првенство во 1982 година и на ЕП 1964 година.

Во Шпанија живеат 71.000 регистрирани Аргентинци, но веројатно бројката е поголема, па нема дилеми дека ќе биде жешко на трибините, иако мечот ќе се игра на 10 илјади километри од Буенос Аирес.

Џошуа до Фјури и Вајлдер: Ве чекам на 20-ти април на „Вембли“

Светскиот првак во бокс во тешка категорија кај професионалците, Ентони Џошуа, испрати јасна покана до Донте Вајлдер и Тајсон Фјури, кои во недела наутро, во Лос Анџелес ќе боксуваат за еден од нив да стане предизвикувач на Британецот. Досега непоразените Фјури и Вајлдер ќе водат битка за појасот во верзијата на ВБЦ, а Џошуа е шампион во сите други верзии.

„Сакам да кажам една работа, 30-ти април е денот, а ‘Вембли’ е стадионот. Јас сум повеќе од подготвен да се борам со кој било од нив двајца. Ако сакаат да си ги одмериме силите, добредојдени се. Во спротивно, нека не ме спомнуваат“, порача Џошуа.

Потоа Џошуа кажа во каква форма е во периодов кога нема никакви официјални борби.

„Гладен сум за успеси. Се стремам кон тоа постојано да бидам активен. За мене од исклучително значење е рехабилитацијата по секој меч, како и планирањето на секој нареден дуел. Секогаш треба да се биде добро подготвен, секоја борба е важна. Најважно ми е да бидам сконцентриран, избегнувам негативна енергија и да најдам баланс“, додаде Џошуа.

 

 

„Билјанини извори“ и „Чаир“ ќе добијат нови трибини

Фудбалската федерација на Македонија со поддршка од УЕФА и програмата за развој официјално доби дозвола за започнување на активности за реконструкција и изградба на трибини на стадионите „Чаир“ во Скопје и „Билјанини Извори“ во Охрид.

Средствата се одобрени по претходно поднесена апликација и идејни проекти за двата стадиони од страна на Федерацијата. Овие активности се дел од проектот на ФФМ за подобрување на инфраструктура во општините во Македонија.

Договорот за реконструкција и изградба на трибини на стадионот „Чаир“ во Скопје и стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид ги регулира меѓусебните односи при изведување на работите меѓу ФФМ, општините и УЕФА.

„Во име на ФФМ сакам да порачам дека заедно со општините и УЕФА продолжуваме со заедничкото градење подобра иднина на македонскиот фудбал. Ова се крупни проекти од исклучително значење. Наша единствена цел со ваквиот тип на проекти е да овозможиме услови какви што заслужуваат тимовите, гледачите и репрезентацијата“, изјави в.д. претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини.