32.8 C
Skopje
понеделник, 28 јули 2025
Дома Blog Страница 9566

Навивачи со карти останаа пред салата во Битола

Одреден број луѓе останаа без можност да ја проследат во живо победата на Македонија над Турција во салата “Боро Чурлевски” во Битола, и покрај тоа што имале влезници за споменатиот натпревар. Во знак на извинување, РФМ одлучи дека ќе им бидат вратени финансиите на оние кои не влегоа во салата, а обврската за тоа ќе ја преземе ракометниот клуб Пелистер.

„Почитувани пријатели на ракометот, Ракометната федерација на Македонија ги отстапи влезниците во целост на РК Пелистер за квалификацискиот натпревар помеѓу Македонија – Турција кој се одржа во спортската сала “Боро Чурлевски”. Ракометната федерација на Македонија упатува извинување до сите кои имаа обезбедено влезници, а немаа можност да присуствуваат на натпреварот и тие т финансиски ќе им бидат надоместени од страна на РК Пелистер. Со почит, Ракометна федерација на Македонија“, стои во соопштението на РФМ.

Истанбулското дерби за „пиварите“, драмата за „манекените“

Домашните тимови победија во петте вечерашни мечеви од Евролигата, најинтересно беше на турското дерби и дуелот во Милано.

Мало изненадување се случи во Истанбул, каде што Фенер против Анадолу Ефес првата четвртина ја доби со 26-12, но загуби на крај. Третиот квартал му припадна на Ефес со 28-13, па финишот одлучуваше. Во второто полувреме, тимот на тренерот Обрадовиќ не беше на потребното ниво и го претрпе првиот пораз сезонава. Домашните погодија 13 тројки од 23 обиди.

„Покажавме карактер во второто полувреме. Во првиот дел, физички бевме надиграни, не бевме агресивни, не скокавме. Уште од првиот напад во второто полувреме заигравме како што треба и не им дозволувавме лесни поени. Не е мала работа да се победи Фенербахче по 15 поени негатива на полувреме. Ова е наша втора победа над нив за три недели, покажуваме дека сме добар тим“, рече тренерот Ергин Атаман.

Најдраматично беше во Милано, каде што двете екипи имаа шанса за победа и се менуваа во водство. Мајк Џејмс со три погодени слободни фрлања на три секунди до крајот беше јунак на „манекените“ и го остави Химки на дното, заедно со Будуќност, кој беше само спаринг партнер на гостувањето кај европскиот првак во Мадрид. Химки го имаше последниот напад, Швед утна, а потоа и Моња не поентираше по офанзивниот скок.

РЕЗУЛТАТИ: Анадолу Ефес – Фенербахче 89:83, Баерн Минхен – Басконија 77:71, Армани Милано – Химки 81:80, Олимпијакос – Макаби 88:80, Реал Мадрид – Будуќност 89:55.

Марсијал одби нов договор од Манчестер јунајтед

Крилниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Aнтони Марсијал, ја одби првата понуда за нов договор од раководството. Како што најавува британскиот медиум „Скај спортс“, управата и натаму ќе се обиде да го осигура потписот на брзоногиот Французин, бидејќи постоечкиот му истекува следното лето.

Во таборот на Јунајтед се одлучни да го задржат дваесет и двегодишниот офанзивец, иако главно не се сосема задоволни од она што го покажува на теренот. Марсијал за момент ги освои симпатиите со двата погодоци против Челзи изминатиот викенд, па му даваат нова шанса да го покаже својот вистински потенцијал.

Проблемот за одбивање на првата понуда е финансиски, Марсијал сака да заработува двојно од неговата моментална плата и така да стане еден од најплатените играчи во клубот. Во текот на летото, неговиот агент во неколку наврати истакна дека Французинот е подготвен да го напушти „Олд Трафорд“ бидејќи е незадоволен со неговата минутажа, меѓутоа не се најде клуб кој ќе ја плати неговата цена.

ПОБЕДНИЧКИ ВО БИТОЛА: Македонија славеше над Турција

Македонската ракометна репрезентација со победа ги стартуваше квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. Во салата „Боро Чурлевски“ нашите најдобри ракометари ја победија Турција со 31:27. Иако се очекуваше полесно да се стигне до триумф, гостите покажаа дека знаат да играат квалитетен ракомет и дадоа достоен отпор.

Македонија поведе со 2:0 и до крајот на средбата не дозволи да биде во негатива. Турција се држеше во првите 15 минути, кога беше 8:7 за Македонија. Во следните 10 минути нашите ракометари со серија од 6:2 стигнаа до првата посериозна предност од 15:9 во 25-тата минута. До крајот на полувремето, гостите намалија на 17:13, што беше резултат по првите 30 минути.

Фуриозни беа првите пет минути во вториот дел. Македонија поведе со 21:14 и беше јасно дека победата ќе остане за домаќините во Битола. Сепак, Туриците не се предадоа и успеаа да намалат на три разлика (26:23) на 10 минути до крај. Тогаш погоди капитенот Лазаров, а до крајот Македонија рутинирано ја заврши работата за победа од 31:27.

Кирил Лазаров со 8 гола (3 од пенал) беше најефикасен во македонскиот состав, додека Манасков погоди 6 пати, а по 4 гола постигнаа Стоилов, Талески и Георгиевски.

Следен противник на Македонија е Грција, против која играме в недела на гостински терен.

Нови договори за шест фудбалери на Интер

Интер денес обнови соработка со шест фудбалери од првата екипа. Само еден ден по поразот од Барселона во ЛШ со 2-0, раководството ги официјализираше новите договори на Брозовиќ, Кандрева, Галјардини, Весино, капитенот Миранда и Далберт.

Галјардини и Далберт потпишаа до 2023 година, Брозовиќ и Весино до 2022 година, искусниот Кандрева ќе остане најмалку до 2021 година, додека бразилскиот дефанзивец Миранда и следната сезона ќе биде лидер на тимот кој го води Лучијано Спалети.

„Нераѕурите“ веќе во недела ги очекува нов тежок предизвик, гостуваат на „Олимпико“ во Рим, а играат против тимот на Лацио.

Бетис додаде сол на раната на Милан, едно полувреме за Ристовски во поразот од Арсенал

Реал Бетис го шокорише Милан среде „Сан Сиро“ со конечни 2-1 во третото коло од Лигата на Европа. Шпанскиот состав за помалку од еден час имаше и сигурни 2-0, по погодоците на Сарабија (30‘) и Ло Селсо (54‘), пред играчот на Милан кој влезе од клупа, Патрик Кутроне да го постигне почесниот гол за „росонерите“.

Милан со овој пораз, прв во групната фаза, ја загуби лидерската позиција во групата Ф, сега Бетис е прв со седум бода, додека зад екипата на Џенаро Гатузо е Олимпијакос со четири бода. Дуделанж со вечерашниот пораз од грчиот состав со 2-0 останува без бодови на последното место.

Арсенал со минимални 1-0 го совлада тимот на Спортинг Лисабон на нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој, пак, одигра само едно полувреме, пред да го замени Гаспар.

„Топчиите“ за водечкиот и одлучувачки погодок мораа да чекаат до 77-тата минута, а го постигна Дени Велбек. Екипата на Унаи Емери останува на чело на табелата од групата Е, со максимални девет бода. Спортинг е втор со три бода помалку, додека Ворскла се искачи на третата позиција со победата над Карабах со 1-0.

Иван Тричковски со неговиот АЕК Ларнака ремизираше со Лудогорец при конечни 1-1, нашиот репрезентативец не ги искористи 90-те минути да се запише во листата на стрелците. Двете екипи и натаму трагаат по првиот триумф сезонава, сега имаат по еден бод на третата, односно четвртата позиција по три меча во групата А. Таму се наоѓаат и Цирих и Леверкузен, а швајцарскиот состав вечерва го победи тимот на Баер со 3-2 и го зазеде првото место со девет бода.

Фенербахче од Белгија се враќа со еден освоен бод откако против Андерлехт ремизираше со 2-2. Домаќините имаа предност од 2-0 со двата гола на Бакали во 30-тата, односно 50-тата минута, додека „фенерите“ се вратија со два брзи гола благодарение на Михаел Фреј. Швајцарецот прво погоди во 53-тата минута, а потоа му асистираше на Калдирим за израмнување на 2-2, само четири минути подоцна. Нашиот репрезентативец, Елиф Елмас, се најде во стартниот состав и учествуваше во кам-бекот на својот тим, пред да биде заменет во 86-тата минута од Потук.

Динамо Загреб со победата од 2-1 против Трнава останува максимален во групата Д. Победата ја донесоа Гаврановиќ и Орсиќ, а нашиот репрезентативец Аријан Адеми ги одигра сите 90 минути во новиот триумф на хрватскиот состав.

Резултати Лига Европа 3. коло:

Милан – Бетис 1-2

АЕК Ларнака – Лудогорец 1-1

Андерлехт – Фенербахче 2-2

Дуделанж – Олимпијакос 0-2

Копенхаген – Славија Прага 0-1

Карабах – Ворскла 0-1

Лајпциг – Селтик 2-0

Салцбург – Розенборг 3-0

Спортинг Лисабон – Арсенал 0-1

Трнава – Динамо Загреб 1-2

Зенит – Бордо 2-1

Цирих – Баер Леверкузен 3-2

 

 

Федерер се прошета до четврт-финале во Базел

Роже Федерер за помалку од 70 минути го совлада германскиот тенисер Жан-Ленард Струф, со 2-0 во сетови во осминафиналната пресметка во Базел. Швајцарецот на свое тло стигна до 17-тата победа во низа и по 16-ти пат обезбеди пласман во четврт-финалето на овој турнир.

Федерер на старот од првиот сет западна во проблеми, Струф направи брејк за 2-1, но третиот светски тенисер возврати со два брејка и со 6-3 поведе со 1-0. Германецот во вториот сет пружи повеќе отпор, беше неизвесно сè до 5-5, а потоа Федерер го направи третиот брејк на мечот, па на свој сервис без загубен поен ја заврши средбата со 7-5.

Федерер во четврт-финалето ќе игра против подобриот од мечот, Симон – Гулбис.

Лоренцо опериран, се надева на кам-бек за трката во Малезија

Возачот на Дукати, Хорхе Лоренцо, поради повреда на левата рака ги пропушти последните две трки од овогодишниот шампионат во Мото ГП. Шпанецот не возеше во Тајланд и Јапонија, а сега ќе биде принуден да отсуствува и од борбата за Големата награда на Австралија, трката која е закажана за во недела, 28-ми октомври.

На Лоренцо пред два дена му беше извршена операција на раката во Барселона, а цели кон целосно закрепнување за околу три недели, кога Мото ГП шампионатот продолжува во Малезија, трка која ќе се одржи на почетокот од ноември. Сепак, ако закрепнувањето не оди според планот, возачот на Дукати ќе биде подготвен дури за последната трка од оваа сезона, која ќе се одржи во Валенсија.

Шампионатот веќе е одлучен, откако Марк Маркес изминатиов викенд победи на патеката „Мотеги“ во Јапонија, така што ја одбрани светската титула, односно ја освои петтата титула на Мото ГП во својата кариера.

 

Битола „гори“ за ракометна Македонија (Видео)

Битола и навивачите од овој град по цели 15 години дочекаа да бидат домаќини на ракометната репрезентација на Македонија. Цел ден низ Битола владее ракометна еуфорија, а сега на помалку од еден час до почеток на дуелот атмосферата е веќе вжештена.

Популарниот Широк Сокак е собиралиштето од каде што навивачите тргнаа кон салата „Боро Чурлевски“. Македонија од 20.15 часот игра против Турција во првиот меч од квалификациите за Европско првенство 2020 година.

Погледнете каква е атмосферата низ битолските улици.

Ван Перси ќе се повлече од фудбалот по крајот на сезоната

Напаѓачот на Феенорд, Робин ван Перси, одлучи да стави крај на својата фудбалска кариера. Холанѓанецот соопшти дека тоа ќе го стори по крајот на оваа сезона, на триесет и шестгодишна возраст.

„Оваа сезона најверојатно е последна за мене. Ќе наполнам 36 години, ќе ми биде 18-та сезона како професионален фудбалер, па сметам дека тоа е доволно. Мило ми е што се вратив во Феенорд, да завршам онаму каде што и почнав. Од пет години се заминавам со фудбал, па мислам дека е време“, истакна Ван Перси.

Триесет и петгодишниот голгетер кариерата главно ја помина во Премиер лигата, пред сè како играч на Арсенал, а потоа го носеше и дресот на Манчестер јунајтед, каде што освои една Премиер лига. За холандската репрезентација одигра 102 натпревари, а со 50 погодоци е најдобар стрелец во историјата на националниот состав на „лалињата“.