Бетис додаде сол на раната на Милан, едно полувреме за Ристовски во поразот од Арсенал

Реал Бетис го шокорише Милан среде „Сан Сиро“ со конечни 2-1 во третото коло од Лигата на Европа. Шпанскиот состав за помалку од еден час имаше и сигурни 2-0, по погодоците на Сарабија (30‘) и Ло Селсо (54‘), пред играчот на Милан кој влезе од клупа, Патрик Кутроне да го постигне почесниот гол за „росонерите“.

Милан со овој пораз, прв во групната фаза, ја загуби лидерската позиција во групата Ф, сега Бетис е прв со седум бода, додека зад екипата на Џенаро Гатузо е Олимпијакос со четири бода. Дуделанж со вечерашниот пораз од грчиот состав со 2-0 останува без бодови на последното место.

Арсенал со минимални 1-0 го совлада тимот на Спортинг Лисабон на нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој, пак, одигра само едно полувреме, пред да го замени Гаспар.

„Топчиите“ за водечкиот и одлучувачки погодок мораа да чекаат до 77-тата минута, а го постигна Дени Велбек. Екипата на Унаи Емери останува на чело на табелата од групата Е, со максимални девет бода. Спортинг е втор со три бода помалку, додека Ворскла се искачи на третата позиција со победата над Карабах со 1-0.

Иван Тричковски со неговиот АЕК Ларнака ремизираше со Лудогорец при конечни 1-1, нашиот репрезентативец не ги искористи 90-те минути да се запише во листата на стрелците. Двете екипи и натаму трагаат по првиот триумф сезонава, сега имаат по еден бод на третата, односно четвртата позиција по три меча во групата А. Таму се наоѓаат и Цирих и Леверкузен, а швајцарскиот состав вечерва го победи тимот на Баер со 3-2 и го зазеде првото место со девет бода.

Фенербахче од Белгија се враќа со еден освоен бод откако против Андерлехт ремизираше со 2-2. Домаќините имаа предност од 2-0 со двата гола на Бакали во 30-тата, односно 50-тата минута, додека „фенерите“ се вратија со два брзи гола благодарение на Михаел Фреј. Швајцарецот прво погоди во 53-тата минута, а потоа му асистираше на Калдирим за израмнување на 2-2, само четири минути подоцна. Нашиот репрезентативец, Елиф Елмас, се најде во стартниот состав и учествуваше во кам-бекот на својот тим, пред да биде заменет во 86-тата минута од Потук.

Динамо Загреб со победата од 2-1 против Трнава останува максимален во групата Д. Победата ја донесоа Гаврановиќ и Орсиќ, а нашиот репрезентативец Аријан Адеми ги одигра сите 90 минути во новиот триумф на хрватскиот состав.

Резултати Лига Европа 3. коло:

Милан – Бетис 1-2

АЕК Ларнака – Лудогорец 1-1

Андерлехт – Фенербахче 2-2

Дуделанж – Олимпијакос 0-2

Копенхаген – Славија Прага 0-1

Карабах – Ворскла 0-1

Лајпциг – Селтик 2-0

Салцбург – Розенборг 3-0

Спортинг Лисабон – Арсенал 0-1

Трнава – Динамо Загреб 1-2

Зенит – Бордо 2-1

Цирих – Баер Леверкузен 3-2

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести