За победници и Арарат не е превисок

Македонија е без пораз повеќе од 15 месеци, а победа утре против Ерменија ќе биде висока колку Арарат. Библиската планина е во непосредна близина на Ереван, местото каде што од 18 часот ќе го играме клучниот меч што може да стави печат на првото место во нашата група од сегментот Д во Лигата на нациите.

Ова ќе ни биде четврто гостување во Ереван, а билансот со Ерменците ни е израмнет – по една победа, реми и пораз. Вкупно сме подобри и на 7 меѓусебни натпревари имаме 3 победи и по две нерешени и порази.

Таман за четврта победа во четвртото гостување кај Ерменците, кои не играат добро и имаат многу проблеми. Со нов селектор загубија од Гибралтар, а со претходниот, Минасјан, ги победивме во Скопје со 2-0 и сè е во наши раце.

Ни одговара и реми, но како што вели Ферхан Хасани, одиме на победа. Такво е и расположението во репрезентацијата, конечно имаме серија што е за почит и на десет натпревари по ред не сме поразени. Триумф ни носи мир и сигурен настап на завршниот турнир за круната во сегментот Д и за пласман на ЕП 2020 година.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести