35.8 C
Skopje
вторник, 12 август 2025
Дома Blog Страница 9773

Одлични вести: Хендрикс ќе игра за Македонија против Косово и Романија

Kошаркарската репрезентација на Македонија добива значително засилување во пресрет на дуелите со Косово и Романија, натурализираниот Американец Ричард Хендрикс се согласи да ѝ помогне на нашата селекција и ќе биде на располагање кај селекторот Јорданчо Давитков.

Иако при почетокот на подготовките беше најавено дека Хендрикс нема да може да игра поради семејни проблеми, но, очигледно, сѐ е во најдобар ред , па Американецот добил зелено светло од неговиот клуб одново да го облече нашиот национален дрес и да ѝ помогне на Македонија да ги оствари потребните позитивни резултати со кои ќе можеме да се пласираме за квалификациите за ЕП 2021.

Првиот дуел се игра во четврток, 13-ти септември, а нашата репрезентација патува за Приштина, каде што ќе го одигра мечот против Косово, додека три дена подоцна на наш терен ќе ја пречекаме селекцијата на Романија.

 

Се чека пад на Мурињо во Манчестер, а тој падна во Лондон (Видео)

Секој потег на Жозе Мурињо се следи внимателно. Затоа португалскиот стратег не може да се скрие дури и кога ќе му се случи незгода. Мурињо беше во Лондон за да го гледа дуелот меѓу Англија и Шпанија во Лигата на Нации, а на влезот пред стадионот „Вембли“ имаше незгода.

Во брзање, Мурињо се обиде да прескокне една мала ограда, но се сопна, загуби рамнотежа и падна на земја. Веднаш тука беше да му помогне човек кој носеше јакна со натпис „тука сум да помогнам“. Човекот се најде на вистинско место во вистинско време, а Мурињо со насмевка реагираше на незгодата која го снајде и продолжи.

https://youtu.be/bY-ZA64WN8o

ФИФА И ФИФ Про го соопштија списокот на најдобри фудбалери

Светската фудбалска федерација (ФИФА) заедно со Федерацијата на професионални фудбалери (ФИФПро) го соопштија списокот со најдобрите 55 играчи за минатата сезона. Професионалните фудбалери од целиот свет ќе го одберат најдобриот тим за сезоната 2017/18. Во составот ќе има голман, четворица дефанзивци и по тројца играчи од средниот ред и од нападот.
Најмногу играчи има од Шпанија, дури девет, а потоа следуваат Франција (8 играчи), Бразил (6), Хрватска (5), Германија и Белгија со по 4 фудбалери, додека Уругвај и Англија се со по тројца кандидати. По двајца играчи има од Италија и од Аргентина, а по еден претставник имаат Костарика, Холандија, Колумбија, Србија, Чиле, Полска, Сенегал, Португалија и Египет.
Меѓу најдобрите 55 играчи се најдоа: Џиџи Буфон, Тибо Куртуа, Давид де Хеа, Кејлор Навас, Марк-Андре тер Штеген – голмани; Жорди Алба, Дани Алвес, Даниел Карвахал, Џорџо Кјелини, Вирџил ван Дајк, Диего Годин, Матс Хумелс, Џошуа Кимих, Дејан Ловрен, Марсело, Јери Мина, Бенжамен Павар, Жерар Пике, Серхио Рамос, Тијаго Силва, Киран Трипер, Самуел Умтити, Рафаел Варан, Шиме Врсаљко, Кајл Вокер – одбрана; Серхио Бускетс, Каземиро, Филип Кутињо, Кевин де Бројне, Еден Азар, Андрес Иниеста, Иско, Н’голо Канте, Тони Крос, Немања Матиќ, Лука Модриќ, Пол Погба, Иван Ракитиќ, Давид Силва, Артуро Видал – среден ред; Карим Бензема, Единсон Кавани, Пауло Дибала, Антоан Гриезман, Хари Кејн, Ромелу Лукаку, Марио Манџукиќ, Садио Мане, Килијан Мбапе, Лионел Меси, Нејмар, Кристијано Роналдо, Мохамед Салах, Луис Суарес – напад.

Младите сакаат како сениорите – Утре на нова победа против Ерменија

Селекцијата А на Ерменија си замина со пораз од Скопје, а во нашиот главен град пристигнаа наследниците на Мхитарјан, Барсегјан, Пицели.., односно младите фудбалери на оваа земја до 21 година на нов меч против Македонија.
Утре од 15.30 часот, на теренот на ФФМ, младинските селекции на Македонија и Ерменија ќе играат меѓусебе само за престиж, бидејќи и двете репрезентации немаат шанса за пласман на ЕП 2019.
„Очекувам тежок меч, сосема поинаков од првиот дуел што го добивме во Ереван со 3-0. Ерменците се консолидираа во продолжението на квалификациите, имаат 7 бодови, за разлика од нас. Кај нас во тек е процес на изградба на една нова репрезентација од која очекуваме резултати во следниот циклус. Утрешниот противник има генерација повозрасни играчи, но ние со играта против Србија покажавме дека имаме квалитет. Одигравме добро против Србија, но за мене и за сите нас, несреќно загубивме. Сплет на околности нè доведе до пораз. Тоа ни најмалку не ја разниша атмосферата, туку напротив, ни даде импулс да веруваме дека можеме да се носиме со сите селекции. Очекувам дека можеме да се надигруваме со Ерменија и да покажеме дека имаме квалитет.
Македонија е во процес на транзиција и вклопување на помладите генерации играчи, повеќето од нив од суперталентираната селекција до 19 години. Имаме комбинација од две генерации, а интересно е што Добринко Илиевски му беше асистент на селекторот Вујадин Станојковиќ во генерацијата до 19 години, а и селектор на У-17 и У-18 и одлично ја познава состојбата кај младите категории. Овој циклус на натпревари е загубен, имаме само три бодови од седум натпревари и сме на делба на последното место со Гибралтар, но значајно е да се подготви една одлична генерација фудбалери за идните предизвици.

Португалија без Роналдо ќе ја напаѓа Италија

Кристијано Роналдо повторно нема да игра за Португалија, во дербито на денот против Италија, земјата во која ја продолжи својата кариера.
Португалските медиуми го ставија популарниот ЦР7 во фокусот пред дуелот на „Луж“ во Лисабон, вечерва од 20.45 часот. Роналдо нема да игра на премиерата за Португалија во Лигата на нациите, а објаснување има селекторот Фернандо Сантос.
„Кристијано се наоѓа во деликатна фаза од кариерата со трансферот во Јувентус. Заеднички се согласивме да не игра за репрезентацијата за да може побрзо и подобро да се аклиматизира во Јувентус“, вели Сантос.

Португалците и без Кристијано имаат одличен состав и се фаворити против Италија – селекцијата која е во фаза на обнова, со нов селектор. Роберто Манчини има сложена задача да го врати четирикратниот светски првак на шампионските патеки по дебаклот во баражот за СП и неучеството на Мундијалот во Русија.
Првиот меч против Полска во третата група од најсилниот Сегмент во Лигата на нациите не мина како што посакуваа „аѕурите“. Полјаците долго имаа предност од 1-0, но сепак Жоржињо израмни и им донесе еден бод на фаворитите.

Вечерва во Лисабон нема многу простор за калкулации, бидејќи Сегментот А е најсилен, а третата група со три селекции е тешка и само победникот ќе има шанси да игра на фајналфор-турнирот за пласман на ЕП 2020 година.

Ако нешто во моментов, пред мечот што ќе почне во 20.45 часот е на страната на Италија, тоа е традицијата и билансот. Досега двете селекции меѓусебе играле 11 пати, а „аѕурите“ имаат неверојатни 9 победи и два порази. И како куриозитет е што двете селекции сè уште немаат одиграно нерешено меѓусебе.
Коефициентот за победа на Португалија во „Бонус Тип“ во нашите обложувалници е 2,56, ремито е со квота 3,10, а триумф на Италија вреди 3,15.

Лудо: Возеа 225 км на час и се обиде да стисне кочница кај противникот (Видео)

Спортистите многу често не бираат начин како да стигнат до посакуваната цел, но тоа што го направи италијанскиот мотоциклист Романо Фенати се граничи со лудост. На трката за големата награда на Сан Марино, Фенати направи непромислен потег со којшто можеше да го загрози животот на неговиот сонародник Стефано Манци.
Двајцата мотоциклисти возеа еден до друг кога Фенати неочекувано ја испружи раката и стисна на кочницата на моторот на ривалот. Во тој момент тие возеа со брзина од 225 километри на час. Манци едвај успеа да го исконтролира моторот и не дозволи да падне, што можеше да има сериозни последици при пад на таа брзина.

https://youtu.be/cklpKVjEON4

Поради овој потег, Фенати беше дисквалификуван од трката, а подоцна беше казнет и со забрана за тркање на следните две трки. Италијанскиот возач дури е избркан и од тимот за кој се натпреваруваше. Од екипата на Маринели велат дека не им е потребен таков возач.
„Два круга пред инцидентот, имавме близок контакт, но тоа не е нешто што може да го оправда однесувањето на Фенати. Неговиот потег доволно кажува каков возач е“, рече Манци по трката.
Фенати од претходно е познат како „валкан“ возач, кој често имал инциденти со други мотоциклисти. Дури знаел и да тргне физички да се пресмета со дел од нив. Овојпат неговиот несовесен потег, за среќа, немаше посериозни последици, а тој ќе биде надвор од трките барем одредено време.

Казната за Серина Вилијамс е еден процент од наградата во Њујорк

Американската тенисерка Серина Вилијамс е казнета од организаторите на Отвореното првенство на САД со 17 илјади долари, или малку повеќе од еден процент од вкупната награда што ѝ припаѓа со пласманот во финалето.
Серина Вилијамс доби казна на теренот со одземање поен поради кавга со судијата, а сега е казнета и парично.
За неа тоа е речиси и безначајна парична казна од 17 илјади долари во однос на чекот од 1,4 милиони долари што го доби за пласманот во финалето. Таму загуби од Наомо Осака, тенисерка која за првпат освои Гренд слем трофеј.
Целиот настан и расправијата на Серина со судијата го расипа финалето, а Американката бараше извинување, но наместо тоа, доби парична казна.

Зидан го стресе Мурињо: Наскоро се враќам!

Доскорешниот тренер на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, со нетрпение чека Жозе Мурињо да добие отказ од Манчестер јунајтед за да може да седне на клупата на „Олд Трафорд“. Францускиот стратег потврди дека се подготвува наскоро да се врати на работа бидејќи доволно му било одмор.
„Да. Со сигурност планирам во брзо време да се вратам. Тоа е нешто кое го правам цел живот и нешто што сакам да го работам“, рече Зидан за шпанската телевизија ТВЕ.
Зидан помина две и пол години на клупата на Реал Мадрид и успеа да донесе три европски круни од Лигата на шампионите, покажувајќи дека не само што беше врвен фудбалер, туку е и одличен стратег.
Мурињо во Манчестер има несогласувања со челниците на клубот, кои не му дозволија да ги доведе посакуваните засилувања. Португалскиот стратег констатираше дека сега „црвените ѓаволи“ немаат тим за висок пласман. Токму поради ваквите констатации на Мурињо, доколку се случи да направи неколку кикса по ред, речиси сигурно е дека ќе добие отказ, а на негово место е подготвен да дојде Зидан.

Ноле го стигна Сампрас, на ред се Надал и Федерер

Новак Ѓоковиќ е новиот шампион во Њујорк откако во финалето на Отвореното првенство на САД со 3:0 во сетови го победи Хуан Мартин дел Потро. За Ѓоковиќ ова беше 14-ти Гренд слем трофеј во кариерата и успеа да се израмни со легендарниот американски тенисер, Пит Сампрас, кој во кариерата имаше освоено 14 вакви пехари.
Популарниот Ноле не заборави да го спомене токму Сампрас, кој, сепак. не беше на трибините на стадионот „Артур Еш“.
„Се надевав дека Пит Сампрас ќе биде тука, но за жал не е. Пит те сакам, ти си мојот идол“, рече Ѓоковиќ, кој потоа додаде дека семејството е неговата најголема поддршка во кариерата.
„Успеав благодарение на моите сакани – децата, сопругата, семејството. Тие секогаш биле покрај мене и ми давале поддршка кога ми е најтешко. Знам низ што поминуваше Мартин дел Потро во изминативме две-три години, кога имаше повреди. Во тие моменти кога не се чувствувате добро, се обидувате да извлечете некои поуки. Сакам да му честитам на Дел Потро бидејќи тој е одличен тенисер. Атмосферата на трибините беше како на фудбалски меч, но се беше во границите на дозволеното“, рече Ѓоковиќ по победата во финалето.
Пред Ноле, сега има само двајца тенисери кои успеале да освојат повеќе трофеи на Гренд слем турнирите. Тоа се неговите најголеми ривали, Роже Федерер и Рафаел Надал. Федерер е рекордер со 20 титули, додека Надал има 17 Гренд слем трофеи.

Нова Гренд слем титула за Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ додаде уште една Гренд слем титула во своите витрини. Некогашниот број 1 во светот триумфираше на Отвореното првенство на САД откако во финалето, прилично лесно, со 3:0 во сетови го победи Хуан Мартин дел Потро. Аргентинецот не успеа да му даде посериозен отпор на Ѓоковиќ, кој по сетови беше подобар со 6:3, 7:6 (4) и 6:3.
Со оваа титула, популарниот Ноле ја продолжи неверојатната низа во втората половина на годината. Ѓоковиќ претходно триумфираше на Вимблдон, потоа беше најдобар и во Синсинати, а сега го крена трофејот и во Њујорк.
На стадионот „Артур Еш“ имаше 24.000 гледачи кои на моменти направија дури и фудбалска атмосфера, што беше само дополнителен мотив за двајцата тенисери да одиграат на високо ниво. Ова беше 19-ти дуел меѓу Ѓоковиќ и Дел Потро, а Србинот ја продолжи доминацијата, победувајќи по 15-ти пат.
Освен трофејот, за победата во финалето Ноле заработи и 3,8 милиони долари, а од денеска скокна и на АТП-листата, каде што е на третото место.