Марсело е еден од низата играчи на Реал Мадрид што затајувал данок, и тоа во висина од 400 илјади евра, а како глоба ќе плати речиси двојно повеќе. Бекот на Реал Мадрид и на бразилската репрезентација се спогоди со државата Шпанија да плати 750 илјади евра за да не заврши зад решетки.
Пред него и Кристијано Роналдо и Лионел Меси, но и уште неколку познати фудбалери од Ла Лига имаа проблем и со законот, односно со затајување на данок.
Ваквиот прекршок строго се казнува, дури вообичаено е да се оди и во затвор, но играчите успеаваа да се договорат со шпанските судови.
Марсело затаи данок од 400 илјади евра, ќе плати 750 илјади глоба
Младите се неискусни – Второто полувреме ни ги „лапа“ бодовите
Македонските фудбалски таленти немаат добар циклус во квалификациите за Европското првенство во Италија и Сан Марино следната година, а на неверојатен начин ги губиме бодовите со голови во последните моменти.
Ако се сметаат головите што ги примавме во второто полувреме, загубени се најмалку десет бодови на осум натпревари.
И денеска не беше поинаку, а сигурната победа против Ерменија и предноста од 3-1 во самиот финиш ја прокоцкавме со два примени погодоци во последните моменти.
Амановиќ си постигна автогол во 90-тата минута, Аветисјан ни даде гол во третата минута од судиското продолжение и победата исчезна.
Претходно, во овој циклус губевме бодови со голови примени во вториот дел против Гибралтар, со голот во 94-тата минута загубивме дома од Русија со 3-4, Австрија нè победи со 2-0 со два гола во продолжението од мечот, Србија славеше со 2-1 минатата седмица со погодок во 80-тата минута и денеска Ерменците ни одземаа два бода со голови во последните моменти.
Неискуството е очигледно кај нашите млади фудбалери, но јасно е и дека треба да се поработи на психофизичката подготовка за да се избегнува повторувањето на лекциите, односно натпреварите во кои загубивме десеттина бодови со примени голови во вториот дел.
Седлоски е подготвен за дебито на клупата на Широки
Поранешниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски, е подготвен да дебитира на клупата на Широки Брег во дербито против Зрински. Седлоски неодамна беше доведен во клубот, потпишувајќи двегодишен договор. Тој вели дека целосниот фокус е за мечот против Зрински.
„Знам дека Зрински три години по ред е шампион, што покажува дека имаат квалитет. Сепак ние сме фокусирани само на нашата игра. Треба да ја вратиме агресивноста, секој играч мора да го даде максимумот за колективот. Лигата е многу израмнета, нема лесни натпревари и секој секого може да победи. Секој дуел е тежок на свој начин. Нема да потцениме никого и ќе одиме меч по меч. Моментно мислиме на Зрински“, рече Седлоски на прес-конференцијата пред дебито на клупата на Широки Брег.
По осум одиграни средби досега, Широки Брег е на четвртото место на табелата со 13 освоени бодови, додека Зрински е една позиција погоре и досега освои 15 бодови.
Македонија прими два гола во 90-тата минута и не ја победи Ерменија
Македонската репрезентација за играчи до 21 година направи од готово вересија. На дуелот против Ерменија имаше предност од 3-1, но прими два гола во 90-тата минута и на крајот мечот заврши 3-3.
По ова реми, македонските надежи останаа на петтото место во Групата 7 само со една победа од 8 меча и само четири освоени бода, без никакви шанси да се надева за пласман на Европското првенство 2019 година.
Јани Атанасов во 26-тата минута донесе предност на Македонија, што беше и единствен гол во првите 45 минути. Вториот дел беше вистинско гол-шоу. Најпрво Аветисјан погоди од пенал во 56-тата минута и израмни на 1-1. Во 73-тата минута беше досуден пенал и за Македонија, кој го реализираше Здравковски за водство од 2-1.
Во 88-мата минута во игра влезе Дарко Чурлинов, што се покажа како добар потег. Точно 20 секунди откако влезе во игра, Чурлинов даде гол за 3-1. Кога сите мислеа дека предноста од два гола на две минути до крајот ќе биде доволна за победа, Ерменците приредија изненадување.
Во 90-тата минута Амановиќ си даде автогол, а во третата минута од судиското надополнување Аветисјан со својот втор погодок на мечот израмни на 3-3.
Марадона поради најмалата ќерка решил да ја остави дрогата
Неповторливиот Диего Армандо Марадона направи вистинско шоу во Мексико. Тој денеска беше промовиран во нов тренер на екипата на Дорадос де Синалоса. Освен на фудбалски теми, Диего Армандо реши да зборува и за својот голем порок со којшто се бореше со години, а тоа е дрогата.
Марадона открива дека неговите ќерки биле мотивот и причината поради која тој решил да престане да се дрогира.
„Сопрев со дрогата благодарение на мојата најмала ќерка. Кога ја користев, тоа беше еден чекор назад, а требаше да продолжам напред. Успеав да се справам со тоа благодарение на моите ќерки“, вели легедарниот Марадона.
Илјадници навивачи од градот Кулиакан се појавија на стадионот „Естадио Банорте“ за да го видат и да го поздрават Диего Армандо, кој треба да се покаже како добар тренер.
Црвена ѕвезда ги продаде сите билети за Лигата на шампиони
Најголемиот успех на Црвена ѕвезда во последниве две и пол децении, пласманот во групната фаза од Лигата на шампионите, предизвика невиден интерес кај навивачите. Српскиот првак е дел од 32-те најдобри екипи во Европа и во групата ќе игра против докажаните европски гиганти Ливерпул, Пари Сен Жермен и Наполи.
Атрактивните противници, но и фактот дека по 26 години клубот повторно е во една ваква фаза од најдоброто натпреварување, направи навивачите само за три часа да ги купат сите пакет-билети за трите меча кои ќе се играат на стадионот „Рајко Митиќ“.
Според распоредот на УЕФА, првиот меч Ѕвезда на свој терен ќе го игра на 18-ти септември против Наполи. Петкратниот европски првак Ливерпул во Белград ќе гостува на 6-ти ноември, додека францускиот првак Пари Сен Жермен на „Рајко Митиќ“ ќе игра на 11-ти декември.
УЕФА воведува трето клупско натпреварување
Европската фудбалска федерација (УЕФА) планира да воведе ново европско клупско натпреварување, кое би започнало од сезоната 2021/22. Оваа идеја ја лансираше претседателот на Асоцијацијата на европски клубови (ЕКА), Андреа Ањели, кој воедно е и прв човек на италијанскиот првак Јувентус. Ањели потврди дека идејата била подолго време, но сега УЕФА дала дозвола за реализација.
Засега не се откриваат повеќе детали околу тоа како ќе изгледа новиот турнир, но јасно е дека тоа ќе биде место каде што ќе им се даде шанса на послабите екипи да се претстават на европската сцена.
Со воведувањето на новиот турнир, бројот на екипи кои ќе учествуваат во европските натпреварувања ќе се зголеми на 96 од сите земји на Стариот Континент. Ова би било најголема промена која ја прави УЕФА на клупско ниво во последните десетина години. Последната голема промена се случи во 2008 година, кога УЕФА реши да го укине Интертото купот.
Многу е веројатно дека со воведување на третиот турнир, ќе се случи промена и во форматот на Лигата на Европа. Наместо сегашните 48 екипи, кои се дел од групната фаза, бројката ќе се редуцира на 32 клубови за да се зголеми квалитетот на натпреварувањето.
Промени во Лигата на шампионите не се предвидени и таму ќе останат 32 клубови во елитната групна фаза.
Финансиско освежување пред гостувањето во Косово
Најдобрите македонски кошаркари денеска ги добија премиите кои ги заработија во претходниот претквалификациски циклус, кога беа подобри од Швајцарија и Словачка, па ќе имаат мотив плус да се потрудат да ја минат и наредната фаза во која ривали им се Косово и Романија.
Македонската репрезентација, со натурализираниот Ричард Хендрикс во составот и со останатите 11 избраници на Јорданчо Давитков, в четврток вечер гостува кај должникот Косово. Иако националниот тим е доста изменет во однос на оној што минатото лето на Илинден гостуваше во Приштина, сега е поискусен и подобро покриен на клучните позиции.
Желбата да се совлада соседот е голема, но нема да биде лесно, а сите кои играа лани, кога потфрливме во првото полувреме, го знаат тоа. Сега атмосферата во селекцијата е подобра, играчите имаат искуство плус, и тоа треба да донесе поповолен резултат за зголемување на самодовербата пред неделниот меч во Скопје против незгодната Романија.
Доколку бидеме први во групата со Косово и Романија, влегуваме меѓу 32-те најдобри селекции во Европа, кои ќе играат квалификации за пласман на Евробаскетот 2021 година, на кој ќе се појават 24 тима.
Ветеранот Хазлем ќе ја игра шеснаесеттата сезона во Мајами хит
Мајами хит ја обнови соработката со Јудонис Хазлем, искусниот крилен центар ќе ја игра шеснаесеттата сезона како член на франшизата од Флорида. Капитенот на Мајами ќе помогне во претстојната сезона, додека за продолжување на договорот ќе се одлучува по крајот на регуларниот дел од сезоната 2019.
Триесет и осумгодишниот кошаркар пристигна во 2002 година како слободен играч со минимален договор, без да биде драфтуван, а упорноста на Хазлем го доведе до статус на легенда во тимот 16 години подоцна.
Покрај трите НБА-титули, Хазлем во својата кариера има поставено неколку клупски рекорди со кои слободно може да се смета за еден од најдобрите играчи кои некогаш играле за оваа франшиза. Од 844 натпревари стартувал на 498 меча, Хазлем се вбројува како втор активен кошаркар со најмногу одиграни сезони за една екипа во лигата. На клупско ниво, тој е на врвот на листата во офанзивни и дефанзивни скокови.
Со 50 денари „си ќари“ речиси 4.000 евра
оа му успеа на еден наш играч во обложувалниците во Гостивар. Тикетот кој е уплатен во „SPORT LIFE“ во саботата само со 50 денари, на крајот му донесе добивка дури од 235.412 денари.
Според погодените коефициенти, исплатата на ливчето ќе беше под 200.000 денари, но благодарение на бонусите кои ги има во нашите обложувалници, гостиварецот од бонусот заработи 45.563 денари, па добивката е точно 235.412 денари.
ИАКО УШТЕ Е ЛЕТО, ХОКЕЈОТ Е ДОБИТЕН
Среќниот типувач успеал да погоди дури 10 пара на ливчето, на кое има шест меча од хокеј-лигите и четири фудбалски натпревари. Иако периодов најактрактивен беше фудбалот благодарение на Светското првенство и квалификациите за Лигата на шампионите и Лигата на Европа, но и стартот на новите првенства, добитникот се фокусирал на зимски спорт, на хокејот. Тоа се покажало како многу добар потег.
Одиграл четири меча од Лигата на шампиони во хокеј и два од руското првенство, а успеал да ги погоди сите типови. На Малме (Шведска) – Јуност Минск (Белорусија) одиграл 1 и 5+, а мечот заврши 4:1. Истите типови (1 и 5+) се и на мечевите Маунтфилд (Чешка) – Руен (Франција) кој заврши 3:2, Магнитогорск (Русија) – Слован Братислава (Словачка) (5:1 конечен резултат), Автомобилист (Русија) – Динамо Рига (Летонија) (4:2) и Карпат (Финска) – Нирнберг (Германија) (9:3).
Дека ќе има над 5,5 голови типувал на дуелот Минхен (Германија) – ТПС (Финска). а конечниот резултат е 5:1.
ФУДБАЛСКА СРЕЌА БЛАГОДАРЕНИЕ НА ГРКОТ МИТРОГЛУ
Добитникот успеал да ги предвиди голеадите кои беа на дуелите Барселона – Уеска и Феенорд – НАЦ Бреда. Барселона победи со 8-2 (3-2), а Феенорд славеше со 4-2 (1-1). Овие два меча ги одиграл дека во двете полувремиња ќе има барем по два погодоци.
Последни за чекање му биле дуелите Торино – СПАЛ и француското дерби Монако – Марсеј. На Торино чекал „единица“, која му се погоди благодарение на голот на Торино во 52-рата минута, за конечни 1-0.
Вистинска драма го чекало на францускиот дуел. Според типувањето морало да има еден гол во првото полувреме, а потоа во вториот дел да бидат дадени уште два погодоци. До 45-тата минута резултатот е 0-0, а во судиското надополнување, односно буквално во последните секунди од првиот дел, Марсеј со погодокот на Константинос Митроглу успеа да поведе со 1-0 и да го остави во „живот“ добитното ливче. Во второто полувреме уште во првите 10 минути Монако успеа да даде два гола за пресврт, но и за радост на нашиот играч од Гостивар, бидејќи тоа му ја донело добивката од речиси 4.000 евра.