10.8 C
Skopje
сабота, 22 ноември 2025
Дома Blog Страница 9886

Со 300 отчукувња на срцето во минута играл фудбал

Англискиот дефанзивец Леон Барнет мораше да ја прекине кариерата на 32 години и вистинско чудо е што воопшто останал жив додека играл фудбал. По мечот меѓу Нортхемптон и Бери одигран на втори октомври, на Барнет му биле откриени срцеви проблеми.

„По направените контроли беше утврдено дека сум играл со околу 300 отчукувања на срцето во минута. Тоа е неверојатно. Лекарите ми рекоа дека некој што има толку отчукувања на срцето, веднаш би колабирал. Останав во шок, но добро е бидејќи сè можеше да заврши и многу полошо“, вели Барнет.

Нормалниот број на отчукувања на срцето се движи помеѓу 60 и 80 во минута во мурување. Спортистите кога не се активни бројот на отчукувања на срцето им е помеѓу 40 и 60 во минута, што само покажува колку било над нормалата работењето на срцето на Барнет.

Фудбалерот ќе го одработи договорот до крајот на сезоната со клубот, но јасно е дека никогаш повеќе нема да игра професионално фудбал.

 

 

Резервите на Буфон на мегдан во Торино

Јувентус може со реми против Валенсија да се пласира во нокаут-фазата, но на гостите од Шпанија таков исход не им договара и ќе мораат да атакуваат на победа вечерва, на „Алијанц“ во Торино, од 21 часот.

Тоа најавува напаѓачки фудбал и многу работа за двајцата голмани. Војќех Шченсни ќе го брани голот на италијанскиот шампион и тој си ја дочека шансата да излезе од сенката на легендарниот голман Џиџи Буфон.

Една година Полјакот му беше резерва на Буфон во Јувентус и сега е стандарден, можност што ја немаше сегашниот голман на Валенсија, Норберто Нето.

Нето беше член на Јуве од 2015 до 2017 година, речиси постојано му беше замена на Буфон и бранеше само на 11 натпревари за клубот од Торино.

Вечерва двајцата одлични голмани комплетно ќе „излезат“ од сенката на Џиџи, кој сега брани за Пари Сен Жермен, и ќе имаат шанса пред „својата“ публика во Торино да потврдат дека се врвни голмани.

 

Сол Кембел го прифати предизвикот, ќе го спасува Маклсфилд во Лига два

Сол Кембел за првпат ќе биде главен тренер на тим во Англија, а го прифати големиот предизвик да биде на кормилото на нисколигашот Маклсфилд.

„Фудбалот брзо се движи напред. Почнав пред две години и сега имам голем предизвик. Одиме напред“, напиша на „Твитер“ Кембел.

Сол има одлична фудбалска кариера, играше за лутите ривали од Северен Лондон, Арсенал и Тотенхем, а има и 73 настапи за англиската репрезентација. Со Маклсфилд потпиша договор на 18 месеци.

Како тренер беше помошник во англиската репрезентација за играчи до 21 година, а одреден период, како што изјави, стагнираше со тренерската кариера со обвинување дека луѓето од црната раса потешко добиваат шанса во Англија.

Маклсфилд се наоѓа на последната позиција на табелата во Лига два во Англија само со 10 бодови по 19 кола и Кембел ќе има тешка мисија да направи чудо и да го спаси тимот од испаѓање.

 

Бомбашот на Борусија Дортмунд доби 14 години затвор

Сергеј В. (28 години) е осуден на 14 години затвор за бомбашкиот напад кој го изврши минатата година врз автобусот со кој се превезуваа играчите на Борусија Дортмунд. Нападот се случи непосредно пред почеток на мечот од Лигата на шампиони против Монако.

Врз автобусот беа фрлени три експлозивни направи, а за среќа, немаше жртви. Единствено со повреда на рацете од распрснатите стакла се здоби Марк Бартра.

Напаѓачот Сергеј, кој има германско и руско државјанство, беше фатен една недела подоцна.

Напаѓачот призна дека дејствувал сам и дека главна причина поради која го извршил нападот било да предизвика пад на акциите на клубот, за подоцна да може тој да ги купи. Така и направил. По нападот, купил акции на Борусија Дортмунд во вредност од 70.000 евра.

Во обвинението стои дека Сергеј е обвинет за 28 обиди за убиство и вистинска среќа е како немало жртви ако се знае дека имало дури три детонации.

 

 

Од Бока одлучни: Никаде нема да играме против Ривер !

Реванш-мечот од финалето во Купот Либертадорес помеѓу Бока јуниорс и Ривер плате може и никогаш да не се одигра. Ова е сè пореална опција откако челниците на Бока јуниорс најавија дека не планираат да играат повторно. Челниците на КОНМЕБОЛ најавија дека мечот ќе се игра на деветти декември, но надвор од Аргентина, најверојатно во Парагвај.

За претседателот на Бока јуниорс, Даниел Ангелици, и оваа опција е неприфатлива.

„Нема да прифатиме да играме никаков меч и никаде. Во 2015 година ние бевме во иста ситуација и бевме дисквалификувани. Затоа дадовме барање да нема втор меч и сега ќе чекаме што ќе одлучи судот“, рече Ангелици, откако првите луѓе на КОНМЕБОЛ не прифатија службена победа на Бока.

Приказната за финалето ќе стигне и до ЦАС (Арбитражниот спортски суд). Од Ривер се подготвуваат со своја одбрана и сега ќе се чека нивна реакција.

Одлична најава за Ајакс – Младинците го декласираа АЕК со 8-1

Ајакс е вистински расадник на таленти, ја има веројатно и најдобрата Академија за млади играчи на светот, а фудбалерите до 19 години на тимот од Амстердам им направија одлична најава на сениорите вечерва пред дуелот со АЕК во Атина.

Избраниците на Џони Хејтинга ги декласираа врсниците од АЕК со импресивни 8-1 на гостински терен, што е највисока победа на тимот до 19 години во натпреварите од Лигата на шампионите за младинци.

Вечерва, од 18.55 часот сепак за Ајакс поважниот меч е тој на сениорите против АЕК во Атина. Популарните „копјаници“ ќе се пласираат во нокаут-фазата во Лигата на шампионите со победа против отпишаниот АЕК или дури и да не победат, ќе одат во осминафиналето ако Бенфика не успее да го победи Баерн во Минхен.

Двете варијанти се сосема реални и Ајакс да го победи АЕК, но и Бенфика да не слави против лидерот во групата Е, Баерн.

Во прилог на Ајакс е и традицијата, која е на страната на гостите. Тие во досегашните три меѓусебни дуели го победуваа АЕК и имаат импресивна гол-разлика од 7-1 против грчкиот тим. Со гол повеќе нивните младинци денеска ги декласираа врсниците од Атина, што е одлична најава за нов триумф на фаворитот од Холандија.

 

 

Студот во Москва и повредата на првиот стрелец се проблем за П’лзењ против ЦСКА

П’лзењ и ЦСКА Москва одиграа вистински трилер-меч во Чешка на стартот од натпреварите во групата Г во Лигата на шампионите и по многу возбудувања, дуелот заврши нерешено, 2-2.

Тоа е единствениот бод што П’лзењ го има освоено на четирите натпревари во друштво на ЦСКА, Реал Мадрид и Рома, а вечерва, од 18.55 часот на арената „Лужники“ немаат простор за калкулации.

П’лзењ мора да оди на победа, ако сака да презими во Европа, односно да продолжи во Лигата на Европа, но ќе мора барем за час и половина да ја преживее и руската зима и солидниот противник.

Во Москва, според прогнозите, температурата за време на мечот ќе биде околу минус 5, а П’лзењ има уште еден голем проблем. Двојниот стрелец против ЦСКА од првиот меч, Михаил Крменчик, нема да игра поради повреда на коленото.

Тој ги постигна двата гола за П’лзењ на 19-ти септември, а тимот има вкупно 3 погодоци на сите четири мечеви во групата Г и без него мисијата на чешкиот тим да се освои Москва ќе биде многу потешка.

Проблеми има и за Сергеј Гончаренко, тренерот на ЦСКА Москва, а вечерва,ако игра Марио Фернандес, ќе мора да носи маска на лицето, како дополнителна опрема заедно со мекиот шлем.

Десниот бек на ЦСКА Москва е еден од најмалерозните играчи во Русија и имаше дури 7 повреди на главата во текот на шестгодишната кариера во руското првенство. Вечерва веројатно ќе игра, но ќе мора да носи двојна заштита за главата и за лицето.

 

Мурињо им се закани на играчите дека ќе ги казни ако вечерва не победат на „Олд Трафорд“

Манчестер јунајтед вечерва на својот „Олд Трафорд“ игра против Јанг бојс, во меч од Лигата на шампиони. Со евентуална победа, англискиот гигант може да си обезбеди место во нокаут-фазата. Токму затоа тренерот на „црвените ѓаволи“, Жозе Мурињо, потенцираше дека ова е средба која треба да се добие.

Ако во минатото Манчестер секогаш доминирал пред своите навивачи, сезонава игра очајно и има само три победи во сите натпреварувања, што е неверојатно малку. Јунајтед го победи Јанг бојс на гости, што значи дека сега само рутински треба да ја заврши работата. Мурињо потенцираше дека играчите ќе мора да покажат дека знаат како се победува пред својата публика, а доколку не го направат тоа, ќе следуваат санкции.

„Ако некој чувствува притисок кога играме на нашиот стадион, подобро е да остане дома. Не зборувам за нашиот спортски дом „Олд Трафорд“, туку дома каде што живее и спокојно нека гледа на телевизија. Не знам како може да чувствуваат притисок, а играме на свој терен, пред своите навивачи. Никогаш не ми се случило тоа“, вели Мурињо пред мечот со Јанг бојс.

Пред своите навивачи, Манчестер сезонава се радуваше само во дуелите со Лестер (2-1, Њукасл (3-2) и Евертон (2-1). Покрај трите победи, англискиот гигант има и четири ремија и два порази.

 

 

Ривер – Бока на деветти декември во Асунсион?

Реванш-натпреварот од фудбалскиот Копа Либертадорес помеѓу аргентинските ривали Ривер плате и Бока јуниорс да се игра на деветти декември во Асунсион, главниот град на Парагвај. Ова е компромисот кој го предложи КОНМЕБОЛ (Јужноамериканската фудбалска конфедерација) како решение за проблемот кој настана со одложувањето на дуелот помеѓу аргентинските ривали. На челниците на двата клуба не им беше мило што дојде ваков предлог. Од Бока најавија и жалба.

Националниот стадион во Асунсион на кој игра парагвајската репрезентација има 42.000 седишта.

На состанокот во главниот град на Парагвај, Асунсион, присуствуваа првиот човек на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингес, претседателот на Ривер, Родолфо Донофрио, првиот човек на Бока, Даниел Анхелиси, а како „олеснувач“ и посредник таму бил и претседателот на Аргентинската фудбалска федерација, Чики Тапија.

Пред состанокот, ставот на Бока беше дека не треба да се игра и мечот да го добијат со службен резултат, додека од Ривер сметаа дека мора да се игра на нивниот стадион со публика, како што беше и планирано. Предлогот на Бока прв отпадна од игра како најрадикален и се инсистираше дека мора да се игра, макар и надвор од Аргентина. Потоа не помина ниту предлогот на домаќинот Ривер, па останаа опциите да се игра без публика или некаде на неутрален терен.

Наскоро треба да се донесе конечната одлука.

Проклетството на Варан: Шест порази и реми во последните седум меча

Не е чудно што Реал Мадрид сезонава реди лоши резултати и притоа прима многу голови. Еден од клучните дефанзивци, Рафаел Варан, сезонава игра очајно, како што покажува статистиката.

Имено, Реал нема победено на последните седум меча кога Варан бил во стартните 11, со него во одбрана имаат учинок од шест порази и едно реми. Од вкупно 13-те настапи на Французинот во сите натпреварувања, „кралевите“ дозволиле дури 18 погодоци во својата мрежа. Последниот меч во Ла Лига, Реал го загуби со 3-0 против Еибар, а Варан беше човекот кој требаше да ги спречи сите закани кон голот на Куртуа. Тој меч беше прв настап на Варан под водство на Сантијаго Солари, кој во претходните средби често ја ротираше поставата.

Кога дефанзивецот не е во составот поради повреда или е на клупа, Реал Мадрид на осум меча има примено само осум погодоци, од кои пет се во поразот од 5-1 против Барселона.

Оваа низа на очајни настапи започна уште во мечот од европскиот Суперкуп против градскиот ривал Атлетико. На тој меч, на Диего Коста му беа потребни 60 секунди да ја затресе мрежата на континенталниот владетел, а средбата подоцна Реал ја загуби со 4-2 по продолженијата.

Варан игра лошо и за француската репрезентација. По освојувањето на Мундијалот, Французинот настапи на три од вкупно четири меча кои ги играа „триколорите“, а на нив бележи учинок од еден триумф, едно реми и еден пораз.

Вечерва Реал гостува кај Рома, во меч од рамките на петтото коло во групната фаза од ЛШ. Солари нема многу избор, покрај Рамос во централната одбранбена линија ќе биде Варан, па дефанзивецот ќе мора да ги оправда неговите квалитети.