11.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025
Дома Blog Страница 9901

Меси, Симеоне и Икарди нема да гледаат Ривер-Бока

Аргентинските фудбалски асови Лионел Меси, Диего Симеоне и Мауро Икарди, нема да може да го гледаат натпреварот помеѓу Ривер плате и Бока јуниорс, бидејќи имаат обврски со своите клубови во термини кои се поклопуваат со Суперкласикото од реваншот на финалето во Копа Либертадорес.

Битката на аргентинските гиганти за титулата најдобар тим во Јужна Америка, сите сакаат да го гледаат, особено Аргентинците, но Меси, Симеоне и Икарди, нема да ја имаат таа прилика, барем не да го гледаат целиот меч на „Монументал“.

Финалето во Копа Ливертадорес се игра од 21 часот по македонско време. Само 15 минути порано, стартува дербито во шпанската лига помеѓу Атлетико Мадрид и Барселона. Тренер на Атлетико е Симеоне, а главен играч на гостите е Меси. Од 20.30 почнува мечот на Интер со Фрозиноне од италијанската Серија А, па и Икарди кој сега е главен напаѓач во репрезентацијата, нема да може да го гледа големото дерби на аргентинскиот фудбал.

Нема попуст за Игуаин – против Лацио и Парма на трибини

Црвениот картон кој го доби Гонзало Игуаин на дербито Милан – Јувентус играно на 11 ноември на „Сан Сиро“, предизвика доста полемики во италијанските и европските фудбалски кругови, а казната за аргентинскиот напаѓач за стореното дело ќе биде два меча неиграње.

Во Милан сметаа дека двата жолти картони за приговор се неоправдани, се жалеа на одлуката и бараа казната да биде намалена на еден меч. Но, федералниот апелациски суд во Рим откако го слушна исказот на фудбалерот и ги зеде сите околности во предвид, ја одби жалбата, па популарниот Пипита нема да може да игра на средбите од Серија А против Лацио и Парма.

Игуаин нормално тренира со екипата, веруваше во позитивен исход, но судот пресуди дека сепак треба да одлежи суспензија од два, а не од само еден натпревар.

Пако Алкасер останува во Дортмунд до 2023 година

Борусија Дортмунд го откупи договорот на Пако Алкасер и сега шпанскиот напаѓач е „врзан“ со бундеслигашот до 2023 година. Алкасер играше како позајмен од Барселона, но „милионерите“ не сакаат да се разделат со него по завршувањето на сезонава.

Договорот на Алкасер со Борусија е вреден 21 милион евра, а можно е да отиде и до 26 милиони, во зависност од резултатите. Барса ќе добие 5 проценти од евентуалниот трансфер на Алкасер од Борусија во друг клуб. Каталонците го купија за 30 милиони од Валенсија.

Пако во Борусија замина на 28 август. Тој иако е резерва, со осум гола (во просек дава гол на секои 29 минути игра) за Борусија во германската лига, покажа дека е во животна форма.

„Многу сум среќен во Борусија. И клубот и тимот се прекрасни. Потегот да дојдам тука беше полн погодок, направив вистински избор. Ќе дадам сè од себе, со игри и голови да се заблагодарам за довербата“ – рече Шпанецот.

Навивачите на Атлетико подготвија кореографија со 67.000 картони

Утревечер на „Ванда Метрополитано“ кога ќе излезат на терен фудбалерите на Атлетико Мадрид и Барселона, на трибините ќе се кренат 67.000 картони, и тоа ќе биде најголемата кореографија во клупската историја на мадридскиот клуб.

Од Атлетико се пофалија дека тоа ќе биде најголем мозаик на трибините во нивното постоење, но не е познато каква порака ќе се испрати кога играчите заедно ќе излезат на терен пред самиот почеток во 20.45 часот, или ќе има само картони во боите на клубот.

„Во организацијата учествуваа активни членови на клубот со годишни билети, навивачи кои се разбираат од анимација, и волонтери кои го сакаат Атлетико Мадрид“ – објавија од Атлетико и додаваат дека сите кои ќе учествуваат во кореографијата, треба да седнат на своето место на половина час пред почетокот на мечот.

Фановите на Атлетико најавија дека вечерва ќе одат пред хотелот каде играчите се во карантин, да им дадат поддршка на своите миленици.

Борна Чориќ ја израдува Колинда

Борна Чориќ во три сета, со 6-2, 7-5, 6-4, го порази Жереми Шарди, и на репрезентацијата на Хрватска ѝ донесе водство од 1-0 во финалето на Дејвис купот. Финалето се игра на стадионот во Лил, но и гостите имаат голема поддршка од околу 2.000 гласни фанови, а во ложата се наоѓа и претседателката на државата, Колинда Грабар Китаровиќ.

Шарди во последен момент влета во комбинација и не ја оправда довербата. Беше целосно надигран, се виде дека не е квалитет од типот на Монфис, Симон или Гаске кои нема да играат. Проблем за тенисерите е променливата температура. Хрватска има серија од седум победи по ред на земјена подлога, па засега за Французите не им се погоди изборот на подлогата.

Во третиот сет, при 4-3, Чориќ побара медицински тајм-аут, но по третманот на квадрицепсот кој го доби, без проблеми освои уште два гејма на свој сервис, и дојде до победа.

Во вториот меч, попладнево ќе играат Жо Вилфред Цонга и Марин Чилиќ, утре е мечот во двојки, а последните две сингл пресметки се закажани за недела.

Лопетеги почна да тренира бокс (Видео)

Неодамнешниот тренер на Реал Мадрид, шпанскиот стручњак Хулен Лопетеги, стави ракавици, влезе во ринг и почна да посетува часови по бокс. За Лопетеги се шпекулираше дека е кандидат за селектор на репрезентацијата на САД, а во слободното време тој реши да се испроба во „благородната вештина“.

Поранешниот боксер и шампион на Шпанија во тој спорт, Хосе Луис Серано Валеро, на „Инстаграм“ објави видео на кое тој му држи час по бокс на фудбалскиот тренер Лопетеги. Валеро напиша дека Лопетеги има физичка сила, сега му останува да работи на техниката.

Последните 7-8 месеци од 2018 година му беа лоши на Лопетеги, го избркаа од шпанската репрезентација и од Реал, па веројатно сака „да се издува“ тренирајќи бокс.

Како му одеше на почетникот, погледнете во видеото:

https://www.youtube.com/watch?v=wkYO3jLl0zk

Хамилтон со „единица“ во Абу Даби

Во чест на новата титула, Луис Хамилтон на неделната трка во Абу Даби, која е последна од шампионатото во Формула 1 сезонава, ќе вози со болид кој ќе има број 1.

Како што Кристијано Роналдо е познат по бројот 7, а Мајкл Џордан по 23-ката, така и Хамилтон сака да го има бројот 44, но во чест на петтата титула, тој барем за еден викенд реши да биде со бројот 1 на неговиот Мерцедес. На Британецот му беше дадена дозвола на носот на „Сребрената стрела“ да му пишува број 1.

Хамилтон во 2015 и 2017 имаше опција да вози со „единица“, зачувувајќи ја традицијата светскиот првак да биде со болид на кој ќе биде бројот 1, но во тие две години, како и сега во 2018, одлучи да остане со омилената 44-ка. Од 2014 година наваму, пилотите имаат право сами да бираат кој број ќе го користат, без разлика дали се шампиони, главни во својот тим или слично.

Петкратниот првак со број 1 се тркаше само во 2009 година, годината по неговата прва титула, а во Абу Даби не е виден болид со број 1 уште од 2014, кога Себастојан Фетел имаше „кец“ на својот Ред Бул.

Просинечки со влошено здравје, заврши во болница на операција

Роберт Просинечки се жалел на проблеми со дишењето, се претпоставуваше дека причината е премореност, но целата ситуација стана сериозна и актуелниот селектор на БиХ мораше да биде опериран.

Сè уште не се објавува со какви проблеми се соочува познатиот фудбалер, последна вест е дека во прашање е операција на слепото црево, а хируршкиот зафат сè уште трае.

Просинечки не беше присутен на отворањето на новата куќа на фудбалот во БиХ, тамошните медиуми објавија дека причината за изостанокот е премор, но сега испадна дека е посериозно.

Популарниот Жути имаше успешен циклус како кормилар на селекцијата на Босна и Херцеговина. Со своите избраници го освои првото место во третата група од Сегментот Б и се промовираа како учесници во елитното друштво за следното издание на Лигата на нациите. Патем, БиХ ќе игра и полуфинале на патот кон пласман на Европското првенство во 2020 година.

Челзи и Ливерпул здивнаа – Петки за Канте и за Мане

Садио Мане останува во Ливерпул до 2023 година, а потпис на нов петгодишен договор стави и Н`голо Канте за Челзи.

Двајцата одлични играчи нема да ја менуваат средината, што предизвика воодушевување кај навивачите на Ливерпул и на Челзи.

„Го направив најдобриот потег во мојата кариера. Пресреќен сум што ќе продолжам да играм за Ливерпул. Се надевам дека ќе помогнам многу трофеи да пристигнат на ‘Енфилд роуд’“, изјави Мане.

Светскиот првак со Франција Н`голо Канте не се двоумеше воопшто и останува на „Стемфорд бриџ“ уште пет години. Сега има и подобрен договор со околу 300 илјади евра неделна плата, што е речиси двојно повеќе од таа што ја добиваше досега.

„Среќен сум што ќе продолжам да играм за Челзи. Во овие две години постигнав многу во клубот, освоив награди и трофеи за кои сонував во кариерата. Го сакам клубот, одлично се прилагодив на Лондон и задоволен сум што ја продолжуваме соработката“, вели Канте.

 

Мурињо пак влезе во војна со своите фудбалери

Возбудувањата на клупски план повторно се актуелни, а со тоа автоматски следува ново шоу на менаџерот на Манчестер јунајтед, Жозе Мурињо. Пред утрешниот меч против Кристал палас, португалскиот стратег на „пик“ стави четворица негови играчи. За Лук Шоу, Антони Марсијал, Џеси Лингард и Маркус Рашфорд, Мурињо рече дека се незрели личности.

„Им недостасува зрелост. Да бидам појасен, кога ќе кажам дека им недостасува зрелост, мислам на нивните личности. Порано имаше повеќе машкост, повеќе зрелост. Сега се размазени детишта, затоа што децата денеска имаат сè што ќе посакаат. Луѓето околу нив им даваат премногу значење. Денеска сите некако побавно созреваат. Лук Шоу е голем потенцијал, но не знае како да се однесува. Исто е и со Марсијал, Лингард, Рашфорд. Тоа се млади играчи со голем потенцијал, но им недостасува карактер“, вели Мурињо.

Манчестер е под посакуваното ниво и по 12 меча се наоѓа на осмото место со 20 бодови, дури 12 помалку од лидерот Манчестер Сити.