15.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025
Дома Blog Страница 9912

Барса и Сити се „тепаат“ за Де Јонг, а тој „лајкува“ објави на Реал Мадрид

Холандскиот репрезентативец Френки де Јонг е едно од потенцијалните засилувања на Барселона, а големи пари за него нуди и Манчестер сити, но играчот од средниот ред на Ајакс веројатно е навивач на Реал Мадрид и тоа нема да им се допадне на Каталонците.

Де Јонг често става „лајкови“ на официјалниот профил на Реал на „Инстаграм“, а едно од допаѓањата беше на информацијата дека официјално нов тренер на тимот е Сантијаго Солари. На Де Јонг му се допадна и голеадата на Реал на гостувањето кај Викторија П’лзењ во Лигата на шампионите, па холандските медиуми почнаа да шпекулираат дека тој во иднина би сакал да го облече белиот дрес на Кралскиот клуб.

Според „Телеграф“, Реал за 21-годишниот Де Јонг е подготвен на Ајакс да му плати 80 милиони евра. Во Реал мислат на иднината, бараат квалитетна замена за ветеранот Лука Модриќ, а главна цел им се повеќе јужноамерикански играчи, но би се обиделе и со Холанѓанецот.

Тричковски и Трајковски во еден глас: Ова е уникатен момент и шанса да играме на големо натпреварување

Македонија ја оствари првата цел, го освои првото место во четвртата група во Дивизја Д во Лигата на нациите, а како дополнителен бонус во март 2020 година ќе го играме полуфиналето во еден меч на свој терен, а крајната цел и сонот се знаат, пласман на големо натпреварување.

Во игра е настап на Европското првенство во 2020 година, а дотаму нè водат уште два чекори, победа во полуфиналето и потоа и успешен настап во евентуалното финале во Сегментот Д.

„Нашата прва цел ја остваривме, први сме во групата и среќни сме што ќе го играме полуфиналето дома. Кој и да ни биде противник, дали Белорусија или Косово, ние ќе бидеме подготвени. Се надевам дека конечно ќе си го оствариме сонот и ќе бидеме учесници на големо натпреварување веќе на Европското првенство во 2020 година. Ме радува што се вклучуваат и нови играчи во репрезентацијата, против Гибралтар тука беше Крсте Велковски, помладите нè освежија, ни донесоа дополнителен квалитет и верувам во успех и остварување на конечната цел“, изјави Александар Трајковски.

Тој на мечот со Гибралтар ја презеде капитенската лента од Иван Тричковски, а од двајцата напаѓачи и заменици на стандардниот капитен Горан Пандев, Македонија допрва очекува многу. Во март 2020 година нè очекува полуфинален дуел во Лигата на нациите, каде што ќе ја имаме предноста да играме на домашен терен и шансата треба да се искористи.

„Го направивме тој прв чекор што го ветивме пред да почнат натпреварите во Лигата на нациите. Први сме во нашата група, сега треба малку и да уживаме во моментот, а потоа максимално подготвени да го чекаме полуфиналето. Имаме историска шанса да се пласираме на Европско првенство, можеби сега и никогаш повеќе. Голема предност ќе имаме што ќе играме дома, пред нашата публика и мислам дека е сеедно кој ќе ни биде противник. Ова е уникатен момент и верувам дека со поголема поддршка од публиката можеме да ја оствариме и крајната цел“, вели Иван Тричковски.

 

Награда од ФФМ: Премија од 500.000 за пласманот на Ф4 во Лигата на нациите

Македонската репрезентација со убедлива победа над Гибралтар (4-0) го потврди учеството во плејофот од Лигата на нациите, каде што ќе се бори за пласман на ЕП 2022. Од ФФМ најавија рекордна премија за остварениот успех, па репрезентативците и стручниот штаб ќе поделат 500.000 евра парична награда.

Македонија со 15 бода го освои првото место во групата 4, каде што за противници ги имаше селекциите на Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар. За полуфиналната пресметка, која ќе се одигра во март 2020 година, противник на Македонија ќе биде една од репрезентациите на Белорусија и Косово.

Торонто изби на врвот на Истокот благодарение на Нешвил

Торонто мејплс лифс ја оствари 15-тата овосезонска победа и изби на врвот во Источната конференција откако ноќеска со 6-3 убедливо славеше над Колумбус блу џекетс. Домаќините добро се намачија за новиот триумф откако по првата третина се најдоа во негатива од два гола. Сепак, во остатокот од средбата Торонто четири пати го погоди голот на гостите, кои немаа одговор на двата гола на Хајман во одлучувачкиот период.

Торонто мора да се заблагодари на тимот на Нешвил, кој ноќеска одигра важна улога за „ловоровите листови“ да ја заземат лидерската позиција на Истокот. „Предаторите“ со 3-2 славеа над Тампа беј лајтнинг.

Тимот на Винипег џетс продолжува да изненадува. Ноќеска со 6-3 ги совладаа хокеарите на Ванкувер канукс, кои влегоа во негативна серија од шест порази. Убедливата 12-та победа за Винипег значеше и преземање на втората позиција на Западот избивајќи пред Минесота.

Вашингтон капиталс ја забележа 10-тата победа во сезоната благодарение на голот на Елер во продолжението за конечни 5-4 против Монтреал канадиенс. Шампионот се најде во негатива од два гола кон почетокот на вториот период, а Бексторм и Овечкин ја вратија неизвесноста, па победникот се одлучуваше во продолежние. По три и пол минути игра, Елер погоди и му донесе нов триумф на својот тим.

Калгари флејмс го истури гневот врз актуелниот вицешампион, тимот на Вегас голден најтс. Домаќините убедливо триумфираа со 7-2, нанесувајќи го 12-от пораз на минатогодишниот финалист, а двата почесни погодоци ги реализираа во третиот период, во моменти кога победникот веќе беше познат на оваа средба.

Резултати НХЛ:

Њујорк ренџерс – Далас старс 2-1

Питсбург пингвинс – Бафало сејберс 4-5

Торонто мејплс лифс – Колумбус блу џекетс 4-2

Монтреал канадиенс  – Вашингтон капиталс 4-5

Отава сенаторс – Флорида пантерс 5-7

Нешвил предаторс – Тампа беј лајтнинг 3-2

Сент Луис блуз – ЛА кингс 0-2

Калгари флејмс – Вегас голден најтс 7-2

Ванкувер канукс – Винипег Џетс 3-6

Никој во Европа не даде повеќе голови од Македонија во Лигата на нациите

Македонската фудбалска репрезентација синоќа на најдобар можен начин ги комплетираше натпреварите од дебитантската Лига на нации. На арената „Филип Втори“ во Скопе, со 4-0 беше совладана селекцијата на Гибралтар. Со оваа победа, Македонија само потврди дека е убедливо најдобар тим во својата група и со освоени 15 од можни 18 бодови, се избори за место во полуфиналето од плејофот за пласман на Европско првенство во 2020 година.

Денеска треба да се комплетираат мечевите од сите групи во Лигата на нациите, а Македонија има со што да се пофали. Ниту една репрезентација во цела Европа нема постигнато повеќе голови од нашата.

На шесте средби, Македонија се израдува вкупно 14 пати, што значи дека постигнува по повеќе од два гола на натпревар. Од сите 53 репрезентации кои беа дел во четирите сегменти во Лигата на нациите, не се најде поефикасен напад од тој што го има Македонија. На 14 погодоци застанаа само уште Швајцарија и Ерменија, додека сите останати национални селекции имаат постигнато помалку голови.

Тројца играчи со по три погодоци се на делба на првото место во нашиот тим. Двоецот од Палермо, Илија Несторовски и Александар Трајковски дадоа по три гола, а со исто толку погодоци заврши интернационалецот од Лидс, Егзијан Алиоски. Капитенот Горан Пандев и Енис Барди по двапати ја тресеа мрежата на ривалите, а еден гол постигна и Иван Тричковски.

ИМАВМЕ ЧЕТИРИ „СУВИ“ МРЕЖИ, ДОМИНИРАВМЕ НА ТЕРЕНОТ

Голманот Столе Димитриевски, кој бранеше на сите шест средби, прими пет голови, а успеа четири средби да ја сочува „сува“ мрежата. На сите шест меча играа само уште и Висар Муслиу во дефанзивата, Енис Барди во средниот ред, како и напаѓачите Трајковски и Несторовски.

Во групната фаза, Македонија упати вкупно 106 удари кон противничкиот гол, од кои 39 беа во рамките на голот, 43 беа непрецизни, 24 беа блокирани, а два шута завршија во стативата. Вкупно изведовме 49 корнери.

Кога ќе се погледне и поседот на топката, ќе се види дека Македонија беше доминантна во групата. Во просек имавме 64 отсто посед на топката, а од 3.799 додавања, успешни биле 86 отсто, односно 3.316.

Вкупно Македонија направи 70 фаули и за тоа заработи 11 жолти и еден црвен картон.

Сега, Македонија го чека противникот за полуфиналето. Доколку Косово вечерва го победи Азербејџан, соседот ќе биде нашиот следен предизвик. Ако Косово не освои три бода, Македонија во полуфиналето ќе игра против Белорусија, селекција која не прими ниту еден гол во групната фаза.

Николов нема дилеми, нека биде жешко балканско дерби со Косово

Бобан Николов нема дилеми, како од топ вели нека биде возбудливо во полуфиналето, а од можните противници, го бира соседот Косово.

„Нека биде жешко балканско дерби со Косово. Оваа генерација македонски репрезентативци има сè што е потребно за да игра на Европското првенство во 2020 година. Младите внесоа свежа крв, поискусните предводени од нашиот лидер Горан Пандев ни ја даваат потребната стабилност, а сите заедно сме едно големо и сложно семејство. Имаме квалитет, има атмосфера и верувам дека ќе играме на континенталниот шампионат во 2020 година. Тоа ќе се обидеме да го оствариме и преку редовните квалификации кои почнуваат во март следната година. За да не го чекаме март 2020 година, ќе дадеме сè од себе да бидеме успешни и конечно и Македонија да се радува на настап на големите натпреварувања“, ни изјави Николов.

Тој е како предодреден за успеси, беше член на златната генерација младинци што нè израдува со историски пласман и настап на ЕП во Полска лани, а имаше успеси и на клупски план.

Со Вардар се запиша во историјата на македонскиот фудбал како дел од генерацијата која прва успеа да го пробие мразот и да игра во фазата по групи лани во Лигата на Европа.

И Николов не застана таму, туку повторно беше таличен, овојпат за својот актуелен клуб МОЛ Види. Унгарците го ангажира нашиот репрезентативец и веднаш во првата прилика успеаја да се вратат на европската сцена. Моментно играат во фазата по групи во Лигата на Европа, со добри шанси и да презимат во натпреварувањето, а клубот попознат како Видеотон, со Николов во составот, по 6 години се врати на евросцената и повторно игра во фаза по групи.

Сега веројатно за мозаикот да биде комплетен, на Бобан му недостасува настап на сениорско европско првенство, нешто што Македонија со малку среќа може да го оствари и преку редовните квалификации, кои ќе почнат во март 2019 година или преку Лигата на нациите во полуфиналето и финалето што ќе се играат во март 2020 година.

 

 

Оваа 2018 година е најлоша во историјата на германската репрезентација

Германската репрезентација по лошо ќе ја памети оваа 2018 година, а и синоќешниот меч со Холандија, кој „Маншафт“ не го доби иако водеше со 2-0 до 85-тата минута, покажува дека многу работи не се како што треба во тимот на селекторот Јоаким Лев.

Германија за првпат во својата историја во една календарска година загуби шест натпревари, а да биде трагедијата поголема, на сите шест меча Германците имаа поголем посед на топката. Беа поразени од Бразил, Австрија, Мексико, Кореја, Холандија и Франција, мечеви на кои имаа посед од 56 до 70 проценти.

Последната победа на „панцирите“ беше во групната фаза на Светското првенство, кога Тони Крос во финишот даде гол за триумф над Шведска, но потоа бродот почна да тоне. Низа од пет официјални меча без победа Германија имала само уште во 1979 година.

Синоќа против „лалињата“, Германија водеше 2-0, но по вторпат во историјата тоа не беше доволно за победа. Пред шест години, Германија против Шведска водеше со 3-0, а средбата заврши 4-4.

Томас Милер го одигра јубилејниот 100-ти меч во репрезентативната кариера, но нема да го памети по добро. Ако вечерва Полска остане непоразена против Португалија, тогаш Германија во ждрепката за квалификациите за ЕП 2020 нема да биде меѓу првите носители.

Вокер „полуде“ и против Бостон, Мемфис и Клиперс влегоа во серија

Шарлот хорнетс го совлада тимот на Бостон со конечни 117:112, пред сèеблагодарение на извонредниот Кемба Вокер. Плејмејкерот на „стршлените“ го урна минатогодишниот конференциски финалист постигнувајќи 43 поени, само два дена откако реализираше 60 во поразот од Филаделфија.

Не можеше да го сопре ниту расположениот Кајри Ирвинг со неговиот дабл-дабл учинок од 27 поени и 11 асистенции. Селтикс влезе во серија од два порази, додека Шарлот го израмни својот скор на 8-8 со оваа победа.

Мемфис со 98:88 го совлада Далас маверикс, продолжувајќи ја серијата на четири победи. Дуото Конли-Гасол комбинираше 45 поени во победата, па со пресвртот во последната четвртина ставија крај на низата од четири триумфи на Далас.

Смит јуниорс реализираше 19 поени, Дончиќ додаде 15 поени и 10 асистенции во својот дабл-дабл учинок.

И ЛА клиперс продолжи да реди победи, а ноќеска ја оствари и петтата во низа над Атланта хокс со 127:119. Клиперси со тоа го задржаа второто место на Западот, а најзаслужни за новата победа беа Харел со 25 поени и 11 скока и Херис со 24 поени.

Новакот Треј Јанг повторно имаше одлична вечер, но ниту неговите 25 поени и 17 асистенции не беа доволни да се спречи 14-от пораз на Атланта сезонава.

Резултати НБА:

Шарлот хорнетс – Бостон селтикс 117:112

Детроит пистонс – Кливленд кавалирс 113:102

Индијана пејсерс – Јута џез 121:94

Филаделфија севентисиксерс – Феникс санс 119:114

Атланта хокс – ЛА клиперс 119:127

Мемфис гризлис – Далас маверикс 98:88

Милвоки бакс – Денвер нагетс 104:98

Њу Орлеанс пеликанс – Сан Антонио спарс 140:126

Сакраменто кингс – Оклахома тандерс 117:113

Грми во соблекувалната на „рисовите“ (Видео)

Македонските фудбалери повторно се радуваа на голема победа, и тоа со право, бидејќи дојдоа на 180 минути од историски пласман на Европско првенство.

Според снимките од соблекувалната, расположението било одлично. Повторно во главна улога е тренерот на голманите, Гого Јовчев, следен од сите останати. Веќе стана традиција репрезентативците да скандираат „Тутунски“ и да го поздрават капитенот Горан Пандев, а на крајот да викаат „Македонија!“.

Дај Боже почесто да гледаме и слушаме вакви клипови:

 

Убаво е кога се победува – Елмас во новинарска улога имаше интервју со Трајковски (Фото)

Елиф Елмас секогаш е расположен за добри игри, рапидно напредува во кариерата, а вечерва по победата против Гибралтар, се најде во нова улога.

Ни ја презеде новинарската работа и го интервјуираше капитенот Александар Трајковски. Убаво е кога се победува, атмосферата во македонската репрезентација е на високо ниво, имаме квалитет и со нетрпение ги чекаме следните предизвици.

„Повели кажи нешто за медиумите“, се пошегува нашиот најмлад репрезентативец, а Трајковски со насмевка одговори.

„Супер сме, само така да продолжиме“, одговори стрелецот на последниот, четврти гол за Македонија против Гибралтар.

На ред е ждрепката за редовните квалификации за пласман на Европското првенство во 2020 година, потоа во март 2020 година ќе го играме полуфиналето во Сегментот Д на свој терен, а сега е време за радост и за прослава на првото место во четвртата група од Дивизијата Д.