Никој во Европа не даде повеќе голови од Македонија во Лигата на нациите

Македонската фудбалска репрезентација синоќа на најдобар можен начин ги комплетираше натпреварите од дебитантската Лига на нации. На арената „Филип Втори“ во Скопе, со 4-0 беше совладана селекцијата на Гибралтар. Со оваа победа, Македонија само потврди дека е убедливо најдобар тим во својата група и со освоени 15 од можни 18 бодови, се избори за место во полуфиналето од плејофот за пласман на Европско првенство во 2020 година.

Денеска треба да се комплетираат мечевите од сите групи во Лигата на нациите, а Македонија има со што да се пофали. Ниту една репрезентација во цела Европа нема постигнато повеќе голови од нашата.

На шесте средби, Македонија се израдува вкупно 14 пати, што значи дека постигнува по повеќе од два гола на натпревар. Од сите 53 репрезентации кои беа дел во четирите сегменти во Лигата на нациите, не се најде поефикасен напад од тој што го има Македонија. На 14 погодоци застанаа само уште Швајцарија и Ерменија, додека сите останати национални селекции имаат постигнато помалку голови.

Тројца играчи со по три погодоци се на делба на првото место во нашиот тим. Двоецот од Палермо, Илија Несторовски и Александар Трајковски дадоа по три гола, а со исто толку погодоци заврши интернационалецот од Лидс, Егзијан Алиоски. Капитенот Горан Пандев и Енис Барди по двапати ја тресеа мрежата на ривалите, а еден гол постигна и Иван Тричковски.

ИМАВМЕ ЧЕТИРИ „СУВИ“ МРЕЖИ, ДОМИНИРАВМЕ НА ТЕРЕНОТ

Голманот Столе Димитриевски, кој бранеше на сите шест средби, прими пет голови, а успеа четири средби да ја сочува „сува“ мрежата. На сите шест меча играа само уште и Висар Муслиу во дефанзивата, Енис Барди во средниот ред, како и напаѓачите Трајковски и Несторовски.

Во групната фаза, Македонија упати вкупно 106 удари кон противничкиот гол, од кои 39 беа во рамките на голот, 43 беа непрецизни, 24 беа блокирани, а два шута завршија во стативата. Вкупно изведовме 49 корнери.

Кога ќе се погледне и поседот на топката, ќе се види дека Македонија беше доминантна во групата. Во просек имавме 64 отсто посед на топката, а од 3.799 додавања, успешни биле 86 отсто, односно 3.316.

Вкупно Македонија направи 70 фаули и за тоа заработи 11 жолти и еден црвен картон.

Сега, Македонија го чека противникот за полуфиналето. Доколку Косово вечерва го победи Азербејџан, соседот ќе биде нашиот следен предизвик. Ако Косово не освои три бода, Македонија во полуфиналето ќе игра против Белорусија, селекција која не прими ниту еден гол во групната фаза.

- Оглас -

Најнови вести