10.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025
Дома Blog Страница 9914

Пандев со порака до своите соиграчи (фото)

Капитенот на фудбалската репрезентација, Горан Пандев, испрати порака до своите колеги од селекцијата преку социјалните мрежи. Македонија вечевра (20.45) ќе го одигра последниот дуел од групите во Лигата на нациите. На арената „Филип Втори“ гостува Гибралтар, а „црвено-жолтите“ не ќе може да сметаат на својот капитен.

Пандев поради жолти картони е суспендиран и е вон составот за овој дуел, кој требаше да биде негов 100-ти настап во репрезентативниот дрес. За „100-ката“ ќе почека до полуфиналето, а вечерва неговите колеги ќе се борат за победа во негово име.

Сампаоли доби понуда „боли глава“

Поранешниот селекторот на Аргентина, Хорхе Сампаоли, би можело повторно да седне на клупа на една селекција. Имено, Кина за него подготви двегодишен договор, според кој ќе заработи 34 милиони евра, а условот е пласман на следниот Мундијал кој ќе се одржи во Катар 2022 година.

Репрезентацијата на Кина ќе остане без селектор по завршувањето на Купот на Азија (од 5-ти јануари до 1-ви февруари), по тоа натпреварување Марчело Липи ќе отстапи од своето место, па Кинезите очекуваат Сампаоли да ја преземе клупата пред почекотот на квалификациите за СП.

Без разлика дали ќе успее да ја однесе селекцијата на Кина на следното СП, темпераментниот стратег секако ќе ги добие сите 34 милиони евра според двегодишниот договор, а при евентуален успех, соработката ќе биде продолжена. На Кинезите очигледно не им смета неуспехот на Сампаоли кој го имаше со репрезентацијата на Аргентина за време на СП во Русија.

Суперкласико на „Лего“ коцки (Видео)

Аргентинците направија реконструкција со „Лего“ коцки на првиот меч од финалето на Копа Либертадорес помеѓу Бока јуниорс и Ривер плате. Средбата заврши 2-2, а за тие што не ги виделе головите, може да ги видат и на еден необичен начин, преку играта со фигурите.

Финалето предизвикува големо внимание во целиот свет, но најмногу во Аргентина, па група навивачи кои се заморени од гледање на головите на интернет и на телевизија од сите можни агли, најдоа интересен начин за да ги заинтригираат љубителите на фудбалот.

Од многуте фотографии, со стоп-кадар е направен клип во стил на цртаните филмови. Не само што има „фудбалери“, туку од коцки се направени и навивачи и стадионот.

Погледнете како овие навивачи го искористија слободното време и направија клип:

 

 

Мајкл Џонсон: Бев најбрз на 200 метри, а по ударот ми требаа 15 минути

Славниот американски спринтер кој своевремено ги држеше светските рекорди на 200 и 400 метри, Мајкл Џонсон, вели дека закрепнувањето од мини-срцевиот удар (исхемија) кој го имаше пред два месеци оди добро, но повеќекратно му се намалени психомоторичките можности.

Џонсон сега има 51 година, вели дека во него постои олимпискиот дух и ќе се врати посилен од претходно. Џонсон беше прв атлетичар што победил на 200 и 400 метри на исти Олимписки игри.

„Првиот пат кога шетав околу болницата, иронично, минав 200 метри. Некогаш бев најбрз човек на светот на оваа дистанца, 200 метри ги трчав за помалку од 20 секунди, а тогаш ми требаа повеќе од 15 минути, и тоа со помош“, вели човекот кој имаше 19.32 на 200 метри, но тој рекорд беше соборен од Јусејн Болт.

„Тоа не ме демотивираше, напротив, ме охрабри. Во мене постои олимпискиот менталитет и се сконцентрирав на секоја сесија да бидам подобар, како кога се подготвував за големите настани“, додава популарниот МЏ, кој веќе може нормално да оди и си ги врати координацијата и балансот.

Браво струмичанчиња! Направија албум за „петка“

Фудбалската федерација на Македонија им даде чиста петка на децата од петто одделение при основното училите „Никола Вапцаров“ од Струмица, кои направија албум со фотографии од сите фудбалери и селекторот Игор Ангеловски, давајќи им поддршка пред вечерашниот дуел со Гибралтар.

Младите струмичани од V1 одделението, на струмички дијалект им посветија песна на нашите најдобри фудбалери, и најавија дека на стадион ќе бидат меѓу најгласните навивачи на „рисовите“ на кои им посакаа пласман на Европското првенство 2020, па дури и да го освојат.

Вечерва нема да игра најпознатиот струмичанец, Горан Пандев, но децата сигурно ќе имаат и друга прилика да го гледаат капитенот, и тоа нема да биде пречка да дадат максимална поддршка.

Кјелини: Изненаден сум што Пепе игра во Бешикташ

Џорџо Кјелини, кој по 100-ти пат настапи во дресот на италијанската фудбалска репрезентација, по ремито на „аѕурите“ против Португалија искажа комплименти за својот колега Пепе. Дефанзивецот на Јувентус имаше позитивни зборови и за Бернардо Силва, но посебно го истакна професионализмот на Пепе, кој по Порто и Реал Мадрид, премина во Бешикташ.

„Пепе цела деценија беше многу важен играч за Реал Мадрид, изненаден сум што игра за Бешикташ. Годините си поминуваат, старееме, но мислам дека тој уште го има задржано високото ниво на квалитет. Тој е вистински пример за останатите, исто како и Бернардо Силва“, изјави Кјелини по мечот на кој Португалците се пласираа на завршницата од Лигата на нациите.

Пепе е роден во Бразил пред 35 години, но од 2007 е репрезентативец на Португалија и има над 100 настапи во дресот на националниот тим на актуелниот европски првак.

Колку топ тенисерите ги знаат презимињата на колегите? (Видео)

Интересна задача им беше поставена на најдобрите тенисери во 2018 година, поточно на учесниците на АТП-финалето во Лондон. Тие требаше да демонстрираат дали знаат како се пишуваат презимињата на некои од своите колеги.

Секако, новинарите од „Скај спортс“ немаа намера да дадат лесни имиња, избраа некои од најтешките, оние кои полесно е да ги изговорите отколку да ги спелувате на латиница.

Името на Карен Хачанов не им зададе особени потешкотии, но потоа дојдоа потешки како Басилашвили, Колшрајбер, Гојовчик и Оже-Алиасим.

Видете како тениските ѕвезди излегоа на крај со тестот:

https://www.youtube.com/watch?time_continue=155&v=-7rBI3fcR4o

Кошаркари на паркинг изигруваа кревачи на кола (Видео)

По поразот од Зенит во меч од ВТБ-лигата, кошаркарите на клубот Калев Крамо од Естонија имаат биланс 3-5, но тоа не е најважно, туку во Санкт Петербург имаа авантура која уште долго ќе ја паметат.

Тимскиот автобус не можеше да сврти на паркингот бидејќи му пречеше една кола, па кошаркарите немаа друго решение освен да се симнат од автобус и да го поместат автомобилот. Поместувањето на автомобилот беше со негово кревање.

Една петорка го крена задниот дел на автомобилот и го поместија доволно за да има простор да помине нивниот автобус и да ги однесе на аеродром.

Погледете како изгледа кога кошаркарите изигруваат кревачи на товар:

Кристијано Роналдо собира само плусoви, сè му оди од рака

Настапите во дресот на Јувентус не му беа најдобри на почетокот, „дури“ три кола немаше дадено гол, на дебито во Лигата на шампионите доби црвен картон, но лошата среќа е зад него. На последните девет меча, Кристијано има осум гола и четири асистенции.

Роналдо е фудбалер кој најмногу шутира кон противничките голови (88 шута на 12 меча), па така и целата екипа на Јуве сезонава има речиси 100 шута повеќе во споредба со минатата сезона по 12 рунди. Јувентус првпат во 88 години успеа да ги добие првите осум меча во Серија А.

Репрезентацијата на Португалија се пласираше во плејофот на Лигата на нациите, но без помошта на Роналдо. Тој по СП, сакаше одмор, а и неговите недоразбирања со УЕФА и обвинувањата за силување од 2009 година го оддалечија привремено од националниот тим.

Позитивни работи се добиениот бод во гласањето за фудбалер на годината од страна на ривалот Лионел Меси, ја убеди јавноста дека обвинувањата се фабрикувани, а пред еден месец на дуелот со Џенова стана и прв играч во историјата со 400 гола во топ 5 лигите (84 во Англија, 311 во Шпанија, останатите во Италија). Ниту Меси нема дадено 400 гола во клупската кариера.

И во приватниот живот му оди. Според бројот на следбеници на социјалните мрежи, тој е број 1 меѓу фудбалерите, а на „Инстаграм“ е најпопуларен воопшто од сите луѓе, со 2 милиони предност пред пејачката Селена Гомес. Наскоро се очекува со брак да ја круниса врската со Георгина Родригес, девојката која му роди ќерка. Претходно, Роналдо добиваше деца само од сурогат мајки.

Херојот на Гибралтар Џозеф Чиполина не игра против Македонија

Џозеф Чиполина е уникатен фудбалски пример. За Гибралтар ги постигна најважните три голови во три различни натпреварувања, а вечерва нема да може да игра против Македонија поради жолти картони.

Тоа е голем хендикеп за аутсајдерот и полесна задача за нас, бидејќи Чиполина е креаторот на чудото во Ереван што ни помогна и директно да бидеме пред Ерменците во нашата група, секако, ако вечер ремизираме или го победиме Гибралтар.

Од пенал, 30-годишното лево крило на малата фудбалска нација погоди во Ереван за историска победа на Гибралтар, прва во официјален меч. Џозеф Чиполина ќе биде запишан во историјата на фудбалот во оваа земја, а и претходно има уште два рекорди.

Во 2013 година во футсал тој го постигна првиот погодок за Гибралтар на официјален меч, против Црна Гора во квалификациите за настап на ЕП. И потоа тоа го стори со својот клуб Линколн Ред Импс и се запиша како прв стрелец за тим од Гибралтар во европските купови. Беше стрелец против ХБ Торшавн на втори јули 2014 година.

Три историски моменти се во режија на еден од најдобрите играчи во Гибралтар, но тој нема да може да ѝ се претстави на публиката во Скопје, вечерва, од 20.45 часот, на националната арена „Филип Втори“.