9.8 C
Skopje
четврток, 20 ноември 2025
Дома Blog Страница 9933

Стариџ под истрага за обложување и откривање информации во врска со фудбалски натпревар

Даниел Стариџ, фудбалерот на Ливерпул, е под истрага од фудбалската асоцијација на Англија поради прекршување на правилата за обложување и откривање информации во врска со фудбалски меч. Како што пренесуваат медиумите од Островот, Стариџ ги прекршил правилата во јануари оваа година, па сега има рок до 20-ти ноември да се изјасни за овие оптужби.

ФА соопшти дека Англичанецот прекршил две правила – Првото се однесува за забрана на обложување за учесник на еден меч, директно или индиректно, додека второто правило кое го прекршил е што на неколку лица открил информации непознати за јавноста, во врска со натпревар во кој учествувал.

Ливерпул по овој повод истакна соопштение во кое тврди дека нивниот фудбалер никогаш не учестувал, ниту се обидел да се обложува на фудбалски натпревар, и целосно стојат зад Стариџ и го поддржуваат во овој случај.

Марсијал и Погба му откажаа на селекторот Дешамп

Пол Погба и Ентони Марсијал нема да играат за француската репрезентација на претстојните два меча, и тоа е малер за селекторот Дидие Дешамп, бидејќи играчите на Манчестер јунајтед беа во добра форма, особено Марсијал кој на пет меча по ред во Премиерлигата дава голови.

Тие двајца се појавија на тренинг кампот во Клерфонтен, но лекарот на репрезентацијата, Франк Ле Гал, ги прегледа и ги ослободи од обврските.

Погба од гостувањето кај Јувентус има повреда на бутот на левата нога, и не настапи ниту на градското дерби против Манчестер сити. Марсијал играше со Сити, даде и гол од пенал, но ги повреди препоните, и нема да игра за „триколорите“ на дуелите со Холандија и Уругвај. Мечот со „лалињата“ на 16 ноември е од Лигата на нации, а четири дена подоцна следува пријателски меч со Уругвај.

По откажувањето на ѕвездите на Јунајтед, Дешамп ги повика Муса Сисоко од Тотенхем и Александре Лаказет од Арсенал. Сепак, Лаказет и покрај повикот ќе мора да ги пропушти репрезентативните обврски, бидејќи и тој се справува со повреда, додека „триколорите“ останаа и без Бенџамин Менди, бекот на Сити, од истата причина.

Ја доби довербата: Солари ќе потпише договор до 2020 година

Сантијаго Солари нема уште долго да биде привремен тренер на Реал Мадрид. Аргентинецот деновиве ќе потпише повеќе годишен договор со „кралевите“, според кој ќе се задржи на клупата до 2020 година. Според законите на фудбалската федерација на Шпанија, Реал мораше до денес да одлучи дали ќе ангажира нов тренер, или пак Солари ќе остане да го води тимот до крајот на сезоната.

Не само што ја оправда довербата да биде предводник на Реал до крајот на оваа сезона, Солари со сигурност ќе остане на чело на стручниот штаб и во сезоната 2019/20, доколку продолжи со добрите резултати. Под негово водство, Реал победи на четири средби во сите натпреварувања, постигнувајќи 15 погодоци, додека дозволија само два гола во нивната мрежа.

 

Женската репрезентација без бело знаме против фаворитите

Женската кошаркарска репрезентацијата го одржа првиот собир во пресрет на двата последни натпревари во рамки на квалификациите за Европското првенство 2019.

На собирот се појавија 12 кошаркарки, од кои девет го одработија првиот тренинг. Нена Трајчевска, Кристина Јаневска и Јелена Антиќ пријавија повреди, а во текот на оваа седмица на тренинзите ќе се приклучат и Матеа Николиќ, Софија Лазареска и Ивона Кожобашиовска. Ана Тантуровска ќе го пропушти овој циклус поради повреда.

Целта на овие два натпревари е достоинствено да се завршат квалификациите.

„Навистина ми е жал што во овој квалификациски циклус не успеавме да ја насликаме реалната слика на репрезентацијата и да ги демонстрираме нејзините можности. Сметам дека најкомплетни бевме минатата година во јуни кога одигравме три натпревари овде во Скопје на турнир и оттогаш не можевме да се комплетираме. Нема да се предаваме пред да започне натпреварот. Имаме неколку дена за темпирање на формата и ќе се обидеме што подобро да ја претставиме репрезентацијата“ – изјави селекторот Марјан Лазовски.

Македонките на 17 ноември играат дома против Шведска, а на 21. ноември во Забок, гостуваат против Хрватска.

Спалети има објаснување зошто Интер и Барса примија по 4 гола

Лучано Спалети вели дека Интер загубил од Аталанта, но викендов загубила и Барселона од Бетис, и тоа покажува дека овие два тима го платиле данокот на нивниот тежок меѓусебен меч во вторникот од Лигата на шампионите.

„Не успеавме да останеме сконцентрирани, а ја немаше и нашата креативност. Долго време ни требаше да влеземе во мечот. Се релаксираме со музика пред меч, но кога ќе стапнете на терен, мора фокусот да биде максимален. Против Аталанта, направив грешки, донесов погрешни одлуки, и вината е кај мене, не си ја завршив добро работата. Мислам дека бевме и физички и ментално исцрпени после дуелот со Барселона во вторникот. И Барса имаше лошо издание против Бетис“ – изјави Спалети чиј тим загуби од Аталанта со 1:4.

 

Зверев против Чилиќ покажа германски менталитет

Александар Зверев го совлада Марин Чилиќ со 7-6, 7-6 во првиот денешен меч на завршниот АТП Мастерс во Лондон, и дојде до 55-тата победа сезонава. Вечерва, во истата група „Гуга Кертен“, Новак Ѓоковиќ се среќава со Џон Изнер.

Германецот Зверев лошо го почна мечот, губеше со 0-3 во гејмови, спаси и гејм поен на противникот за 0-4, потоа беше во негатива од 3-5, но не се предавашае, беше упорен, и после брејкот за 4-5, се избори за тај-брејк кој го доби со 7-5.

Добивањето на првиот сет, на Зверев му ја зголеми самодовербата. Во вториот сет двајцата тенисери освоија по еден гејм на противнички сервис, па повторно мораше да се игра тај-брејк, во кој Германецот помалку грешеше, и го доби со убедливи 7-1.

Така, после 2 часа и 6 минути, петтиот го победи седмиот носител. Сега Зверев има 6-1 во дуелите со девет години повозрасниот Чилиќ. Хрватот сега има 1-9 на мечевите од завршните турнири.

Претепан судија во Ирска и тоа од победничкиот тим!

Фудбалскиот судија Даниел Свини кој вчера делеше правда на еден меч од аматерска лига во Република Ирска, по натпреварот бил жестоко претепан на паркингот кај стадионот, и се здобил со скршена вилица, на јаболчницата, и повреда на носот.

Полицијата објави дека нападот го извршиле тројца фудбалери на Мулингар таун, и еден навивач на тој тим. Играчите најверојатно ќе добијат доживотна забрана за играње фудбал. Најчудно е што тепачите се од екипа која победила на натпреварот со резултат 3:1.

Објавена е фотографија од болница, на која се гледа тежината на повредите. Засега никој не е уапсен, и не се знаат точните причини за ѕверскиот напад.

Меси: Во Шпанија секој може да победи секого

Лионел Меси ја прими наградата на весникот „Марка“ за најдобар стрелец во шпанското првенство за минатата сезона кога даде 34 гола, како и за најкорисен играч (МВП) и на церемонијата изјави дека се надева оти изедначеноста во лигата ќе потрае подолго време.

„Добро е што сезонава лигата е компетитивна и изедначена како никогаш досега. Нема лесни мечеви, секој може да победи секого, се надевам дека подолго време ќе остане така. Кој гол ми беше најубав? Повеќе ги сакам важните, отколку убавите голови“ – изјави ѕвездата на Барселона.

Завчера на Меси против Бетис му се случи еден малер, првпат во кариерата загуби меч со Барселона кога тој лично постигнал два гола.

Наградата за најдобар голман му припадна на Јан Облак од Атлетико Мадрид, кој прими најмалку голови (22 гола на 37 меча), Јаго Аспас од Селта е најдобар стрелец меѓу Шпанците, а за најдобар тренер е прогласен Марселино Гарсија од Валенсија. Се доделија и други признанија, како она за најдобар гол, кое му припадна на Чема од Леванте, постигнат на натпреварот со Реал Сосиедад.

 

Начо го пропушта Светското клупско, Каземиро неизвесен

Европскиот шампион Реал Мадрид нема да смета на Начо, а можеби ниту на Каземиро, на Светското клупско првенство кое од 12-ти до 22-ри декември се игра во Обединетите Арапски Емирати. Овие двајца фудбалери се повредија синоќа, на гостувањето кај Селта, а денешните прегледи покажаа дека имаат непријатни повреди.

Листата на повредени кај Реал е долга, особено во дефанзивниот ред, но олеснителна околност е што сега следува пауза за репрезентациите, па играчите кои веќе извесен период се во аут, ќе имаат време да закрепнат. Наредниот меч на Реал е на 24-ти ноември на гости кај Еибар, три дена подоцна гостува кај Рома, а на први декември игра дома со Валенсија.

Начо, кој може да игра на секое место во одбраната, го повреди коленото и нема да може да игра во наредните два месеца. Што се однесува до Бразилецот Каземиро, кој е стандарден стартер, доби силен удар во зглобот и паузата му е минимум три недели, па и тој нема да биде во комбинација до крајот на месецов, можеби и подолго.

Засега не е објавено каква е повредата на младиот Регилон, кој одлично го замени Марсело на левата бековска позиција и исто така се повреди против Селта.

Сепак, по паузата, до 24-ти ноември би требало да се вратат барем двајца од повредените (Марсело, Варан, Карвахал и Валјехо), па тренерот Солари ќе може некако да го скрпи одбранбениот ред.

Блокотехна стана осмиот член на БИБЛ

Раководството на Балканската лига официјално потврди дека Блокотехна се враќа во БИБЛ. Иако сезоната во оваа регионална лига веќе е почната, за гевгеличани нема да има проблем да се уфрлат во календарот, бидејќи има и други два клуба (косовска Приштина и Барси од Казахстан) кои уште не одиграле меч.

Блокотехна во минатата сезона како дебитант во БИБЛ стигна до фајнал форот како второпласирана во регуларната сезона, но на завршниот турнир во Самоков ги загуби двата меча.

Првиот натпревар за тимот на тренерот Марјан Илиевски ќе биде на четврти декември, на домашен терен против бугарски Академик Бултекс, а целосниот распоред ќе се објави за неколку дена. Ова значи дека наскоро ќе се знае и кога ќе бидат локалните дербија против Кожув, кој засега има 0-2, а третиот настап го има в среда против Башкими.

Од БИБЛ изразија задоволство што амбициозната Блокотехна се враќа во нивното друштво, па со осум учесници, секоја екипа ќе одигра барем по 14 меча во лигашкиот дел.