9.8 C
Skopje
четврток, 20 ноември 2025
Дома Blog Страница 9934

За 100 и 150 денари на прослава за првото место во Лига на нации

Македонската фудбалска репрезентација ја започнува последната мисија за освојување на првото место во групата од Лигата на нациите. Националниот тим денеска започнува со подготовки за гостувањето кај Лихтенштајн. Дуелот се игра в петок, а потоа следи и последниот дуел, и тоа против Гибралтар во Скопје на 19-ти овој месец.

Од денеска започна продажбата на билетите за дуелот на „Филип Втори“ против Гибралтар. Цената на билетите е по 100 и 150 денари. Македонија моментно е лидер со 9 бодови, пред Ерменија со 6, колку што има и Гибралтар. Лихтенштајн е без шанса само со три бода.

Второлигашки предизвик во Шпанија, Германија и Франција

Возбудувањата во најсилните лиги во Европа се ставени во мирување бидејќи доаѓа редот за репрезентативните дуели. Мечевите од Лигата на нациите и пријателските дуели ќе бидат главни во следните неколку дена. Во земјите со најсилни лиги во Европа има само мал број средби од втората лига, кои секако се примамливи за обложување.

Химнастик – Сарагоса (21 ч.)

Дуел на две екипи кои имаат одиграно повеќе мечеви отколку што освоиле бодови. Химнастик е „фенерџија“ во Сегунда дивисион само со 9 освоени бода од 12 меча, но и Сарагоса не е многу подобра и е на 19-тата позиција, која не обезбедува спас.

Нападот е потешкиот дел за двете екипи и малкуте постигнати погодоци се главна карактеристика. Дури и на шест од последните осум меѓусебни дуели немало повеќе од два погодоци

Предлог тип: 0-2 (1.65)

 

Бохум – Дармштат (20.30 ч.)

Досега по 17 бода освоија и двете екипи во втората Бундеслига и се во сигурната зона на табелата. Дармштат сезонава има освоено само четири бода на гости и е на претпоследното место ако се гледаат резултатите на противнички терен. Бохум е во низа од четири меча без пораз и се очекува денеска да ја продолжи оваа серија.

Предлог тип: 1-3 I&1-3 II (2.05)

 

Брест – Нанси (20.45 ч.)

Кога играат екипата која се бори за врвот и последнопласираниот на табелата, не би требало да има дилеми. Брест со победа ќе се врати на второто место, кое носи директен пласман во Лига 1. Иако досега поминаа само 13 кола, многу е веројатно дека за Нанси нема спас од испаѓање. Закован на дното од табелата само со 5 бода, Нанси уште сега се има откажано од борбата за опстанок.

Предлог тип: 1&2-4 (2.35)

 

Газ Метан – Волунтари (20 ч.)

За овој дуел ќе ја следиме традицијата. На шест од последните седум меѓусебни средби, двете екипи постигнувале барем по еден гол. Тоа значи дека играат отворено, без многу калкулации. Според табелата и досегашната форма, Газ Метан е апсолутен фаворит, бидејќи Волунтари е последен на табелата. Гостите ја имаат убедливо најслабата одбрана и досега примиле 25 погодоци.

Предлог тип 1&3+ (3.00)

 

Бнеj Сахнин – Ашдод (19 ч.)

Борба на два тима кои ќе се борат за опстанок. Сахнин е единствниот тим кој сезонава нема победа на свој терен, а интересно е што Ашдод е без триумф на гости. Од минатата сезона Сахнин ги доби двата меча против овој ривал и сега се надева на нов триумф, со кој ќе избега од дното на табелата.

Предлог тип: 1 (1.95)

 

Јуриќ се навикна на откази во Џенова, нов тренер на Пандев ќе му биде Тудор

Хрват ќе си замине и Хрват ќе пристигне на клупата на Џенова, а Горан Пандев ќе има нов тренер. Италијанските медиуми веќе најавија дека сигурна опција е Игор Тудор, поранешниот познат ас на хрватската репрезентација, но и тренер со скромно искуство.

Јуриќ денеска треба да биде сменет од кормилото на Џенова, иако хет-трикот како шеф на стручниот штаб на овој клуб го почна феноменално, со реми во Торино, против шампионот Јувентус.

Потоа сè потоа лошо и за него и за Џенова, па повторно ќе мора да си замине од Џенова.

Тудор беше тренер на Хајдук, потоа и на ПАОК, Карабукспор, Галатасарај и Удинезе, но немаше позабележителен успех.

Лоши вести за Вардар: За Рожерио Мораеш заврши годината

Ракометниот првак Вардар во следниот период ќе остане без пикерот Рожерио Мораеш. Бразилецот денеска преку социјалните мрежи потврди дека ќе мора да оди на операција на коленото. Еден од најборбените играчи на „црвено-црните“ уште од минатата сезона имаше проблеми со коленото, но постојано ја одложуваше операцијата.

„Мечот против Барселона беше последен за мене во дресот на Вардар за оваа година. Морам да одам на операција на коленото. Не беше лесно во последните три месеци, постојано играм со болки во коленото. Наскоро ќе се вратам“, напиша Рожерио на својот профил на „Инстаграм“.

Вардар до крајот на годината ќе одигра уште три тешки мечеви во Лигата на шампиони. Најпрво следи гостувањето кај Барселона, а потоа и тоа во Брест против Мешков. Последниот меч за 2018 година во ЛШ е дуелот против Кејлце во „Јане Сандански“ на почетокот на декември.

Хулиган нокаутира судија во Италија, животот му го спаси поранешен затвореник

Тежок инцидент се случи на меч од Серија Д во Италија, а животот на судијата Бернардини висеше на конец. На дуелот меѓу Виртус и Атлетико Торанова тој беше нападнат од двајца хулигани, кои се таканаречени симпатизери на домашниот тим, а атакот можеше да биде кобен.

Еден од нив го удрил судијата со цигла по глава, па Бернардини паднал во бесознание. Се спаси благодарение на брзата интервенција на масерот на гостинската екипа, Јури Алвити.

Алвити е поранешен затвореник и член на злогласната десничарска група на навивачи на Лацио позната како Иридучибили.

На помош му пристигнала и вереницата на Бернардини, која е медицинска сестра, па со заеднички сили успеале да му го спасат животот на нападнатиот судија.

Тој ја минал ноќта во болница, но нема сериозни последици од нападот.

Вечното кошаркарско дерби на „менито“ за обложување: МЗТ е фаворит

Најтрофејните македонски клубови МЗТ Скопје Аеродром и Работнички вечерва ќе испишат уште една страница од вечното дерби. Скопските ривали ќе го играат 142-риот меѓусебен дуел, а домаќин е МЗТ Скопје Аеродром во „Јане Сандански“.

Работнички е актуелен првак, а МЗТ е освојувач на Купот. Гостите од „Градски парк“ минатата сезона успеаја да стават крај на шестгодишната доминација на „штрковите“ во првенството, а сега се надеваат дека следува период за нивна радост.

Во вкупниот биланс, Работнички е многу поуспешен. Во досегашните 141 натпревар, Работнички има 86 победи, а МЗТ се радувал 55 пати. И на гостински терен Работнички е подобар и има 31 победа и 29 порази. Сезонава, во четири одиграни дуели досега, тимот предводен од Марин Докузовски има максимален ефект. Аеродромци во пет средби се со биланс од четири победи и пораз на гостувањето кај Блокотехна.

Од управата на МЗТ Скопје Аеродром повикаа салата да биде исполнета и да дојдат сите љубители на кошарката, без разлика за кого ќе навиваат.

„МЗТ Скопје Аеродром би сакал да ја информира македонската спортска јавноста дека привршуваат сите детали околу организацијата на утрешната пресметка против Работнички (20.15 часот) со цел првото вечно дерби сезонава да мине во фер и спортска атмосфера, односно да биде тоа што и заслужува – вистински празник на кошарката.

Пресметката помеѓу најлутите ривали секогаш носела фантастични дуели на паркетот, но и надвикување на трибините помеѓу најверните навивачи на двата тима. Тоа е ривалство кое е исто толку важно и големо колку и тоа помеѓу играчите на вечните противници. Овие средби мора да бидат празник за очите и душата и причина за враќање на вербата во македонската кошарка, а тоа без полни трибини и аргентинска атмосфера од двата табори воопшто нема да биде можно.

Поради сето ова, јавно ги повикуваме навивачите на Работнички утре слободно да дојдат во „Јане Сандански“ и со навивање за своите миленици да го проследат вечното дерби. Ограничувања нема да има, ниту, пак, некој ќе биде спречен да влезе во салата само затоа што го симпатизира нашиот противник. Билетите се во слободна продажба, секој може да си купи колку сака сѐ со цел да го вратиме стариот сјај на вечната пресметка.

Затоа, вљубеници во црвено-белата боја, без страв дојдете во Аеродром и бодрете ги своите. Едноставно, дерби без набој и тензии, секако, во рамките на дозволеното, воопшто не е дерби“, стои во соопштението на МЗТ Скопје Аеродром.

Мечот започнува во 20.15 часот, а билетите чинат по 100 денари.

Најневеројатниот нокаут, и тоа на една секунда до крајот (Видео)

Една од најневеројатните борби во светот на ММА се случи токму на 25 години од прославата на овој спорт. На рингот во Денвер беа Сунг Јунг, познат како Корејски зомби, и Мексиканецот Јаир Родригез. За Родригез ова беше враќање во рингот по пауза од една и пол година.

Двајцата борци не сакаа да се предадат и издржаа до последната петта рунда. Кореецот Јунг ја имаше победата во свои раце, бидејќи беше јасно дека води со 4:1 по добиени рунди. Остануваа само уште 10-тина секунди од 25-минутната борба, а Родригез беше немоќен да направи нешто.

Двајцата борци застанаа, си подадоа рака, но тогаш Јунг направи непромислен потег. Наместо да почека да истечат последните секунди, тој реши да го прифати последниот предизвик на противникот и згреши. Мексиканецот во немоќ замавна, а откако не погоди, Корејскиот зомби тргна во напад, но неочекувано доби лакот во лицето и беше нокаутиран на една секунда до крајот на борбата, која требаше да ја добие.

Роналдо заслужен за утнатиот пенал на Игуаин (Фото)

Кристијано Роналдо има голема заслуга за утнатиот пенал на Гонзало Игуаин на синоќешното дерби меѓу Милан и Јувентус. „Старта дама“ стигна до 15-тата победа во 17 меча против „росонерите“. Милан може да жали за поразот, посебно што во првото полувреме имаа шанса за погодок од пенал.

Гонзало Игуаин шутираше, а Шченсни одбрани. Непосредно пред да биде изведен пеналот, Роналдо дојде до голманот на Јувентус и го советуваше каде Игуаин најчесто шутира од белата точка. Полскиот голман го послуша Кристијано и успеа да ја одбрани топката, која потоа заврши во стативата.

https://twitter.com/matchplug/status/1061885361863954433

 

Федерер знае кога е лош, тешкото допрва доаѓа за Швајцарецот

Роже Федерер беше далеку од својата класа против Кеј Нишикори, загуби со 6:7, 3:6 во првиот меч за него на завршниот мастерс-турнир во сезоната во Лондон и сега треба да се вади против тенисер со кого има негативен биланс.

Доминик Тим е следниот противник на Федерер, а и двајцата стартуваа со порази, па ќе следи битка на сè или ништо.

„Одиграв лош меч против Кеј, иако и двајцата не бевме во посакуваниот ритам. Пропуштив шанса во првиот сет, па потоа продолжив со грешките. Овој турнир е малку поразличен од сите останати. Не играте веднаш на стартот на АТП-турнирите со тенисер од топ 10. Добро е што имам шанса да ги коригирам грешките и да се борам за полуфинале во Лондон“, изјави Федерер.

И Тим загуби со 0-2 од Кевин Андерсон, па сега и тој мора да оди на победа против Федерер. Има две по ред против легендата на светскиот тенис, го победи Роже во Штутгарт и во Рим во 2016 година, а има и еден пораз, истата година во Бризбејн.

Денеска ќе се играат првите мечеви во втората група во Лондон, а премиерата е во 15 часот меѓу Марин Чилиќ и Александр Зверев. По нив, од 21 часот ќе играат Новак Ѓоковиќ и Џон Иснер.

Димитриевски: Деби во Ла Лига, се чувствувам прекрасно

Столе Димитриевски конечно доби шанса да дебитира во една од најсилните лиги на светот, шпанската Ла Лига, и вели дека се чувствувал многу сигурно на голот на Рајо Валјекано, но и дека неговиот тим заслужил победа против Вилјареал.

Мечот заврши нерешено, 2-2, исто како и на неговото официјално деби за Рајо во „Копа дел Реј“ против  Леганес.

„Одлично е чувството да се брани во една од топ 5 лигите во Европа. Задоволен сум, се чувствувам многу комфорно на голот, но жал ми е што не победивме. Игравме одлично и штета што не ги освоивме бодовите“, вели Димитриевски.

Тренерот на Рајо Валјекано, Мичел, имаше храброст да му даде шанса на нашиот голман по неговите катастрофални грешки против Ерменија на голот на македонската репрезентација и Димитриевски бранеше солидно и против Леганес и со Вилјареал вчеравечер.

„Верувам дека повеќе ќе бранам во продолжението на првенството, но тоа е избор на тренерот. Мое е да работам напорно и да бранам добро“, додаде Димитриевски.

Сега го чекаат обврски со националниот тим, а на ред се двата клучни натпревари на Македонија во Лигата на нациите.

На 16-ти играме со Лихтенштајн во Вадуц, а на 19-ти дома против Гибралтар во битка за првото место во четвртата група од Сегментот Д.