16.8 C
Skopje
понеделник, 17 ноември 2025
Дома Blog Страница 9971

Дете со шише погоди фудбалер во глава, мечот не се доигра (Видео)

Дуелот од четвртото коло во турскиот куп меѓу Батман Петролспор и Касимпаша не се доигра. Причина за тоа е повредата која ја заработи еден гостински фудбалер. Се играше 98-мата минута, а гостите имаа предност од 3-2. Бенгали Коjта со топката трчаше покрај аут-линијата кога од трибината полета шише полно со вода. Пластичното шише заврши директно во лицето на Коита, кој падна на тревата.

Со возило на Брзата помош повредениот играч беше пренесен во болница, каде што, за среќа, констатирале дека нема посериозни повреди, освен модринка под окото. На трибината веднаш беше фатен причинителот на инцидентот. Тоа е дете кое има само 13 години.

По инцидентот, судијата веднаш го прекина мечот, иако гостите рекоа дека би сакале да го доиграат дуелот.

Од Лестер потврдија дека ќе играат против Кардиф

И покрај смртта на газдата на Лестер, Вишај Шриваданапраба, од таборот на англискиот тим стигна потврда дека дуелот од следното коло во Премиер лигата против Кардиф нема да се одложи. Натпреварот ќе се одигра во предвидениот термин, а пред почетокот ќе има едноминутно молчење во чест на загинатиот Шриваданапраба.

Играчите на Лестер можеа да бираат дали ќе играат или не. Со црн флор на своите дресови играчите на Лестер ќе се обидат токму со победа да му оддадат признание на човекот кој е најзаслужен за успесите на клубот во последните неколку години.

Единствен меч кој не се одигра поради смртта на Шриваданапраба е синоќешниот дуел меѓу Лестер и Саутхемптон во Купот на Англија. Дополнително ќе се знае терминот за одигрување на овој дуел.

 

Македонецот ја донесе првата победа на Кливленд

Повеќе нема екипа која не се израдувала на победа во новата сезона во НБА-лигата. Кливленд беше последниот кој дочека триумф откако на своj терен со 136:114 ја победи Атланта. До овој дуел, Кливленд имаше шест порази во низа, па мораше да го смени и тренерот. На местото на Тајрон Лу дојде Лери Дру и започна со победа. Со овој триумф, Кливленд избегна да го повтори најлошиот старт во клупската иторија, кога во 1995 година имаше седум порази во низа.

Тимската работа беше клучна за успехот на Кливленд, а меѓу оние кои се најзаслужни за победата е Џеди Осман. Кошаркарот кој е роден во Охрид, а настапува за Турција, постигна 20 поени и беше втор стрелец во победничкиот тим, зад Родни Худ, кој заврши со 26 поени. Вкупно седуммина играчи на Кливленд постигнаа двоцифрен број поени.

Во останатите мечеви кои се играа ноќеска: Шарлот – Мајами 125:113, Орландо – Сакраменто 99:107, Бостон – Детроит 108:105, Торонто – Филаделфија 129:112, Хјустон – Портланд 85:104, Мемфис – Вашингтон 107:95, Оклахома – Лос Анџелес клиперс 128:110.

 

Несторовски се распука, нов гол за победа на Палермо

Илија Несторовски повторно е стрелец за Палермо, го постигна петтиот гол во Серија Б, а неговиот тим го декласира Карпи на гости со 3-0.

Шпицот на клубот од Сицилија беше стрелец на последниот погодок за гостите, а дуелите против Карпи му се како порачани. И лани им даде гол, а и вечерва беше стрелец на „Сандро Кабаси“ стадионот.

Претходно стрелци беа и Фалети и Јајало, а Палермо остана на второто место со 18 бодови, еден помалку од Пескара, но и со меч помалку.

Несторовски имаше бавен старт во новата сезона во Серија Б, но сега влезе во гол-форма и е трет стрелец во шампионатот со пет погодоци.

Димитриевски конечно дебитираше за Рајо Валјекано

Столе Димитриевски конечно доби шанса да брани за Рајо Валјекано во прволигашкиот дуел со Леганес во Копа дел Реј.

Мадридското дерби од шеснаесетфиналето на шпанскиот куп заврши нерешено, 2-2, но ова е само првиот дел од двомечот меѓу двете екипи.

Димитриевски летоска од Химнастик се пресели во Рајо Валјекано, но до вечерва беше резерва. Против Леганес бранеше солидно, иако прими два гола, а во финишот на мечот со две извонредни интервенции спаси комплетен пресврт и победа на Леганес. Рајо Валјекано имаше предност од 2-0 со головите на Гарсија и Алегрија, но Ен Незири со два погодоци израмни на 2-2.

Претходно и Енис Барди играше за Леванте, но само во финишот на мечот против второлигашот Луго. Нашиот репрезентативец играше од 85-тата минута, а мечот на кој Леванте беше гостин заврши со реми, 1-1.

Ирец во Стоук добива смртни закани за бизарен случај

Крилото на второлигашот Стоук, Џејмс Меклин, добива смртни закани, како што објави самиот, поради банален проблем, откако повторно одбива да носи симбол на дресот во чест на загинатите британски војници на Комеморијалниот ден.

Меклин е репрезентативец на Република Ирска, а тоа го стори и во 2012 година, па и сега најави дека нема да го носи симболот на следните два меча на Стоук.

Останатите играчи на Стоук објавија дека ќе го почитуваат таканаречениот „Remembrance Day“ и ќе им оддадат почит на загинатите војници од Велика Британија.

Првокласна сензација – Валвијк го елиминира ПСВ Ајндховен во рана фаза од Купот

Дарен Матсен беше незадржлив за одбраната на ПСВ Ајндховен и главен креатор на првокласната сензација на РКЦ Валвијк. Второлигашот го елиминира големиот фаворит во шеснаесетфиналето на Холандскиот куп со победа од 3-2 по продолженија.

Матсен најпрво ги шокираше домаќините на арената „Филипс“ со израмнувачки гол во 90-тата минута за 2-2 и се избори за продолженија. На почетокот од второто продолжение, повторно Матсен погоди, во 109-тата минута, доволно за голема победа на Валвијк и пласман во осминафиналето.

Претходно ПСВ Ајндховен двапати водеше со головите на Гутиерез и на Мауро јуниор, а еден погодок за гостите покрај двата на Матсен постигна и Ван Фирт.

Црвена ѕвезда го демолира Галатасарај со разлика од 30 поени

Црвена ѕвезда го декласира Галатасарај со 87:57 во дербито од петтото коло во кошаркарскиот Еврокуп. Интересен е податокот дека странските кошаркари кај домаќините постигнаа 78 поени, предводени од најефикасниот на мечот Џо Регланд, кој постигна 21 поен.

Во меч со многу емоции по убиството на навивач на Црвена ѕвезда во Истанбул од симпатизер(и) на Галатасарај, овојпат во Белград немаше инциденти.

Домаќините од стартот тргнаа агресивно и по првиот период постигнаа двојно повеќе поени од противникот. Црвена ѕвезда поведе со 26:13 и предноста постојано растеше до самиот крај, кога на семафорот останаа забележани убедливите 87:57 за „црвено-белите“.

Покрај Регланд, во домашниот табор се истакнаа и Били Барон со 16 поени и Мајк Цирбес со 15. Кај Галатасарај двоцифрен учинок имаа само Тај Вебстер со 16 и Зак Огусти со 14 поени.

За шест илјади фунти го „извади од кожа“ Мурињо

Италијанскиот помошник тренер во Челзи, Марко Јани, мина со казна од шест илјади фунти од Англиската фудбалска асоцијација за инцидентот на дуелот со Манчестер јунајтед.

Јани во финишот на мечот, по израмнувачкиот гол на Рос Баркли, го испровоцира Жозе Мурињо со реакција кон него, но, за среќа, не дојде до поголем инцидент.

Маурицио Сари веднаш му се извини на Мурињо за непристојното однесување на неговиот помошник, а глобата од ФА е само шест илјади фунти. Се спомнуваше дека Јани може да добие отказ, но Сари во координација со раководството на Челзи сепак одлучи да нема драстична казна.

Пјаниќ верува во триплета, главна цел е титулата во ЛШ

Миралем Пјаниќ верува во триплета, а вели дека главна цел на Јувентус сезонава е да се освои титулата во Лигата на шампионите. Круна која „црно-белите“ ја чекаат долго време, од 1996 година.

„Сите велат дека Скудетото е веќе освоено, но не е така. Првенството е долго и иако сме фаворити и имаме предност, треба многу труд и пот за да ја одбраниме титулата во Италија. Имаме квалитет за триплета, а сите во клубот ја сонуваме третата европска круна. Се надевам дека ќе успееме да ја освоиме Лигата на шампионите“, изјави Пјаниќ.

Јувентус има две титули во луксузното европско клупско натпреварување и дури 9 финалиња, во кои 7 пати не успеал да се искачи на тронот на Европа.