12.8 C
Skopje
понеделник, 17 ноември 2025
Дома Blog Страница 9970

МЗТ бара голема поддршка и хуманост од своите навивачи

Утрешниот натпревар (18 часот) помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Сплит од АБА 2 лигата ќе има и хуманитарен карактер, со тоа што сите присутни во салата ќе може да донираат средства за лекување во странство на Борче Цветановски.

Цветановски е татко на голем навивач на МЗТ и член на „Фемили“, а дијагностицирана му е ретката болест Амилоидоза, за која нема лек во Македонија. Влезот во салата ќе биде слободен, но ќе се постават кутии за донации и присутните ќе може да искажат хуманост и да помогнат за скапото лекување во странство.

„Наша цел е да победиме. Имаме противник со искусни поединци и не смееме да им дозволиме да наметнат нивен стил на игра, туку треба да бидеме агресивни од самиот почеток. Ако ги исполниме задачите и ако останеме доследни на планот од соблекувалната, убеден сум дека ќе дојдеме до двата бода“, најавува плејмејкерот Лестер Медфорд.

Тренерот на Сплит, некогашниот хрватски репрезентативец Владимир Анзуловиќ, потсети дека МЗТ лани играше во главната АБА-лига и има амбиции и голема желба да се врати во елитата. Добро му е познат и Хрватот Иве Иванов, кого го има тренирано две години, а некомплетни дојдоа во Скопје, па тешко ќе им биде против МЗТ.

Надал се откажа од Мастерсот, Ѓоковиќ е новиот број 1 на АТП

Рафаел Надал без борба му го препушти тронот на АТП-листата на Новак Ѓоковиќ. Шпанецот пред самиот почеток на натпреварот со Фернандо Вердаско, го откажа настапот на Мастерсот во Париз поради проблеми во абдоменот, па ќе загуби доста поени и тоа значи дека од понеделник, лидер на ранг-листата ќе биде Ѓоковиќ.

„Деновиве добро се чувствував, но почнав да имам стомачни болки. Лекарите ми препорачаа да не играм“, изјави тенисерот од Мајорка.

Ѓоковиќ точно по две години се враќа на челната позиција, а тој во Париз сега може да собира поени за да ја зголеми предноста пред Надал. Во второто коло, Ноле ќе се сретне со Босанецот Дамир Џумхур. Ѓоковиќ во минатото 122 недели по ред беше прв на АТП-листата, а ако го освои парискиот Мастерс, ќе се изедначи со Надал по бројот на мастерс трофеи.

Џенова бара да ѝ се додели Скудетото од 1925 година

Фудбалскиот клуб Џенова, чиј член е македонскиот капитен Горан Пандев, побара да му биде доделена титулата од пред 93 години, за која сметаат дека им е „украдена“. Со титулата од 1925 година, Џенова би имала десет Скудета, па ќе имаат право на дресот да си стават и ѕвездичка.

Претседателот на Џенова, Енрико Прециози, смета дека би било прекрасно кога Џенова би ставила ѕвездичка на дресот.

Во далечната 1925 година се случи еден од најголемите скандали во историјата на италијанскиот фудбал. Џенова во мајсторката (тогаш во плејоф-формат играле најдобриот тим од југот против најдобриот од северот на Италија) загуби од Болоња со 0-2, но заслуга за тоа има и фашистичката милиција, политиката, а имало и пукање кон возот со кој патувале фановите на Џенова.

Првите две средби завршиле со по 2-1 за двата тима. Тогаш немаше пенали, па се играл трети меч. Од Џенова тврдат дека не требало да се игра четврти меч бидејќи на третиот, кој завршил 2-2, судијата признал нелегален гол за Болоња (стрелец бил некој од публиката!!!). Жалбата им била одбиена бидејќи потпретседателот на Италијанската федерација бил близок со Бенито Мусолини и со клубот Болоња.

Дури во петтиот дуел, кој се играл на деветти август, во близина на Милано, во 7 часот наутро, Болоња славела со 2-0 и освоила титула.

Најдоброрангираниот македонски тенисер на операција во Москва?

Томислав Јотовски можеби ќе треба да биде изложен на операција на десното рамо доколку на снимките се потврди дека има скината тетива. Најдоброрангираниот македонски тенисер е во Москва и утре претпладне ќе се знае дали ќе биде опериран.

Јотовски неколку месеци мака мачи со рамото, на последните турнири играше со болки и под инјекции, но состојбата му се влоши за време на финалето од МТП опен турнирот во Скопје и мораше да го откаже настапот во Анталија.

Проблемот на Јотовски е тетивата на рамото и уште не е дефинитивно дали е само отечена или и скината. Рускиот специјалист утре ќе каже дали македонскиот рекет број 1 ќе мора да биде опериран како подолгорочно решение, но тоа би значело и подолга пауза од тениските активности.

Вардар не го дава врвот – Прв ја победи Македонија во Ѓорче Петров

Дарко Мицевски и Јован Попзлатанов беа на вистинското место и погодија во финишот на локалното дерби, а Вардар прв ја победи Македонија во Ѓорче Петров.

Домаќините беа непоразени и на пет меча на својот стадион немаа примено гол, но серијата ја прекина Вилијан Соуза Лира со погодок за Вардар во 19-тата минута. Македонија израмни со погодокот на Боби Божиновски во 54-тата минута, но домаќините не издржаа докрај.

Мицевски беше прецизен за лидерот во 90-тата минута, а првиот пораз на Ѓорчепетровци на нивниот терен го потврди Попзлатанов во последните моменти.

Триумф со разлика од два гола забележа и шампионот Шкендија, во Струмица против Беласица. Емини во првиот дел и Тотре на почетокот на второто полувреме беа стрелци за победа од 2-0.

Идентична победа како Вардар, со 3-1 против Победа забележа Работнички. По лошото прво полувреме, во продолжението имаше дури 4 гола. Три од нив постигнаа домашните играчи, Шаркоски, Чинеду и Петковски, а почесниот за прилепчани беше дело на Нвабезе.

Шкупи со голот на Виктор Ангелов ги освои бодовите против Академија Пандев, а реми имаше во Тетово, на дуелот меѓу Ренова и Силекс. Гостите поведоа со голот на Алексовски, а израмни Стојановски.

Табела: Вардар 27, Шкендија 25, Академија Пандев 19, Работнички 17, Победа 14, Ренова, Македонија Ѓ.П. и Беласица по 13, Шкупи 12, Силекс 11.

Празник во Барселона: Меси се врати на тренинг

Најдобриот играч на Барселона, Лионел Меси, повторно тренира. Капитенот на каталонскиот гигант заработи скршеница на лакотот на десната рака за време на мечот против Севилја на 20-ти октомври. Аргентинецот даде гол на овој меч, а Барселона победи со 4-2.

„Меси се врати на тренинг“, се пофалија од Барселона на нивната страница на „Фејсбук“.

Капитенот на Барселона сезонава има одиграно 12 мечеви, во кои има постигнато 12 погодоци, а има и шест асистенции.

Актуелниот шпански првак вечерва игра дуел од Купот на Шпанија против нисколигашот Културал Леонеса.

Шаркоски и Божиновски немаа милост за матичните клубови

Никола Шаркоски немаше милост кон Победа, клубот што го промовираше во прволигашки играч и погоди за Работнички против прилепчани, а тоа го стори и Боби Божиновски.

Шаркоски играше за Победа, кога прилепчани беа второлигаши, беше меѓу најдобрите стрелци и учествуваше во промоцијата во Првата лига. По една сезона во највисок ранг на натпревари како фудбалер на Победа, се пресели во Работнички и денеска со голот во 50-тата минута на „романтичарите“ им донесе предност од 1-0  против својот поранешен клуб.

Речиси истовремено за Македонија Ѓ.П. против Вардар погоди и Боби Божиновски. Играчот од средниот ред израмни на 1-1 против својот матичен клуб. Кариерата ја почна во Вардар во 1999 година и има 73 настапи за најтрофејниот клуб.

Лира ја прекина импресивната серија на Македонија Ѓ.П.

Македонија го прими првиот гол на домашен терен дури во шестиот меч што го играат во Ѓорче Петров, а серијата од цели 468 минути без да им се тресе мрежата ја прекина Вилијан Соуза Лира.

Бразилскиот напаѓач на Вардар погоди во 19-тата минута од локалното скопско дерби, а со неговиот гол падна низата на домаќините, патем и лидерот води по првиот дел.

Претходно, шампионот Шкендија, Беласица, Работнички, Победа и Академија Пандев не успеаја да постигнат гол во Ѓорче Петров, а Македонија беше единствената екипа без примен гол на свој терен.

Јамајка сака промоција – Болт ќе игра за фудбалската репрезентација

Јусејн Болт е блиску до настап за фудбалската репрезентација на Јамајка, а поранешниот играч на оваа селекција Мајкл Рикетс вели дека сериозно се следат неговите настапи и формата.

„Сериозно ги следиме неговите настапи како фудбалер. Се надеваме дека ќе продолжи со сериозен пристап. Би сакале да игра за репрезентацијата на Јамајка, што би ни донело многу нови навивачи“, вели Рикетс, кој моментно е претседател на Фудбалскиот сојуз на карипската земја.

Болт играше за австралиски фудбалски клуб Сентрал Коуст маринерс, но не успеа да ги убеди челниците да му понудат долгорочен договор. За Јамајка има освоено 19 златни медали на големите натпреварувања. Осум од нив се на Летни олимписки игри и 11 на атлетските мундијали, на кои има и две сребра и една бронза.

Болт е сопственик и на два светски рекорди, на 100 метри со време од 9,58 секунди и на 200 метри со резултат од 19,19 секунди.

Стелоне: Супер е, Несторовски повторно е „гладен“ за голови

Роберто Стелоне ја стабилизира играта и формата на Палермо, има одличен учинок од 10 освоени бодови од можни 12, а вели дека особено го радува камбекот на Илија Несторовски.

„Супер е што повторно кај него се чувствуваат желбата и гладот за голови. Беше борбен, мотивиран и ефикасен против Карпи. Ги немавме и тројцата мошне важни играчи, Трајковски, Белуски и Муравски, а сепак победивме убедливо. Тоа ме радува и верувам дека ќе продолжиме во победничко темпо“, изјави тренерот на Палермо.

Несторовски имаше бавен старт во новото издание на Серија Б, но со голови во последно време најави камбек во препознатливата форма. Двете претходни сезони што ги мина во Палермо беше прв стрелец на тимот, а и сега е во иста ситуација. Со пет постигнати голови ја дели третата позиција на листата со најдобри стрелци во Серија Б.