11.8 C
Skopje
недела, 16 ноември 2025
Дома Blog Страница 9982

Најдобрата српска одбојкарка, доби сала во БиХ!

Општина Билеќа го усвои предлогот на градоначалникот Миљан Алексиќ, спортската сала во овој мал град во Босна и Херцеговина, да се вика Тијана Бошковиќ, во чест на српската одбојкарка која неодамна беше прогласена за најдобра на Светското првенство за жени.

Бошковиќ на СП во Јапонија одигра одлично, беше МВП, и беше најзаслужна за титулата на Србинките. Билеќа (место во близина на Требиње, на границата на БиХ и Црна Гора) е градот во кој Тијана порасна и почна да тренира одбојка.

Затоа, во Билеќа сметаат дека 21-годишната Тијана е нивна спортска амбасадорка, и заслужува салата да го носи нејзиното име. Предлогот едногласно усвоен и во иднина, салата ќе се вика „Дворана Тијана Бошковиќ“.

Голот на Ди Марија против Наполи, најубав во колото од ЛШ (Видео)

УЕФА објави дека погодокот на Анхел Ди Марија од Пари Сен Жермен против Наполи во последната минута од мечот, е најубав во третото коло на Лигата на шампионите. Аргентинецот го спаси својот тим од пораз и непријатна ситуација да остане со само  три бода после три рунди.

Во судиското продолжение, Ди Марија со својата лева нога, од 22 метри испрати прецизен шут во десниот агол од голот на гостите, и на својот тим му донесе еден бод.

За тие што не го виделе голот, еве прилика да го погледнат:

https://www.youtube.com/watch?v=uWao7FD4xxo

Играч на колото е Един Џеко од Рома, кој со два гола ја урна ЦСКА Москва. Противкандидати на Босанецот му беа Мохамед Салах, Давид Силва и Ашраф Хакими.

Хамилтон се подготвува за фиеста во Мексико

Луис Хамилтон в недела има прилика да стане третиот пилот во историјата на Формула 1 после Хуан Мануел Фанџо и Михаел Шумахер, кој освоил барем пет шампионски титули во овој тркачки спорт.

Само чудо може втора недела по ред да му ја одложи промоцијата на Британецот во болидот на Мерцедес.

Себастијан Фетел кој е второпласиран во генералниот пласман, за да ја спречи шампионската прослава, мора да освои барем 21 бод повеќе од Хамилтон. Тоа значи дека Германецот мора да победи, а Хамилтон да биде под осмо место. Можеби Фетел може да победи во Мексико, но Хамилтон на ниту една трка која ја заврши, не беше толку ниско, па Фетел ќе треба да победи и да се надева оти лидерот во генералниот пласман нема да ја мине целта.

Ако Хамилтон биде меѓу првите седум, освојува титула, а титулата ќе се слави и ако Фетел не победи, без разлика дали Хамилтон ќе ја заврши трката.

Не само Хамилтон лично, туку и неговиот тим Мерцедес може викендов да освои титула во конкуренција на конструктори. На „сребрените стрели“ им требаат 20 поени повеќе од Ферари.

Реал Мадрид има „среќа“ со повредите на ривалите

Европскиот првак Реал Мадрид, во последните месеци има среќа во некои од најважните натпревари да игра против некомплетен противник, без клучен играч на ривалите.

Задутре, „кралскиот клуб“ гостува кај најлутиот ривал Барселона, а Реал има среќа што во редовите на каталонците ќе го нема Лионел Меси. Аргентинецот се повреди минатиот викенд и нема да може да му помогне на својот тим против гостите од Мадрид.

За потсетување, во финалето на Лигата на шампионите, на Реал му се олесни работата кога се повреди Мохамед Салах од Ливерпул. И во 2014 година, во финалето против Атлетико, после 8 минути излезе повредениот Диего Кошта.

Во полуфиналето од минатата сезона од ЛШ, против Реал, кај Баерн ги немаше Артуро Видал и Мануел Нојер, а се повредија Арјен Робен и Жером Боатенг. Во четвртфиналето, кај Јуве ги немаше Бернардески, Бенатија и Квадрадо на првиот, а Дибала на реваншот. Пред тоа, против ПСЖ, кај „светците“ недостасуваше Нејмар.

Реал извлече позитивни резултати против сите овие ослабени екипи, а неговите навивачи посакуваат така да биде и в недела попладне на „Камп Ноу“.

Стивенс ја разби конкуренцијата и влезе во полуфинале

Слоун Стивенс ќе игра со Каролина Плишкова, а Елина Свитолина ќе се сретне со Кики Бертенс во полуфиналните пресметки на завршниот ВТА-турнир, кој се игра во Сингапур.

Во денешните мечеви, Холанѓанката Бертенс ја совлада Наоми Осака, откако Јапонката се предаде по губењето на првиот сет со 3:6, а во дербито Американката Стивенс беше подобра од првата фаворитка Анџелик Кербер со 6-3, 6-3.

Бертенс, која на турнирот влезе како замена за повредената лидерка на ВТА-листата, Симона Халеп, е најпријатно изненадување во Сингапур.

На Стивенс ѝ требаше победа за да оди во полуфинале, и тоа како првопласирана во својата група, во спротивно ќе испаднеше. Таа има низа од пет победи по ред против Кербер. Но, иако како прва оди понатаму, тоа не значи дека ќе биде голема фаворитка против Чехинката Плишкова, која сервира добро.

Лазовски ги повика сите, првиот собир на 12-ти ноември

Селекторот на сениорската кошаркарска женска репрезентација, Марјан Лазовски, излезе со поширокиот список на кошаркарки на чии услуги смета за двата натпревари од квалификациите за Европското првенство 2019.

На листата се двете натурализирани Македонки, речиси сите најталентирани кошаркарки, како и оние што беа стандардни и носители на играта на претходните натпревари.

На 17-ти ноември, Македонија игра дома со Шведска, а четири дена подоцна гостува во Хрватска. Тоа се последните мечеви во квалификацискиот циклус за континенталниот собир закажан за идната година. Нашите немаат шанса за пласман, мали се шансите да се дојде барем до една победа во квалификациите, а селекторот ниту еднаш ги немаше сите кошаркарки на располагање.

Првиот собир е закажан за 12-ти ноермври, во малата сала на спортскиот центар „Јане Сандански“, и тогаш ќе се види на кого Лазовски ќе може да смета за двата натпревари.

Лазовски на својот список ги стави: Анџелика Митрашиновиќ, Ивона Пејковска, Ана Тантуровска, Александра Стојановска, Софија Лазареска, Нена Трајчевска, Ивана Кметовска, Матеа Николиќ, Јована Петрушевска, Ивона Кожобашиовска, Тијана Митрева, Јелена Антиќ, Цветанка Димова, Сања Адамовска, Габриела Модева, Анамарија Шеќероска, Теона Поп-Стојанова, Илина Селцова, Едина Муса, Марија Димитријевиќ, Ива Крстевска, Сара Анастасијеска, Криси Гивенс, и Дјуана Бонер.

Ѓорческа прокоцка добиен меч за финале во Истанбул

Ралука Шербан го доби трилерот во полуфиналето на ИТФ-турнирот во Истанбул против Лина Ѓорческа, а нашата тенисерка може да жали за поразот.

Лина имаше одлична можност да победи во два сета, но не искористи три брејк топки во клучен момент од мечот. Имаше предност од 1:0 во сетови и на сервис на Шербан, при резултат 5:5, прокоцка голема предност од 40:0 за да сервира за победа.

Шербан, или како што ја нарекуваат романската Шарапова, имаше и многу среќа, се извлече во тај-брејк, а потоа во нов драматичен сет славеше со 6:3, за конечна победа од 2:1 во сетови.

Во финалето за титула, противничка на Шербан ќе ѝ биде српската тенисерка Нина Стојановиќ.

Барселона одби 300 милиони евра за да го задржи името на „Камп ноу“

Челниците на Барселона добија неверојатна понуда за да го сменат името на стадионот. Медиумскиот гигант „Медиапро“ понуди неверојатна сума од 300 милиони евра за да го добие правото на името на стадионот во период од 20 години. Барселона веќе подолго време размислуваше дали да прифати спонзорски договор за да го отстапи правото за името на стадионот, но на крајот одлуката е да не се менува „Камп ноу“.

Каталонскиот гигант е еден од најбогатите клубови во светот, но и клуб кој е во топ 5 трошаџиите кога се работи за пари кои ги даваат на своите играчи.

На најголемиот стадион во Европа во недела ќе се игра најпознатото дерби во светот, популарното Ел Класико. Реал гостува на Барселона на „Камп ноу“.

Шмит има проблем со дрогата, нема проблем за нов договор вреден 35,7 милиони долари

Нејт Шмит не ја почитуваше политиката на НХЛ-лигата за редовна допинг-контрола и доби суспензија од 20 натпревари, но за него и тоа не е проблем одлично да заработи.

Неговиот клуб Вегас му понуди нов договор, вреден 35,7 милиони долари, што ќе важи во следните 6 години. По сезона бекот на финалистот во НХЛ-лигата ќе заработува малку под 6 милиони долари.

„Без разлика што е под суспензија, Нејт е одличен хокеар. Модерен дефанзивец, каков што би посакале многу клубови во Лигата. Одлучивме да му понудиме нов договор“, објави Џорџ Мекфи, генералниот менаџер на Вегас.

Со Шмит во составот, лани Вегас направи бум и во првата сезона како клуб во НХЛ-лигата стигна до финалето, но Вашингтон го надигра и го освои Стенли купот.

Таман пред Ел Класико – Реал Мадрид е број еден во Европа, Барселона е втора

Реал Мадрид сè уште е број 1 фудбалски клуб во Европа, според најновата ранг-листа на УЕФА, а како загревање за новото Ел Класико е податокот дека веднаш зад актуелниот европски првак е Барселона.

Двата големи ривали од Шпанија во недела ќе го играат големото дерби во Ла Лига, а бијат битка и за лидерската позиција на ранкингот на УЕФА.

Најдоброрангиран македонски клуб е Шкендија на 161-то место, додека Вардар е на 206-тата позиција. Работнички е 230-ти, а интересно е што на листата ги има и второлигашот Пелистер, на 362-рото место, едно под Шкупи и оддамна исклучениот клуб Турново, кој веќе не се натпреварува во ниту еден ранг во Македонија.

Турновци се 366-ти зад Силекс, Ренова и Металург, кои се наредени едноподруго зад Шкупи и Пелистер.

Во топ-10 со Реал Мадрид и Барселона се уште и Баерн, Атлетико Мадрид, Јувентус, Севилја, ПСЖ, Манчестер сити, Арсенал и Порто.