2.8 C
Skopje
недела, 16 ноември 2025
Дома Blog Страница 9983

Барселона и без Меси ќе го искористи хаосот во Реал Мадрид

Реал Мадрид е во комплетен хаос, тренерот Хулен Лопетеги го загуби компасот и нема контрола над тимот, што ја прави Барселона фаворит за победа во новото Ел Класико, со тешко срце признава Панче Ќумбев.
Нашиот редовен фудбалски аналитичар е симпатизер на Кралскиот клуб, а сега повторно е со Вас и со пет предлог-типови ќе се обиде да помогне полесно да се дојде до добивки во „Sport Life“.
Барселона – Реал Мадрид (недела, 16.15 часот)
Со тешко срце овде ќе типувам победа на домаќинот, бидејќи сум фан на Реал Мадрид. Но, моменталната ситуација и форма на овие големи клубови навестува победа на Барса. Искрено, мислев дека Рафа Бенитез ќе биде најголемо тренерско промашување на Реал, но сегашниот тренер Лопетеги упорно работи на тоа да го одземе приматот. Со комплетно загубен компас, со чудни ротации во тимот, за кои мислам дека и самиот нема објаснување, само прашање на време е кога ќе биде сменет од кормилото на европскиот првак. Тоа е голем проблем за Реал, а Барса, од друга страна, игра стандардно добро, иако во ова дерби ќе биде без виртуозот Меси. Домаќините се фаворити на Ел Класико и се поблиску до бодовите.

 

Манчестер јунајтед – Евертон (недела, 17 часот)

Традицијата меѓу овие два тима ми дава право да типувам победа на домаќинот. На последните осум натпревари, Евертон нема триумф во меѓусебните дуели, верувам дека ќе почекаат уште извесен период. Иако „црвените ѓаволи“ сезонава се мачат со формата, верувам дека ќе го добијат овој дуел, и тоа најмалку со два гола во мрежата на гостите.
Предлог тип: 1&Т1 (2.12)
Наполи – Рома (недела, 20.30 часот) 
Карло Анчелоти очигледно прави добра работа со „наполитанците“. Играат одлично и тактички делуваат зрело. Иако ова е дерби на два тима со големи амбиции, типувам победа на домаќинот и заради променливата форма на римската волчица.
Предлог тип: 1 (1.80)
Борусија Дортмунд – Херта (сабота, 15.30 часот)   
Оваа Борусија е симпатична за секој љубител на фудбалот што сака да гледа атрактивна игра и напаѓачки фудбал. Имаат одлични млади играчи и се многу ефективни и моќни. Дефинитивно, Баерн ќе има проблеми оваа сезона со одбраната на титулата. Борусија гази на сите полиња, а потврда се и четирите гола во мрежата на секогаш цврстиот Атлетико Мадрид. Типувам „кец“ со минимум три гола на натпреварот.
Предлог тип: 1&3+ (1.93)
Висла Краков – Заглебје Сосновјец (понеделник, 18 часот)
Висла по ремито на гости против шампионот Легија, има малку полесна задача на домашен терен. Мислам дека новакот во Лигата, Сосновјец, нема сили да му се спротистави на фаворитот Висла. Овде очекувам победа на екипата со многу поголемо реноме во полскиот фудбал.
Предлог тип: 1 (1.70)

Во Кливленд можете да гледате меч на НБА само за два долари

Кливленд кавалирс по заминувањето на Леброн Џејмс, реди порази и веќе не е магнет за публиката, па клубот на разни начини се обидува да привлече што повеќе навивачи на трибините.

За натпреварот кој се играше во четвртокот, против Бруклин нетс, на еден и пол час пред почетокот на средбата можеа да се најдат билети и по цена само од 2 долари. Ова е сума помала од таа на цената за едно шише вода која се продава во салата.

Наредниот меч на Кавалирс дома е против Индијана и засега нема билети за 2 долари (најефтините се 7 долари, но со тоа се добива и попуст во фан шопот), но којзнае, до пред самиот почеток можеби ќе се најдат и такви.

За споредба, за мечот со Денвер на новиот тим на Џејмс, ЛА лејкерс, најефтините влезници чинеа 80 долари. Лејкерс во Кливленд ќе гостува на 21-ви ноември. Тогаш сигурно ќе се бара билет повеќе и цените ќе бидат „солени“ (од 110 до 20.000 долари).

„Ефектот Леброн“ се одрази и на друго поле. Кливленд во минатата сезона го пренесуваа на 39 меча на национална телевизија во САД, а сезонава само седум пати. Од друга страна, Лејкерс 43 пати ќе оди во пренос.

Ристовски ќе мора да паузира, неизвесен е настапот против Лихтенштајн и Гибралтар (Видео)

Стефан Ристовски го истегна задниот дел на бутниот мускул на десната нога на дуелот со Арсенал во Лигата на Европа и неизвесен му е настапот за нашата репрезентација против Лихтенштајн и Гибралтар.

Десниот бек на Спортинг по еден дуел со Дени Велбек во финишот на првиот дел, се фати за ногата и очигледно е дека имаше болки, па мораше да биде заменет.

Со Лихтенштајн и со Гибралтар ги играме последните два дуели во нашата група во Лигата на нациите.

Во Вадуц ќе гостуваме на 16-ти ноември, а три дена подоцна во Скопје на гости ни доаѓа Гибралтар.

https://sicnoticias.sapo.pt//especiais/liga-europa-2018-2019/2018-10-25-Sporting-0-0-Arsenal-Stefan-Ristovski-lesiona-se-e-e-substituido-por-Bruno-Gaspar–43-min-

Ливерпул бара помош од Партизан за дуелот во Белград против Црвена ѕвезда

Ливерпул без проблеми славеше со 4-0 против Црвена ѕвезда во третото коло од Лигата на шампиони, а за помалку од две недели го очекува реванш во Белград. Српскиот првак на својот стадион одигра 0-0 против Наполи, а сега ќе се обиде да го изненади и англискиот гигант. Токму затоа Јирген Клоп, тренерот на Ливерпул, не сака да остави ништо на случајноста.

Затоа, менаџерот на англискиот тим побара помош од најголемиот ривал на Црвена ѕвезда, Партизан. Клоп сака неговиот тим да одработи тренинг на денот на одигрување на мечот, на шести ноември, па побара од Партизан да им го отстапи тренинг-центарт во Земун.

„Црно-белите“ веднаш го прифатија ова барање на Ливерпул, па Англичаните ќе бидат на тренинг-центарот на Партизан на шести ноември од 10 до 12 часот. Дуелот против Црвена ѕвезда се игра истиот ден, во 21 часот, на стадионот „Рајко Митиќ“.

 

Гатузо го најде проблемот: Милан се плаши од секого

Некогашниот европски првак Милан сега е во ситуација да игра во второто по ранг натпреварување на УЕФА, Лигата на Европа, па макар и да губи на свој терен од просечни екипи. Синоќа, триумфално од „Сан Сиро“ си замина Бетис. Шпанскиот тим не е ни меѓу 10-те најдобри во својата земја, но и покрај тоа, беше доволно добар да го победи Милан на гости.

Тренерот на „росонерите“, Џенаро Гатузо, вели дека не се плаши ако добие отказ, но сака да го насочи тимот да победува.

„Не мислам да си ја спасам работата, туку како да го променам размислувањето на играчите. Сакам да го сменам текот на сезоната и да ставиме во поголема брзина. Само сакам да ги решам проблемите во тимот, доколку добијам шанса од челниците на клубот. Моментно е ужасно. Милан делува уплашено во секој момент. Мора да го смениме тоа“, рече Гатузо по поразот од Бетис.

И покрај синоќешниот неуспех, Милан има шанса да ја помине групната фаза од Лигата на Европа.

Двојна победа за Николов – На „Тумба“ ниту ПАОК, ниту провокација се виде

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов остана на клупата за резерви на МОЛ Види на дуелот со ПАОК во Солун, иако е стандарден првотимец на унгарскиот првак, а одлуката е многу чудна.

Како што ексклузивно објавивме во текот на вчерашниот ден, Николов бил предупреден од делегатот на мечот да не реагира на евентуални провокации на навивачите на ПАОК, а за „мир во куќа“ тренерот на МОл Види, Марко Николиќ, одлучи Бобан да не биде стартер.

Еден од најдобрите играчи на унгарскиот шампион мудро, смирено и на вистински начин му возвратил на делегатот со одговор „дека УЕФА треба да реагира“, а на крајот испадна и двоен победник.

Навивачите на ПАОК мораа пред да почне мечот да го тргнат стандардниот транспарент со политичка порака „Македонија е една и единствена и е тука“, а и со наведнати глави ја напуштија „Тумба“ по поразот од 0-2.

Колку за потсетување, неодамна на овој стадион во Солун гостуваше Челзи, а еве вака изгледаше трибината кога играше англискиот гигант.

За разлика од тој меч на Челзи, синоќа на гостувањето на унгарскиот тим во чии редови игра Николов оградата на трибината која е резервирана за провокативниот транспарент остана празна.

Патем, Николов како сатисфакција доби шанса да игра од 79-тата минута и заедно со соиграчите се радуваше на првата победа на МОЛ Види во фазата по групи во Лигата на Европа.

Ова е прва победа на МОЛ Види во европските купови по пауза од шест години.

За Арсенал двојно повеќе од победникот во ЛЕ, Вардар заработи 3,15 милиони евра

Вардар заработи 3,15 милиони евра од историското учество во Лигата на Европа, прво за македонски клуб, во ланското издание на второто по ранг клупско натпреварување на Стариот Континент.

УЕФА го објави комплетниот список, а најтрофејниот македонски клуб доби 2,6 милиони евра за пласманот во фазата по групи, потоа уште 120 илјади евра за освоениот бод против Розенборг и уште 425 илјади евра од маркетинг, продажба на влезници…

Интересно е што најмногу доби Арсенал, 37,78 милиони евра, што е повеќе од двојно од заработката на победникот во ЛЕ – Атлетико Мадрид. Популарните „јорганџии“ заработија малку повеќе од 16 милиони евра, а во полуфиналето го елиминираа токму Арсенал.

Сепак, Англичаните најдобро го одработија маркетингот и убедливо и најмногу заработија од сите клубови, учесници во ланското издание на Лигата на Европа.

Лазаров: Ова беше еден од најслабите наши мечеви во последните 10 години

Македонија победнички тргна во квалификациите за Европското ракометно првенство во 2020 година откако синоќа во Битола ја победивме Турција со 31:27. И покрај триумфот, капитенот на нашата селекција, Кирил Лазаров, не беше задоволен од начинот на игра. Тој вели дека ова е еден од најслабите мечеви на националниот тим во последната декада.

„Мислам дека ова е еден од нашите најслаби мечеви во последните 10 години. Ноншалантна игра, некоординирана, без респект, без почит еден кон друг, без почит кон битолската публика која дојде во огромен број. Сакам да им се извинам бидејќи и покрај победата, заслужија да гледаат подобра и поатрактивна игра. Им благодарам за поддршката, покажаа дека Битола е ракометен град. Нам ни останува многу да работиме. Мислам дека треба да ставиме прст на чело и да се замислиме. Апел до сите во репрезентацијата дека ова повеќе не треба да се случи“, рече Лазаров по синоќешниот дуел.

И селекторот Раул Гонзалес не е задоволен и најави подобра игра на следниот дуел против Грција.

„Треба да играме подобро. Не сум задоволен како одигравме 35 минути. Имавме и седум-осум разлика. На мечот против Грција мора да покажеме подобра игра“, рече Гонзалес.

Леброн блесна со „трипл-дабл“, конечно радост и во „Стејплс центарот“ (Видео)

Леброн Џејмс одигра одличен меч и беше најзаслужен за победата на Лос Анџелес лејкерс против Денвер од 121:114. Ова беше прв триумф на Лејкерс на домашен терен сезонава, а воедно и прв пораз на Денвер, кој отвори со четири победи во низа.

Џејмс мечот го заврши со „трипл-дабл“ со 28 поени и по 11 скока и асистенции. Ова е прво вакво остварување за него во новиот клуб, а вкупно 74-то во кариерата. За прв пат сезонава во првиот ред на трибините во „Стејплс центарот“ беше и Коби Брајант, кој, секако, беше дополнителна мотивација за домашните кошаркари да победат.

Денвер водеше во поголемиот дел од мечот, а на шест минути до крајот, гостите имаа осум поени предност. Сепак, домаќините не се предадоа и со серија од 15:2 на крајот успеаја да донесат радост за фановите во арената. Лејкерс по стартните 0:3, сега триумфираат по втор пат за три дена. Кај гостите најефикасен беше Никола Јокиќ со 24 поени, а Џемал Мари додаде 22.

Во останатите мечеви кои се играа ноќеска: Детроит – Кливленд 110:103, Орландо – Портланд 114:128, Оклахома – Бостон 95:101.

 

Челзи има нов херој, Севилја броеше до шест, Марсеј киксна и против Лацио

Челзи лесно обезбеди нови три бода со убедливиот триумф од 3-1 над БАТЕ Борисов. „Сините“ имаат нов херој во тимот, младиот Рубен Лофтус-Чик постигна хет-трик, прв во својата кариера во дресот на Челзи. Англичанецот постигна два во првото полувреме (втора и осма минута), а победата ја осигури со третиот гол во 54-тата минута.

Севилја го растури турскиот состав на Акисар Беледије со 6-0. Андалужаните имаа сигурна предност од два гола уште во првите 10 минути, третиот во првото полувреме беше автогол на гостите, пред Муриел, Промес и Меркадо да ја запечатат големата победа во вториот дел.

Вилјареал, исто како и Севилја, забележа голема победа, но застана на пет гола против Рапид. Форнаи и Екамби ѝ обезбедија водство од 2-0 на „жолтата подморница“ по 30 минути игра, гостите си дадоа автогол пред крајот на полувремето, а Раба и Морено во вториот дел ја заверија големата победа од 5-0.

Лацио од гостувањето во Франција кај Марсеј се враќа со сигурна победа од 3-1. Валас донесе предност за лацијалите во 10-тата минута, Каиседо во 59-тата зголеми на 2-0, Паје во 86-та ги врати надежите на домаќините, но Марушиќ ја реши средбата во последната минута од регуларните 90.

МОЛ Види славеше во Солун против ПАОК со 2-0, нашиот репрезентативец Бобан Николов ги одигра последните 10 минути на средбата на стадионот „Тумба“. Гостите трите бода ги осигурија уште во првото полувреме, со головите на Хушти во 12-тата минута и Стопира во 45-тата минута.

Резултати Европа Лига 3. коло:

Бешикташ – Генк 2-4

Челзи – БАТЕ Борисов 3-1

Ајнтрахт Франкфурт – Аполон 2-0

Јаблонец – Астана 1-1

Марсеј – Лацио 1-3

ПАОК – МОЛ Види 0-2

Глазгов Ренџерс – Спартак Москва 0-0

Рен – Динамо Киев 1-2

Сарпсборг – Малме 1-1

Севилја – Акисар 6-0

Стандард Лиеж – Краснодар 2-1

Вилјареал – Рапид Виена 5-0