0.8 C
Skopje
недела, 16 ноември 2025
Дома Blog Страница 9984

Бетис додаде сол на раната на Милан, едно полувреме за Ристовски во поразот од Арсенал

Реал Бетис го шокорише Милан среде „Сан Сиро“ со конечни 2-1 во третото коло од Лигата на Европа. Шпанскиот состав за помалку од еден час имаше и сигурни 2-0, по погодоците на Сарабија (30‘) и Ло Селсо (54‘), пред играчот на Милан кој влезе од клупа, Патрик Кутроне да го постигне почесниот гол за „росонерите“.

Милан со овој пораз, прв во групната фаза, ја загуби лидерската позиција во групата Ф, сега Бетис е прв со седум бода, додека зад екипата на Џенаро Гатузо е Олимпијакос со четири бода. Дуделанж со вечерашниот пораз од грчиот состав со 2-0 останува без бодови на последното место.

Арсенал со минимални 1-0 го совлада тимот на Спортинг Лисабон на нашиот репрезентативец Стефан Ристовски, кој, пак, одигра само едно полувреме, пред да го замени Гаспар.

„Топчиите“ за водечкиот и одлучувачки погодок мораа да чекаат до 77-тата минута, а го постигна Дени Велбек. Екипата на Унаи Емери останува на чело на табелата од групата Е, со максимални девет бода. Спортинг е втор со три бода помалку, додека Ворскла се искачи на третата позиција со победата над Карабах со 1-0.

Иван Тричковски со неговиот АЕК Ларнака ремизираше со Лудогорец при конечни 1-1, нашиот репрезентативец не ги искористи 90-те минути да се запише во листата на стрелците. Двете екипи и натаму трагаат по првиот триумф сезонава, сега имаат по еден бод на третата, односно четвртата позиција по три меча во групата А. Таму се наоѓаат и Цирих и Леверкузен, а швајцарскиот состав вечерва го победи тимот на Баер со 3-2 и го зазеде првото место со девет бода.

Фенербахче од Белгија се враќа со еден освоен бод откако против Андерлехт ремизираше со 2-2. Домаќините имаа предност од 2-0 со двата гола на Бакали во 30-тата, односно 50-тата минута, додека „фенерите“ се вратија со два брзи гола благодарение на Михаел Фреј. Швајцарецот прво погоди во 53-тата минута, а потоа му асистираше на Калдирим за израмнување на 2-2, само четири минути подоцна. Нашиот репрезентативец, Елиф Елмас, се најде во стартниот состав и учествуваше во кам-бекот на својот тим, пред да биде заменет во 86-тата минута од Потук.

Динамо Загреб со победата од 2-1 против Трнава останува максимален во групата Д. Победата ја донесоа Гаврановиќ и Орсиќ, а нашиот репрезентативец Аријан Адеми ги одигра сите 90 минути во новиот триумф на хрватскиот состав.

Резултати Лига Европа 3. коло:

Милан – Бетис 1-2

АЕК Ларнака – Лудогорец 1-1

Андерлехт – Фенербахче 2-2

Дуделанж – Олимпијакос 0-2

Копенхаген – Славија Прага 0-1

Карабах – Ворскла 0-1

Лајпциг – Селтик 2-0

Салцбург – Розенборг 3-0

Спортинг Лисабон – Арсенал 0-1

Трнава – Динамо Загреб 1-2

Зенит – Бордо 2-1

Цирих – Баер Леверкузен 3-2

 

 

Федерер се прошета до четврт-финале во Базел

Роже Федерер за помалку од 70 минути го совлада германскиот тенисер Жан-Ленард Струф, со 2-0 во сетови во осминафиналната пресметка во Базел. Швајцарецот на свое тло стигна до 17-тата победа во низа и по 16-ти пат обезбеди пласман во четврт-финалето на овој турнир.

Федерер на старот од првиот сет западна во проблеми, Струф направи брејк за 2-1, но третиот светски тенисер возврати со два брејка и со 6-3 поведе со 1-0. Германецот во вториот сет пружи повеќе отпор, беше неизвесно сè до 5-5, а потоа Федерер го направи третиот брејк на мечот, па на свој сервис без загубен поен ја заврши средбата со 7-5.

Федерер во четврт-финалето ќе игра против подобриот од мечот, Симон – Гулбис.

Лоренцо опериран, се надева на кам-бек за трката во Малезија

Возачот на Дукати, Хорхе Лоренцо, поради повреда на левата рака ги пропушти последните две трки од овогодишниот шампионат во Мото ГП. Шпанецот не возеше во Тајланд и Јапонија, а сега ќе биде принуден да отсуствува и од борбата за Големата награда на Австралија, трката која е закажана за во недела, 28-ми октомври.

На Лоренцо пред два дена му беше извршена операција на раката во Барселона, а цели кон целосно закрепнување за околу три недели, кога Мото ГП шампионатот продолжува во Малезија, трка која ќе се одржи на почетокот од ноември. Сепак, ако закрепнувањето не оди според планот, возачот на Дукати ќе биде подготвен дури за последната трка од оваа сезона, која ќе се одржи во Валенсија.

Шампионатот веќе е одлучен, откако Марк Маркес изминатиов викенд победи на патеката „Мотеги“ во Јапонија, така што ја одбрани светската титула, односно ја освои петтата титула на Мото ГП во својата кариера.

 

Битола „гори“ за ракометна Македонија (Видео)

Битола и навивачите од овој град по цели 15 години дочекаа да бидат домаќини на ракометната репрезентација на Македонија. Цел ден низ Битола владее ракометна еуфорија, а сега на помалку од еден час до почеток на дуелот атмосферата е веќе вжештена.

Популарниот Широк Сокак е собиралиштето од каде што навивачите тргнаа кон салата „Боро Чурлевски“. Македонија од 20.15 часот игра против Турција во првиот меч од квалификациите за Европско првенство 2020 година.

Погледнете каква е атмосферата низ битолските улици.

Ван Перси ќе се повлече од фудбалот по крајот на сезоната

Напаѓачот на Феенорд, Робин ван Перси, одлучи да стави крај на својата фудбалска кариера. Холанѓанецот соопшти дека тоа ќе го стори по крајот на оваа сезона, на триесет и шестгодишна возраст.

„Оваа сезона најверојатно е последна за мене. Ќе наполнам 36 години, ќе ми биде 18-та сезона како професионален фудбалер, па сметам дека тоа е доволно. Мило ми е што се вратив во Феенорд, да завршам онаму каде што и почнав. Од пет години се заминавам со фудбал, па мислам дека е време“, истакна Ван Перси.

Триесет и петгодишниот голгетер кариерата главно ја помина во Премиер лигата, пред сè како играч на Арсенал, а потоа го носеше и дресот на Манчестер јунајтед, каде што освои една Премиер лига. За холандската репрезентација одигра 102 натпревари, а со 50 погодоци е најдобар стрелец во историјата на националниот состав на „лалињата“.

Барса го претстави мозаикот за неделното Ел Класико (Видео)

Барселона објави каков мозаик од картони се подготвува за неделниот меч со Реал Мадрид. Кога фудбалерите ќе излезат на терен, нешто пред 16.15 часот за кога е закажан стартот на најголемото дерби во светот на фудбалот, на централната трибина спроти нив ќе бидат клупските бои на Барса и текст со пораката: „Го боиме фудбалот“.

На трибините зад головите ќе бидат боите на каталонското знаме. На мечот со Интер, на трибините имаше транспаренти со политичка содржина од типот „Добредојдовте во Република Каталонија“ и „Слобода“, а најомразениот ривал ќе го пречекаат со порака дека му ставиле боја на фудбалот.

Погледнете како ќе изгледа кореографијата пред почетокот на натпреварот:

https://twitter.com/i/status/1055478024571969539

Русите го предлагаат „Лужники“ за можниот меч во бокс Хабиб – Мејведер

 

Директоратот за комуникации и маркетинг на олимпискиот комплекс „Лужники“ во Москва објави дека е подготвен да прифати да биде местото на одржување на боксерскиот спектакл, во кој би се бореле Хабиб Нурмагомедов и Флојд Мејведер.

Нурмагомедов и Мејведер не знаат за порази во професионалните кариери, со тоа што Мејведер е чист боксер, а Хабиб е во ММА, друг боречки спорт во кој се користат удари и со нозете, како и борење. Мејведер го победи Конор Мекгрегор во бокс и има скор 50-0, па сега и Нурмагомедов сака да го предизвика шампионот од САД.

Од „Лужники“ денеска објавија дека ако на нивна адреса пристигне барање за тој стадион со 81.000 седишта да биде местото на боксерскиот спектакл, ќе прифатат со задоволство. На Лужники би можеле да се соберат 100.000 луѓе, што би била втора најголема посета во историјата на боксерски меч по Втората светска војна.

Мејведер се изјасни дека го преферира Лас Вегас.

Се укинува забраната за пиење алкохол на англиските стадиони?

Првиот човек на Англиската фудбалска лига (ЕФЛ), Шон Харви, побара разгледување на забраната за навивачите да пијат алкохол на трибините за време на фудбалски натпревари.

Забраната за фудбалските фанови да пијат алкохол доколку го гледаат теренот е воведена во 1985 година. Ваква забрана нема за концерти или други спортови кои се одржуваат во сали или на стадиони.

Фудбалските навивачи во Англија може да купуваат алкохол на полувреме, како и пред мечевите, а смеат да пијат и во пабовите во близина на стадионите. Апсењата на навивачи за нарушување на јавен ред и мир се многу ретки.

„Нема дилеми дека фудбалот драматично се измени во овие 30 и повеќе години откако беше воведена забраната. Сметаме дека забраната е несоодветна за условите во 2018 година“, смета Харви.

Челниците на ЕФЛ ќе разговараат со владата и локалните безбедносни експерти и на таа дебата сите страни ќе ги кажат своите ставови. Евентуалното укинување на забраната би важела за Англија и Велс, не и за Шкотска, каде што од 1980 има целосна забрана за алкохол на стадионите.

Вратите на „Боро Чурлески“ се отвораат во 18, познат составот на Раул

Филип Чурлески нема да добие прилика да дебитира во салата која од пред некое време го носи името на неговиот татко Боро и тој заедно со Горан Крстевски, Никола Митревски и Златко Даскалоски отпаднаа од списокот за мечот со Турција од квалификациите за ЕП 2020.
Селекторот Раул Гонзалес се одлучи за следниве 16 ракометари: Борко Ристовски, Мартин Томовски, Дејан Манасков, Жарко Пешевски, Никола Маркоски, Велко Маркоски, Филип Талески, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Стојанче Стоилов, Немања Прибак, Кирил Лазаров, Мартин Велковски, Филип Лазаров и Филип Кузмановски.
Натпреварот меѓу Македонија и Турција се игра со почеток од 20.15 часот.
Во Битола владее ракометна еуфорија, салата ќе биде преполна, како пред околу две децении кога македонската репрезентација често играше официјални средби во градот на конзулите.

 

Плишкова и Свитолина полуфиналистки на завршниот ВТА-турнир

Елина Свитолина како прва и Каролина Плишкова како втора во својата група, одат во полуфиналето на завршниот ВТА-турнир во Сингапур.

Во денешните мечеви од „белата група“, Плишкова со 6-3, 6-4 ја доби чешката пресметка против Петра Квитова, додека Украинката Свитолина со 5-7, 7-5, 6-3 ја совлада Данката Возњацки.

Плишкова за првпат во кариерата успеа да ја победи сонародничката Квитова и потоа го чекаше расплетот на другиот меч за да дознае дали ќе оди во полуфиналето како прва или втора во својата група.

На Возњацки ѝ требаше победа над Свитолина, и тоа во два сета. Возњацки го доби првиот, во вториот имаше 5-5, но Украинката зеде два гејма по ред и го освои тој клучен сет, со кој си обезбеди полуфинале. Во третиот сет, мотивите кај Возњацки спласнаа и таа го загуби мечот.

Утре во „црвената група“ играат Кербер-Стивенс и Осака-Бертенс. Сите четири тенисерки имаат шанса за пласман во полуфиналето, а за пласманот може да одлучува дури и сет и гејм-разликата.