0.8 C
Skopje
недела, 16 ноември 2025
Дома Blog Страница 9986

Дојде ред и Бејл „да оди во затвор“

Шпанските даночни власти не застануваат во истрагата да ги откријат сите фудбалери кои имаат затаено данок. Откако во изминативе неколку години се дозна дека данок затајувале Лионел Меси, Кристијано Роналдо, Дани Алвес, Хавиер Маскерано и уште голем број ѕвезди… сега дојде редот и на Герет Бејл.

Капитенот на велшката репрезентација и еден од најдобрите играчи на Реал Мадрид ги прикрил приходите заработени од маркетинг во 2013 година. Според направените пресметки, Бејл ќе треба да плати 337.000 евра, што сигурно не е голем проблем за ѕвездата на Реал Мадрид.

Во Шпанија затајувањето на данок се казнува со затвор, но доколку се работи за прв таков престап, затворската казна може да стане условна, а да биде платена висока парична сума. На тој начин затвор избегнаа и Меси и Роналдо.

Николов бара рецепт како да ја прескокне „Тумба“

Бобан Николов и неговите соиграчи од МОЛ Види вечер од 21 часот ќе бијат битка за првите бодови во групата Л во Лигата на Европа, а гости му се на грчкиот вицешампион ПАОК.

Унгарците и во август беа гости во Грција, и тогаш немаа ниту грам среќа против АЕК во дуелите од баражот за пласман во Лигата на шампионите. АЕК се извлече и со вкупен резултат од 3-2 се пласира во луксузното натпреварување.

„Немавме среќа против АЕК, па се надевам дека вечерва ќе ни се насмевне против ПАОК. Играме добро, но тоа не е доволно, ни требаат голови и бодови. Имаме квалитет рамноправно да се носиме со грчкиот состав, а дополнителен мотив ни е добрата игра во Лондон против Челзи“, вели Николов за Спорт Манија.

МОЛ Види сè уште го чека првиот гол и бод(ови) во групата. На стартот беа поразени од БАТЕ Борисов со 0-2 на домашен терен и потоа одиграа одличен меч против првиот фаворит Челзи, но повторно загубија со голот на Алваро Мората во второто полувреме.

Пред Николов, од нашите фудбалери вечерва на терен ќе истрчаат Стефан Ристовски за Спортинг во големото дерби со Арсенал во Лисабон, потоа и Иван Тричковски за АЕК Ларнака против Лудогорец, Елиф Елмас за Фенербахче во Брисел против Андерлехт и Аријан Адеми во Трнава против Спартак. Сите овие дуели се закажани за 18.55.

Неизвесно е дали за АЕК Ларнака вечерва ќе настапи Даниел Мојсов, кој е повреден.

 

Барса и Реал победија во ЛШ, кoj тип е најсигурен за Спортска прогноза?

Барселона против Реал Мадрид на „Камп ноу“ е најатрактивниот дуел кој е во понудата на Спортска прогноза за второто коло. Популарното Ел Класико ќе се игра в недела, во попладневен термин од 16.15 часот. Двата шпански гиганти во победничко расположение го очекуваат меѓусебниот дуел. Барселона со 2-0 го победи Интер, а Реал Мадрид по пауза од точно еден месец, конечно победи, и тоа против Викторија П’лзењ со 2-1, во дуелите од Лигата на шампионите.

Ривалството меѓу Барселона и Реал трае повеќе од 100 години. Ова ќе биде нивни 178-ми меч во Примера дивисион. Реал Мадрид е подобар и има 72 победи, Барселона се радувала 70 пати, а 35 средби завршиле нерешено. Освен во првенството, тие имаат играно уште и во Купот на Шпанија, Лигата на шампионите и во други натпреварувања.

Досега вкупно се одиграле 238 натпревари, во кои Реал Мадрид победил 95 пати, Барселона има 93 триумфи, а точно 50 средби завршиле без победник.

Првиот меч од второто коло на СПОРТСКАТА ПРОГНОЗА започнува во сабота, во 16 часот, а Вие имате можност до 30 минути пред почетокот на таа средба да го извршите Вашето типување. Ако сакате да типувате, кликнете ТУКА.

  • Прогнозерот со погодени 12 натпревари добива телефон Samsung Galaxy A6 2018.
  • Доколку 2 или повеќе ги погодат сите натпревари во едно коло, наградата станува парична: Ќе бидат доделени ваучери од SPORT LIFE во вкупна вредност од 15.000 (ако има двајца добитници ќе добијат ваучери во вредност од 7.500 денари, тројца по 5.000 денари).
  • За погодени 11 натпревари – ваучер од 1.000 денари.
  • За погодени 10 натпревари – ваучер од 500 денари.
  • За погодени 9 натпревари – Ваучер од 200 денари.

Секој корисник има право на една прогноза. Прогнозерите кои прогнозирале два или повеќе пати ќе бидат дисквалификувани за тековното коло

 

Македонија остана на 68-мото место на ранг-листата на ФИФА

Македонската фудбалска репрезентација го задржа 68-мото место на новата ранг-листа на ФИФА и од таа позиција ги чека ноемвриските дуели со Лихтенштајн и Гибралтар во Лигата на нациите.

Втор месец по ред остануваме на истата кота, а со нас се и Зелено’ртските Острови, или Кејп Верде, со еднаков број поени, 1.338.

Од селекциите во нашата четврта група во Лигата на нациите, убедливо сме најдоброрангирани. Ерменија е на 101-вата позиција со пад од едно место, а Лихтенштајн и Гибралтар се на 182-рото, односно на 190-тото место.

На врвот нема промени и најдобра селекција според ранг-листата на ФИФА останува Белгија, пред Франција и Бразил. Во топ 10 следуваат и: Хрватска, Англија, Уругвај, Португалија, Швајцарија, Шпанија и Данска.

Судот ја врати Серија Б рикверц, мора да се игра со 22 клуба

Италијанскиот циркус со Серија Б продолжува по одлуката на Регионалниот арбитражен трибунал да ја прифати жалбата на Тернана. Според новата одлука на која не се жалеше Италијанската фудбалска федерација, втората по квалитет фудбалска лига на Чизмата мора да продолжи со 22 клуба, наместо досегашните 19.

Голем проблем е што веќе се одиграни 8 кола во Серија Б, но одлуката на Трибуналот е конечна и сега ќе мора да се бара начин како да се приклучат уште три клуба и кои ќе бидат тие.

Тернана веројатно ќе биде едниот од нив, а на жалбата на овој клуб се приклучија и Сиена, Новара и Про Верчели.

Во Серија Б настапуваат двајца наши репрезентативци, Илија Несторовски и Александар Трајковски, како напаѓачки тандем во Палермо.

Лео и Тијаго Меси заедно се радуваа на победата на Барселона

Лео Меси ќе паузира одредено време, а вчера беше на трибините со лонгета на десната рака и заедно со синот Тијаго го следеше мечот на „Камп ноу“.

Соиграчите му приредија меч за уживање и славеа со 2-0 за зацврстување на првата позиција во групата Б во ЛШ. Во отсуство на Меси, стрелци беа Рафиња и Алба, а Лео и Тијаго уживаа на трибините.

Барселона е една од трите екипи заедно со Јувентус и Борусија Дортмунд што имаат максимален учинок и 9 бодови по три кола.

Се очекува аргентинскиот ас да се врати на терените по завршувањето на ноемврискиот блок мечеви во Лигата на нациите.

СИТЕ МУ СЕ СМЕАТ: Купил 27 карти за целото семејство да го гледа , а тој остана на трибините

Олександр Зинченко е талентиран фудбалер на Манчестер сити, но уште чека да се докаже во редовите на англискиот првак. Младиот Украинец засега се истакнува со потези кои се за смеење, и тоа надвор од фудбалскиот терен. Тој беше во центарот на вниманието кога Сити минатата сезона ја славеше титулата во Премиер лигата.

Додека сите играчи прегрнати се радуваа, Зинченко несмасно го турна пехарот, кој падна на земја. Реакцијата на Украинецот стана вистински интернет хит.

https://youtu.be/pH1m1to8Lyk

Овојпат Зинченко повторно е цел за фаќање сеир. Пред мечот на Манчестер сити против Шахтар во Украина, младиот играч на „граѓаните“ беше пресреќен што ќе се врати во родната земја. Сепак,  Зинченко многу избрза и направи потег поради кој повторно сите му се смеат.

Тој резервирал 27 билети за средбата од Лигата на шампиони и на своите најблиски им порача. „Мајко, татко, во вторник се враќам дома. Дојдете да ме гледате. За карти немојте да се грижите“, беше пораката на Зинченко пред мечот на Сити со Шахтар. Тој дури порачувал дека нема да се радува доколку му даде гол на Шахтар.

Манчестер лесно со 3-0 го победи Шахтар, а Украинецот не само што не беше на теренот, туку тренерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола, не го стави ниту на клупата за резерви. Зинченко овој меч го гледаше од трибините, каде што беа и сите членови од неговото семејство.

 

Фараонот блеска на „Енфилд роуд“

Фараонот силно свети на „Енфилд роуд“ и со двата погодоци против Црвена ѕвезда се запиша во клупската историја на Ливерпул.

Мохамед Салах блеска во редовите на „црвените“ и веќе запиша 50 погодоци само во 65 натпревари што ги има одиграно за Ливерпул. Тој е играчот што најбрзо стигнал до ваков јубилеј, односно до 50 голови.

Првиот во победата против Црвена ѕвезда од 4-0 го постигна во 45-тата минута, а следниот од пенал во 51-вата минута му беше јубилејниот педесетти за Ливерпул.

Салах во колекцијата убави голови го има и најдобриот според ФИФА за 2018 година, а го постигна против Евертон, за што ја доби наградата именувана по легендарниот Ференц Пушкаш.

НЕРЕАЛНО: Кари даде 51 поен, погоди 11 тројки само за три четвртини (Видео)

Стеф Кари покажа зошто е еден од најдобрите шутери во историјата на НБА-лигата. Предводникот на Голден стејт одигра уште еден меч за памтење. На дуелот против Вашингтон, Кари даде 51 поен, успевајќи да погоди 11 удари за три поени од 16 обиди. Со ваков разигран играч, нормално дека шампионот забележа лесна и убедлива победа од 144:122. Бидејќи мечот немаше неизвесност, Кари воопшто не ја ни играше последната четвртина.

Кари започна фуриозно и ги погоди првите пет удари за тројка, а публиката почна да скандира „МВП, МВП“. До крајот на првото полувреме, Кари веќе имаше 31 поени. Тоа е деветти пат во кариерата да има постигнато над 30 поени во првото полувреме.

Откако ја надмина бројката од 50 поени, Кари беше повлечен од теренот. Шести пат во кариерата ја надмина таа бројка на постигнати поени, а 10 пати дава барем 10 тројки на еден дуел.

 

Лејкерс конечно победи (Видео)

Лос Анџелес лејкерс ја забележа првата победа сезонава, откако на гости со 131:113 славеше против Феникс санс. Ова всушност е и прва победа на Леброн Џејмс во дресот на „езерџиите“. Втората четвртина беше клучна. Лејкерс фуриозно ги одигра тие 12 минути и ги доби со 44:24. Стекнатата предност од 20 разлика Лејкерс рутински ја задржа во второто полувреме и не дозволи да направи нов кикс.

Леброн Џејмс повторно беше предводник на ЛА со 19 поени, 10 асистенции и 7 скока, но овојпат имаше поддршка и од останатите играчи во тимот. Дури седуммина играчи кај победничкиот состав имаа двоцифрен број поени, а прв стрелец беше Стефенсон со 23 поени, додека Мекги додаде 20 поени. Благодарение на високата предност, Џејмс остана на клупата за резерви во последната четвртина.

Во останатите мечеви кои се играа ноќеска: Атланта – Далас 111:104, Кливленд – Бруклин 86:102, Мајами – Њујорк 110:87, Торонто – Минесота 112:105, Чикаго – Шарлот 112:110, Хјустон – Јута 89:100, Сан Антонио – Индијана 96:116, Милвоки – Филаделфија 123:108, Сакраменто – Мемфис 97:92, Голден стејт – Вашингтон 144:122.