2.8 C
Skopje
недела, 16 ноември 2025
Дома Blog Страница 9987

Љорис пак е трагичар, Тотенхем прокоцка победа против ПСВ

Двапати нерешено е исходот на првите два дуели од вечерашната програма во Лигата на шампионите, а вистински трагичар повторно е Уго Љорис.

Голманот на Тотенхем беше исклучен во 80-тата минута на дуелот во Ајндховен со ПСВ, а седум минути подоцна Лук де Јонг постигна израмнувачки гол за реми, 2-2.

Гостите од Лондон беа подобри, доминираа и успеаја да направат пресврт по негативата од еден гол. Лозано во 29-тата минута постигна водечки гол за ПСВ Ајндховен, а израмни Лукас Моура за 1-1 на полувремето.

Во продолжението Кејн му донесе предност на Тотенхем, но по исклучувањето на Љорис, Де Јонг израмни за конечни 2-2.

Нерешено заврши и мечот меѓу Бриж и Монако. Силја беше стрелец за гостите, а израмни Весли за прв бод и за двете екипи во фазата по групи во ЛШ.

„Металците“ на гостувањата се како јагниња

Второ гостување и втор пораз за МЗТ Скопје Аеродром во втората АБА-лига. Вечерва македонскиот вицепрвак беше надигран од Зрињски со 87:93.

Ако на претходното гостување МЗТ испушти добиен меч и беше поразен во продолжението, во Мостар беа разбиени уште во првата четвртина, а добро одиграа само во завршницата, кога бркаа огромна негатива. За Зрињски тоа е прва победа сезонава и првпат дадоа над 78 поени.

MЗТ поведе со 3:0, а потоа противникот направи серија од 14-0, која не запре ни со задоцнетиот тајмаут, па домашните дадоа уште една тројка за 17:3. Миличевиќ во првите шест и пол минути даде четири тројки за водство од 23:7 и затоа Аеродромци можеа да бидат задоволни што првата четвртина ја завршија со едноцифрена негатива.

Зрињски беше во одличен ритам и тоа го потврди и во втората четвртина, па повторно се одлепи и на пауза замина со плус 15. Во првото полувреме, босанскиот првак даде девет тројки.

Третиот квартал се играше со серии на двете страни. Зрињски побегна на 58:39, МЗТ одговори со серија од 10-0, но налетот го запре Рамљак со неверојатни 15 поени за четири и пол минути и се чинеше дека на Аеродромци веќе им нема спас.

МЗТ се закани во финишот. На 1,12 до крајот, намалија на 81:86, Рамљак даде тројка, но Симоновски погоди две тројки за 89:87. На 16 секунди до крајот, Рамљак ги погоди двата пенали и го одлучи победникот, иако можна ќе беше драма ако Симоновски го погодеше шутот за тројка.

Кај МЗТ се истакнаа Иванов со 26, Симоновски со 20 и Младеновски со 14 поени, додека Медфорд имаше 10 асистенции. Бојиќ воопшто не влезе во игра во второто полувреме. Најефикасни во победничкиот тим беа Рамљак со 35 и Миличевиќ со 25 поени.

КОЖУВ ТРГНА СО ПОРАЗ ВО БИБЛ

Кожув загуби од Берое со 62:69 во првиот меч сезонава на гевгеличани во БИБЛ. Радуловиќ имаше 19 поени, но само тој беше двоцифрен во гевгелискиот тим. Кај Берое, резервите дадоа вкупно само 7 поени, но расположени беа Американецот Франкамп со 26 поени и Канаѓанецот Бачински со 15 поени и 16 скока.

Следниот меч на Кожув е на седми ноември, дома против албанска Теута, која добро тргна со 2-0.

Ливерпул и Борусија победија со 4-0, Барса без проблеми, ПСЖ се спаси

Резултати: ПСЖ – Наполи 2-2, Локомотив М. – Порто 1-3, Ливерпул – Ц. ѕвезда 4-0, Галатасарај – Шалке 0-0, Борусија Д. – Атлетико М. 4-0, Барселона – Интер 2-0, ПСВ – Тотенхем 2-2, Бриж – Монако 1-1.

90+2 минута – ПСЖ – Наполи 2-2. Анхел ди Марија е херојот на францускиот првак. Со прекрасен гол ги спаси „светците“ од пораз.

83-та минута – Барселона – Интер 2-0. Дефанзивецот Жорди Алба одлично се проби во противничкиот шеснаесетник и ја зголеми предноста на домаќините.

83-та минута – Борусија Д. – Атлетико М. 4-0. Не се памти кога Атлетико загубил со ваа разлика, но мадриѓаните едноставно се немоќни во Дортмунд. Санчо погоди за зголемување на предноста на домаќините.

80-та минута – Ливерпул – Црвена ѕвезда 4ѕ0. Садио Мане во 77-мата минута промаши пенал, но само три минути подоцна се коригираше и ја затресе мрежата на гостите.

77-ма минута – ПСЖ – Наполи 1-2. Мертенс донесе ново водство на гостите.

73-та минута – Борусија Д. – Атлетико М. 3-0. Домаќините немаат милост. Овојпат погоди Гереро.

61-ва минута – ПСЖ – Наполи 1-1. Францускиот првак стигна до израмнување благодарение на автоголот на Руи.

51-ва минута – Ливерпул – Црвена ѕвезда 3-0. Салах со својот втор погодок на мечот, овојпат од пенал, потврди дека англискиот тим е за класа подобар од противникот.

47 -маминута – Локомотив М. – Порто 1-3. Корона носи нова радост за гостите.

Во првото полувреме немаше погодок само на мечот Галатасарај – Шалке.

45-та минута – Ливерпул – Црвена ѕвезда. Мохамед Салах потврди дека на „Енфилд роуд“ нема изненадувања и домаќините поведоа со 2-0.

38-ма минута – Борусија Д. – Атлетико М. 1-0 – Вицел носи предност за „милионерите“.

38-ма минута – Локомотив – Порто 1-2. Нови два гола само за три минути на овој меч. Во 35-тата минута Херера погоди за водство на гостите од 2-0, а три минути подоцна Миранчук намали на 1-2.

32-ра минута – Барселона – Интер 1-0. По одличната асистенција на Луис Суарес, реализатор беше Рафиња.

29-та минута – ПСЖ – Наполи 0-1. Лоренцо Инсиње донесе голема радост за гостите и шок за домашните фанови на „Паркот на принцовите“.

27-ма минута – Локомотив М. – Порто 0-1. Гостите од Португалија со погодокот на Марега во 26-тата минута поведоа со 1-0. Претходно, во 10-тата минута Локомотив имаше шанса да поведе со удар од белата точка, но Фернандеш промаши.

20-та минута – Ливерпул – Црвена ѕвезда 1-0. Англискиот првак конечно ја проби одбраната на гостите. Роберто Фирмино погоди за прв погодок на сите шест меча кои се играат од 21 часот.

* Откако Лионел Меси дебитираше во Лигата на шампиони, Барселона без Аргентинецот во тимот има 20 победи во 26 средби од елитното натпреварување на УЕФА. Два пати ремизирала, а претрпела четири порази. Вечерва на „Камп ноу“ без Меси ќе треба да се победи предизвикот наречен Интер.

* Во 21 часот стартуваат дуелите Барселона – Интер, Борусија Дортмунд – Атлетико Мадрид, Галатасарај – Шалке, Ливерпул – Црвена ѕвезда, Локомотив Москва – Порто, ПСЖ – Наполи.

* Без победник завршија двата дуели кои започнаа во 18.55 часот. ПСВ Ајндховен – Тотенхем 2-2, Бриж – Монако 1-1.

Ракометни дебакли на Црна Гора и на Србија

Квалификациите за пласман на ракометното Европско првенство во 2020 година почнаа лошо за дел од фаворитите. Репрезентациите на Црна Гора и на Србија ги разочараа своите навивачи откако не успеаа да стартуваат со победи.

За Црна Гора се веруваше дека треба само да излезе на терен и да ги освои бодовите во дуелот со Фарски Острови. Сепак, не беше така. Гостите започнаа многу добро, па по првите 30 минути, имаа неочекувано водство од дури пет гола (15:10). Црна Гора во вториот дел полека ја топеше предноста на противникот, но иако се очекуваше да стигне до предност, на крајот мораше да се задоволи само со нерешено (24:24).

Без победник заврши и дуелот во Зрењанин меѓу Србија и Белгија. На клупата на Србија официјално деби имаше селекторот Ненад Перуничиќ. Се очекуваше домаќините без поголеми проблеми да победат, но Белгија се покажа како незгоден ривал и во ниту еден момент не дозволи фаворитот да создаде поголема предност. На крајот, во неизвесна завршница, дуелот заврши 27:27.

Во останатите мечеви од квалификациите кои завршија досега: Чешка – Финска 31:27, Полска – Косово 37:13, Унгарија – Словачка 30:22, Русија – Италија 34:20, Германија – Израел 37:21.

Интер треба да се плаши на „Камп ноу“

Дербито на вечерта во Лигата на шампиони се игра на „Камп ноу“ во Барселона. Каталонскиот гигант е домаќин на Интер во меч на којшто ќе се вратат спомените од нивната последна средба на овој терен во 2010 година. Тогаш Барселона победи со 1-0, но Интер се радуваше бидејќи тоа беше реванш од полуфиналето од ЛШ, а на Каталонците им беше потребна победа од два гола.

Кога игра на свој терен, Барселона е речиси перфектна. Каталонците победиле на 25 од последните 27 средби пред своите навивачи, а имаат и две нерешени без пораз. Во овој период, Барселона на своите фанови им понуди да се радуваат на 85 погодоци, а примија само 13 голови.

Последен пат Барселона на домашен терен во ЛШ загуби во мај 2013 година од Баерн Минхен, и тоа убедливо со 3-0. Сепак, по тој неуспех, Барса нареди 27 средби во кои имаше речиси перфектен биланс, што треба да го плаши Интер. Голем проблем за домаќините може да биде неиграњето на капитенот Лионел Меси, но Барса треба да докаже дека и без Лео може да победува.

 

 

Фудбалот да се игра вкупно 60 минути, инаку ќе изумре

Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, предложи во фудбалот да се направат револуционерни промени. Според еден од најуспешните филмски продуценти во Италија, а од 2004 година и управител на калчолигашот од Неапол, фудбалот може да „изумре“ доколку не се смени нешто.

„Фудбалот е многу важна индустрија. Но, треба да гледаме во иднината. Зошто децата се на компјутери и играат видеоигри. Во моментов ние го уништуваме фудбалот. ФИФА и УЕФА се антики. За осум години децата ќе престанат целосно да се интересираат за фудбалот. Тоа ќе биде наша вина, затоа што ние сме стари идиоти. Мечевите се долги, приспивни. Треба да се игра едно полувреме 30 минути, потоа да има 2-3 минути пауза и потоа да се одиграат уште 30 минути“, е предлогот на Де Лаурентис.

Претседателот на Наполи истакна дека е потребно да се направи и ново натпреварување во кое ќе учествуваат само првопласираните четири екипи од најсилните пет лиги во Европа.

„Треба да се направи промена и во Лигата на шампионите. Ако се земат четирите најдобри екипи од најдобрите пет лиги во Европа, ќе се направи една лига со 20 клубови. Би се играло само еден меч, без реванш, а ждрепката ќе реши каде ќе се игра. Тие дуели би се играле во вторник и среда, а за викендите би биле дуелите од домашните шампионати“, е идејата на претседателот на Наполи.

 

Анри ќе се обиде повторно, сега дебитира во Лигата на шампионите

Тјери Анри има мака во Монако и дебиtо во француското првенство како тренер на клубот од Kнежевството му беше неуспешно. Поразот од Стразбур е тежок, а ве’е денеска Анри ќе се обиде да избегне нов неуспех, на гостувањето кај Бриж во неговото деби во Лигата на шампионите.

Монако нема победа во елитното натпреварување на последните 10 натпревари и нареди 8 порази и само две ремија.

Двете екипи веќе имаат играно меѓусебе, а Монако во 1988 година беше поуспешен и го елиминираше Бриж.

Мечот ќе почне во 18.55 часот.

 

Ѓорческа влезе во ритам, меѓу најдобрите 8 во Истанбул

Лина Ѓорлеска влезе во ритам и игра одлично, а утре во Истанбул ја чека меч за полуфинале на турнирот со награден фонд од 25 илјади долари.

Денеска во осминафиналето Лина ја победи домашната тенисерка Илај Јорук со 7:6, 5:7, 7:5 и ќе игра со Русинката Дарија Кружкова за полуфинале.

Нашата тенисерка приреди подвиг на стартот од турнирот со елиминација на една од најдобрите млади тенисерки Ирина Кромачева од Русија, која е прва носителка во Истанбул.

„Црвените ѓаволи“ доцнат на мечевите од ЛШ, ги чека нова казна

Манчестер јунајтед е соочен со нова казна од УЕФА, а дозата ќе биде двојна и поради доцнење на мечот со Јувентус и за влегување на навивачи на теренот.

„Црвените ѓаволи“ повторно задоцнија на меч од Лигата на шампионите, против Јувентус вчера, кикс што им се случува вторпат по ред. И со Валенсија беше слично, па натпреварот дури и доцнеше малку, а и вчера против „старата дама“ им се повтори тоа.

Дури менаџерот на Јунајтед, Жозе Мурињо, пешачел за да стигне до стадионот, а проблем за неговиот клуб е што и навивач влета на теренот, што е пропуст во организацијата.

За слабата организација на дуелот со Валенсија, клубот од „Олд Трафорд“ плати глоба од 15 илјади евра, а сега веројатно казната од УЕФА ќе биде повисока.

Турските ракометари во Битола му се поклонија на Ататурк

Денеска турските ракометари добија час по историја, а утревечер ги чека час по ракомет против фаворитот Македонија.

Турските ракометни репрезентативци денешниот ден го искористија и за посета на музејот во Битола, каде што има соба на Мустафа Кемал Ататурк, таткото на турската нација.

Ататурк е најголемата личност во турската историја во последните 100 и нешто години, основач на турската република и нејзин прв претседател. Ататурк дел од своето школување го има минато во средното воено училиште во Битола, па затоа за градот на конзулите има посебна почит кај сите Турци.