Палермо е пред преселба во понизок ранг, Несторовски и Трајковски си заминуваат?

Палермо може да биде нов случај во Италија, а на клубот му се заканува административна забрана за натпреварување во професионалните лиги ако во најбрз можен рок не ја достави комплетната документација за финансиска позиција.

Маурицио Цампарини најави продажба на клубот на компанија од Англија, но очигледно е дека Палермо има големи проблеми.

Клубот во којшто играат нашите репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски не доставил комплетна документација за трансферот на сопственоста, па може да биде преселен во понизок ранг на натпревари.

„Загрижен сум за градот, за клубот, кој е прекрасна база на одлични фудбалери, и особено за фудбалската страст што постои во Палермо. Сè уште ги чекаме сите документи за потврда на сопственоста на клубот. Тоа е работа што подлежи на федералните закони во Италија и тука нема калкулации. Се надевам дека сè ќе биде средено во најбрз можен рок. Ризикот е голем, а ќе следува исклучување на клубот доколку се не се среди најскоро“, изјави Мауро Балата, претседателот на Серија Б.

Гаранции дека сè ќе биде в ред стигнаа од Емануеле Фачиле, директорот на Палермо, но ако се случи црното сценарио, Несторовски и Трајковски, како и останатите играчи ќе бидат слободни да си бараат нови клубови.

Моментно Палермо е лидер во Серија Б и има амбиции да се врати во најсилната италијанска лига, во Серија А.

- Оглас -

Најнови вести