Палермо паднал на бугарска финта

Палермо паднал на бугарска финта, а речиси сигурно ќе го загуби статусот второлигаш во Италија, па дури може и да исчезне како клуб.

Приказната е неверојатна, а ја раскажа новиот сопственик Салваторе Тутоломондо. Според него ги изиграл човек што се претставил како брокер за осигурителна компанија од Бугарија, преку која требало да стасаат гаранциите дека Палермо има финансии да ги покрие долговите од околу 12 милиони евра, што требаше да бидат доставени до завчера на полноќ.

„Што да кажеме, Излажани сме. Не можеме да се справиме со големата афера“, изјави Тутоломондо.

Сега Палермо бара излез од опасната ситуација, а текот на настаните не им оди во прилог на „розевите“ од Сицилија. Рокот е веќе поминат, по контактот со посочената осигурителна компанија Лев Инс од Бугарија им било кажано дека со нив никој од клубот немал контакт, а брокерот е измама, па преселбата во Серија Ц е веќе извесна.

Палермо испратил некомплетни документи до раководството на Серија Б, а за целата ситуација конечната одлука ќе се знае на 5. јули.

Ако клубот се пресели во понизок ранг Илија Несторовски и Александар Трајковски ќе си заминат, а дури и да остане да се натпреварува во Серија Б, тандемот македонски репрезентативци речиси сигурно нема да остане во Палермо.

Новиот калчолигаш Лече е заинтересиран за двајцата, а за нив има понуди и од други италијански клубови, во игра е дури и трансфер во пакет во Црвена Звезда.

- Оглас -

Најнови вести