Македонскиот прволигаш Брера потпиша договор со францускиот фудбалер Џибрил Дијаниси, кој во својата играчка кариера има настапувано за повеќе клубови во Франција, Белгија, Холандија, Естонија.
Станува збор за 28-годишен играч кој игра на крилната и на напаѓачката позиција кој минатата сезона настапуваше за белгискиот Ла Лувие. За овој клуб има 13 настапи во првиот тим, при што постигнал три гола.
Дијанеси потекнува од школата на францускиот Тулуз, од каде што замина во Холандија, каде што три сезони настапуваше за Мастрихт и за Фортуна. Кариерата ја продолжи во естонскиот Номе Калју и белгискиот Ла Лувие .
„Долго преговаравме со овој играч бидејќи сакавме да го донесеме во нашите редови. Ова засилување ги покажува нашите амбиции за наредната сезона и дека во наредниот период нашиот клуб ќе ангажира засилувања од истиот калибар. Во прашање е играч кој може да покрива повеќе позиции во нападот и очекуваме многу во следната сезона“, изјави претседателот на клубот, Горан Пандев, за новото засилување.
Џибрил Дијанеси потекнува од Мали и тој се приклучи со стартот на подготовките за новото првенство.
„Чест и задоволство е да играм за клубот кој за претседател го има Горан Пандев. Ќе дадам сѐ од себе за исполнување на амбициите на тимот за новата сезона бидејки од тоа што го слушнав, Брера за наредната сезона ќе атакува на врвот на прволигашката табела“, изјави Дијанеси.