Брилијантниот гол на Пандев ѝ носи опстанок на Џенова ако сезоната во Италија не се доигра

Без разлика дали ќе се доигра сезоната 2019/20 или не, Серија А нема да го менува форматот и ќе продолжи да има 20 клубови.

Ваква одлука донесоа Асоцијациите на италијански фудбалери и тренери, заедно со судиската организација и Фудбалската федерација на Италија.

Секако дека се бара чаре да се доигра сезоната и тоа е најверојатното решение, дека фудбал ќе има во Италија како продолжение на сезоната 2019/20, но подготвен е и план Б.

Со него се предвидува да има испаѓање и промоција на нови калчолигаши ако сезоната биде прекината и воопшто не се доигра.

Најпогодени во таков случај би биле Бреша, Спал и Лече, кои би се преселиле во Серија Б, а во таков случај голот на Горан Пандев за Џенова против Лече би можел да биде еден од клучните за опстанокот на неговиот тим.

Пандев постигна брилијантен гол на 8 декември лани, против Лече на гостински терен и со него ќе конкурира за најгол во сезоната, а ремито 2:2 може да биде клуч на опстанокот за најстариот клуб во Италија.

Во моментов и Лече и Џенова имаат по 25 бода, ремизираа 2:2 во единствениот меѓусебен меч сезонава, што е прв критериум за испаѓање, а во следниот екипата на Пандев е подобра. Популарните Грифони имаат подобра гол-разлика и се во плус од 8 погодоци, што би било клучно да ја продолжат прволигашката авантура и во следната сезона.

Според моментниот пласман во Серија Б,нови прволигаши би биле Беневенто, Кротоне и Фрозиноне, клуб кој би бил во најголем ќар, слично како и Џенова.

Според правилата во Италија, ако сè би било регуларно, Фрозиноне како третопласиран тим би требало да игра плејоф, но во скратена сезона автоматски би бил прволигаш.

Не е објавено што би се случило со шампионската титула во Серија А ако не се заврши сезоната, но за тоа е најавено дека ќе има одлука подоцна, откако и дефинитивно ќе се знае дали ќе се доигра или не првенството во Италија.

- Оглас -

Најнови вести