Пандев: Наполи е идеален клуб за Елмас

Додека се чека преселбата на Елиф Елмас во Наполи, капитенот на Македонија, Горан Пандев, го одобри овој трансфер. Миленикот на наполитанските навивачи смета дека Наполи е идеален клуб за нашиот „дијамант“, а тренерот Карло Анчелоти би добил исклучително талентиран фудбалер кој може да го добие „за џабе“ ако се споредуваат сумите на останатите трансфери кои се одвиваат во овој преоден рок.

„Доколку Наполи успее да ги добие услугите на Елмас, тоа ќе биде багатела трансфер. Елмас несомнено е меѓу најдобрите млади играчи во Европа. Зборував неколку пати со него, но не ми кажа ништо конкретно. Јас само можам да кажам дека Наполи би добиле топ играч кој може да игра на неколку позиции во средниот ред. Елмас има одличен преглед на играта, но и чувство за гол, така што одлично се снаоѓа и кога игра позади напаѓач“, истакна Пандев за италијанските медиуми.

За Елмас да го напушти Фенербахче, се шпекулира дека Наполи ќе издвои околу 16 милиони евра и дополнителни бонуси. Наводно веќе е подготвен петгодишен договор според кој Елмас ќе заработува еден милион евра по секоја сезона, а се чека само негов потпис. Доколку се оствари, Елмас ќе биде најскапиот македонски фудбалер во нашата историја.

- Оглас -

Најнови вести