Пандев: Не гледам во што се подобри Словенците од Македонија

Горан Пандев е оптимист и верува во успех на македонската репрезентација на утрешниот квалификациски меч за ЕП 2020 година против Словенија.

Во Љубљана одигравме нерешено, 1:1, па сега Македонија има меч-топка за приклучок во битката за една од двете први позиции во групата Г.

„Ќе дадеме сè од себе да победиме на меч што значи многу за нас. Не гледам на кој дел од теренот Словенците се подобри од нас. Ако тие се надеваат на второто место и ние можеме до таа позиција. Не се подобри од нас и ќе одиме на победа.

Верувам дека ќе дојдат навивачите да не поддржат. Не е важно дали ќе дојдат 15 или 30 илјади луѓе на стадион, за нас е битно да бидат присутни сите што ја сакаат националната репрезентација и својата земја“, вели Пандев.

Неговото искуство и квалитетот ќе бидат драгоцени во ситуација кога нашата репрезентација има проблеми со повредите. Нема да игра Енис Барди, се повреди и Крсте Велкоски, а неизвесен е настапот на Стефан Ристовски. Словенците се во победнички тренд и доаѓаат во Скопје со три победи по ред во групата Г.

„Прво да им посакам на Словенците мирен лет бидејќи имам информација дека имаат проблеми со авионот, со кој треба да допатуваат. Доаѓаат со голема смодоверба по три победи по ред, но ние си ја гледаме нашата игра. Од првиот меч што го игравме во Љубљана, ќе нема многу измени во двата состави и очекувам неизвесен и добар меч утре. Македонија игра добро во континуитет и се надевам дека ќе ги израдуваме нашите навивачи. Имавме проблеми со повредите, но утре ќе истрчаат 11 одлично подготвени играчи, подготвени за борба и за добар резултат“, вели селекторот Игор Ангеловски.

Словенија ни е во одлични спомени и со нив го одигравме првиот официјален меч во Крањ, во 1993 година, кога почнавме победнички со успех и триумф од 4:1.

Утре од 20.45 часот повторно ќе играме со нив, а победата ни е императив за да останеме во игра за пласман на ЕП.

 

- Оглас -

Најнови вести