Пандев станува „полнолетен“ во Серија А

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев останува во Џенова и за следната сезона. Ова го потврди познатиот италијански новинар Џанлука ди Марцио на својот твитер-профил. Пандев и Џенова договориле соработка на уште една година.

„Горан се чувствува добро, а во Џенова веруваат дека тој може да биде една од клучните алки во тимот“, објаснува Де Марцио.

Пандев минатата сезона одигра вкупно 28 меча за Џенова и беше стрелец на четири гола, од кој најголемата радост беше по тој против Јувентус, кога Џенова му го нанесе првиот пораз на шампионот на Италија.

Со останување во Џенова, Пандев ќе ја игра 18-тата сезона во Италија. Тој дојде во Интер во 2001 година, каде што остана до 2004 година, но по една сезона играше како позајмен играч во Специја и Анкона. Во 2004 година се пресели во Лацио и на „Олимпико“ остана до 2009 година. Потоа се врати во Интер, кога стигна и до титула во Серија А, но и до трофеите во Лигата на шампионите и Светското клупско првенство. Од 2012 година, официјално стана играч на Наполи, каде што остана до 2014 година.

Потоа, популарниот Гоче една сезона замина во Галатасарај, но откако не се снајде најдобро, се врати во Серија А и во 2015 година потпиша за Џенова, каде што сега се очекува да ја одигра петтата сезона во дресот на овој тим, а вкупно 18-та откако е дојден во Италија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести