„Кец“ како планина: Пандев цела кариера ја помина во елитниот фудбал, не смее да ја заврши како второлигашки играч

Горан Пандев е еден од најдолговечните фудбалери во Серија А. Капитенот на нашата репрезентација ја комплетира 17-тата сезона во елитното италијанско фудбалско друштво. Како играч на Анкона, Лацио, Интер, Наполи и сега во Џенова, има дадено повеќе од 90 голови во Серија А и се радувал на сите најзначајни трофеи.

Вечерва, искусниот 37-годишен голгетер има нова голема мисија која сепак не е поврзана со освојување на трофеј, туку се работи за борба за опстанок. Прв пат во кариерата Пандев е во ситуација да игра на меч на кој треба да го соасува својто клуб од испаѓање. Џенова е во пол позиција во однос на Лече, бидејќи има бод повеќе од тимот кој е во зоната за испаѓање.

Едноставно Џенова сама си ја решава судбината. На свој терен против Верона мора да брка победа, за да не зависи од резултатот на дуелот Лече – Парма. Пандев ќе биде стартер во нападот и сигурно еден од оние кои ќе треба да бидат херои на Џенова.

Традицијата покажува дека Џенова победила на последните четири меча на свој терен со овој ривал, а нема пораз дома од Верона повеќе од три децении. Гостите се без некој посебен мотив за игра, па Пандев и Џенова треба да ја зграбат шансата и да се изборат за место во Серија А.

Доколку Џенова не успее да го задржи местото во Серија А, тоа ќе биде прв пат во кариерата Пандев да игра во Серија Б, а ако се знае дека има само уште една година од договорот, може да се случи популарниот Гоче да ја заврши кариерата во екипа од втора лига.

За да не се случи тоа, Пандев и другарите вечерва треба да победат и да слават опстанок на свој терен. Едноставно самите си решаваат.

 

- Оглас -

Најнови вести