Парондо: Лошо прво и добро второ полувреме, важно победивме

Вардар ја задржа лидерската позиција во СЕХА-лигата откако ја прослави десеттата победа во Лигата оваа сезона против Татран со 23:21. Тренерот Роберто Парондо по мечот изјави дека не е многу задоволен од покажаното во првите 30 минути, но во второто полувреме се поправиле.

„Татран одигра добро и покажа дека е квалитетен тим. Ние не одигравме најдобро во текот на првото полувреме. Во овој период од средбата ни недостигаше интензитет и фокус во мечот. Потоа беше поинаку. Вториот дел донесе подобра игра, а морам да им се заблагодарам на моите ракометари за покажаното во тој дел од мечот. Имавме проблеми со играта во одбрана и тоа ни се одрази врз резултатот. Се соочивме и со проблеми, бидејќи двајца од ракометарите кои играат во центарот на одбраната се повредија за време на натпреварот. Сепак, во вториот дел ракометарите дадоа сѐ од себе и најважно е дека се изборивме за победа”, рече Парондо.

Тренерот на Татран, Славко Голужа, рече дека неговиот тим играл добро, но само 55 минути, не и 60, колку што требало за да се совлада противник од типот на Вардар.

„Ракометот се игра 60, а не 55 минути. Во клучните напади имавме грешки. Жал ми е што не ја искористивме слабата форма на Вардар“, изјави Голужа.

- Оглас -

Најнови вести