Партизан славеше во Мадрид против Реал со 89:87 во неверојатно драматичен меч од четвртфиналето во кошаркарската Евролига. Кевин Пантер е херојот на Црно-белите откако погоди тројка на 0,4 секунди до крајот на средбата.
Неверојатно драматично беше од самиот почеток, кој им припадна на гостите. Партизан константно водеше во првата четвртина, во еден момент и со 17:10, а Реал успеа да се врати и по првите 10 минути беше нерешено (22:22). Во втората четвртина Реал стигна до 30:22, но кратко потоа Партизан со одлична игра го презеде водството (33:32), а гостите на полувремето заминаа со водство од четири разлика (48:44).
Партизан водеше во најголем дел од третата четвртина, но не со повеќе од седум разлика (55:48). Реал се врати во последната четвртина, па Кралевите во еден момент стигнаа до предност од седум разлика (77:70). Партизан се врати и израмни на 80:80, а во последната минута од средбата се влезе со егал 84:84.
Партизан погоди две слободни за предност од 86:84, а потоа Дек на спротнивната страна погоди за 86:86 и доби дополнително слободно фрлање за 87:86 на 21 секунда до крајот.
Во последниот напад на Партизан, Кевин Пантер погоди тројка за победа на гостите, на 0,4 секунди до крајот. Токму Пантер со 26 поени беше најефикасен кај Партизан, а Дек со 24 поени беше предводник на Реал Мадрид.
KEVIN PUNTER WINS IT IN MADRID⚪️⚫️#7DAYSMagicMoment pic.twitter.com/i2qI0l7S41
— Turkish Airlines EuroLeague (@EuroLeague) April 25, 2023
Макаби Тел Авив направи брејк во дуелот против Монако и победи на гости со 79:67, во меч на кој гостите во најголемиот дел од средбата имаа предност и на крајот заслужено се радуваа.
Монако само на почетокот водеше со 6:2, потоа и со 16:15, а кога на почетокот од втората четвртина гостите ја презедоа предноста, успеаја да ја контролираат до крајот. Во средината од третата четвртина Макаби за првпат поведе со двоцифрена предност 49:37 и потоа речиси во ниту еден момент не дозволи водството да се спушти на едноцифрена предност.