По осум години пауза, Партизан повторно се врати во кошаркарската Евролига и имаше неславен старт. Црно-белите загубија убедливо на гостувањето во Берлин од Алба со 100:84.
Алба во ниту еден момент не му дозволи на гостинот да поведе, а Партизан парираше само во првите неколку минути кога резултатот беше 16:16. Потоа следи неверојатна серија на Алба од 22:2 и домаќините поведоа со 38:18. Во еден момент предноста на домаќините стигна и до 26 разлика (46:20) и уште тогаш беше јасно кој ќе победи.
Партизан во ниту еден момент не успеа да ја намали негативата под 10 поени, а Алба со одлична игра во нападот на крајот успеа да постигне дури 100 поени.
Следниот меч Партизан ќе го игра во Скопје против МЗТ Скопје Аеродром во рамките од второто коло во регионалната АБА лига.
Со пораз во првото коло од Евролигата стартуваше и Црвен ѕвезда која немаше многу шанси на гостувањето во Истанбул кај актуелниот првак Анадолу Ефес. Континенталниот шампион славеше со 72:59.