Фудбалери од прволигашки клубови во Холандија наводно ги изгубиле своите работни дозволи откако ја промениле националноста и оваа афера наречена „Паспортгејт“ силно ја тресе Ередивизие.
Скандалот избувна откако НАК Бреда, се жалеше на суд по тешкиот пораз од Го Ахед Иглс, на наводно неправилен настап на играчот на Орлите, Дин Џејмс.
Случајот е доста сложен. Џејмс е роден во Холандија, но нема работна дозвола затоа што, откако станал индонезиски државјанин и игра за таа репрезентација, морал да се откаже од својот холандски пасош.
„Не станува збор за чувства, туку за едноставно правило. Станува збор за вклучување на играч кој не е подобен за игра“, рече адвокатот на НАК на прелиминарното сослушување.
Ова не е изолиран случај. Уште 13 играчи од Ередивизие кои избрале да ги претставуваат Суринам, Индонезија, Зелено’ртските Острови, Того, и Тринидад и Тобаго, исто така се вели дека ги изгубиле своите работни дозволи да играат како домашни во холандската лига.
„Со играњето за тие земји, тие го губат холандското државјанство, а ако имате пасош од земја надвор од ЕУ или Швајцарија, потребна ви е работна дозвола за да работите во Холандија“, објаснува Јост Верлан, специјалист за спортско право.
Размерот на скандалот е огромен. Ајакс, Феенорд, Телстар, Волендам, Хераклес и ТОП Ос се приклучија на НАК и исто така покренаа судска постапка. Проблемот со пасошот влијае на 11 играчи од Ередивизие распоредени во осум клуба. Вкупно играле на 133 натпревари од Ередивизие.
Ако треба да се преигруваат 133 меча што е над половина од сезоната, последиците би биле незамисливи. Лигата би претрпела сериозен удар врз својот имиџ и ќе се случи хаос. Пресудата се очекува в понеделник.

