Патрис Евра заигра за англиски тим од 11-та лига (Видео)

Некогашниот лев бек на Манчестер јунајтед, Патрис Евра, викендов имаше изненадувачко враќање на фудбалскиот терен, и тоа во дресот на Брентам, клуб кој се натпреварува во 11-тата по ранг лига во англискиот фудбал.

Французинот лани престана со професионалниот фудбал, а во тимот на Брентам играше како лево крило, па и носеше дрес со бројот 11, кој во негово време со Јунајтед го носеше Рајан Гигс. Брентам загуби со 2-3.

„Благодарам што ми дозволивте да играм со вас. Имав убав ден, не се грижи Гигс, твојот број го оправдав колку што можев“, напиша Евра на „Твитер“.

Камбекот на 39-годишниот Евра, кој изгледа е зависник од фудбал и не може да седи настрана, беше снимен од некои гледачи и од неговите соиграчи кои се фалеа дека играат заедно со човек кој ја освоил Лигата на шампионите и има пет премиерлигашки трофеи, пред да замине во Јувентус. Евра носеше и капитенска лента, а настапот му бил за да влезе малку во форма пред настапот на еден хуманитарен меч следниот месец.

Последен „нормален“ клуб му беше Вест хем, а најавуваше дека сака да почне и тренерска кариера.

Еве го моментот кога Евра излезе од игра и доби аплаузи од некои од присутните:

- Оглас -

Најнови вести