Патрис Евра жали што играл за Франција, а не за родната земја

Патрис Евра имаше одлична клупска кариера настапувајќи за гиганти како Манчестер јунајтед, Јувентус, Монако, Ница, Олимпик Марсеј и Вест хем. Некогашниот дефанзивец најдолго се задржа во Манчестер јунајтед со кого ги освои сите најзначајни трофеи. На пехари се радуваше и како играч на Јувентус и на Монако.

Евра цели 12 години беше дел и од репрезентацијата на Франција. Во периодот од 2004 до 2016 година запиша вкупно 81 настап. За Галските петли играше на Светското првенство во 2010 и 2014 година, како и на Европското првенство во 2008, 2012 и 2016 година, кога стигна до финалето.

Евра во еден дел од кариерата беше и капитен на француската селекција, а сега открива дека му е жал што го носел тој дрес, а не одбрал да биде дел од репрезентацијата на Сенегал, каде што е роден.

„Ако би можел сега да го вратам времето назад, би избрал да играм за мојата татковина Сенегал, а не за Франција. Кога играш и победуваш, тогаш славиш како Французин, но кога ќе загубиш, тогаш те издвојуваат како Сенегалец. Мораме да им покажеме на младите генерации дека истотака може да бидат успешни ако решат да играат за земјите од каде што потекнуваат“, рече Евра, кој кариерата ја заврши во 2019 година.

- Оглас -

Најнови вести