Пеколен распоред за Јунајтед и Мурињо – Дали Португалецот ќе издржи?

Не му се пишува добро на Манчестер јунајтед, ниту на Жозе Мурињо, доколку продолжат со бледите партии како што одиграа вчера против Валенсија. За клубот ова е најлош почеток на една сезона во последните 29 години. Жешкото столче на Мурињо му се загрева секој ден сѐ повеќе, а во сабота може да се разрешат сите дилеми околу неговата иднина на „Олд Трафорд“. Доколку Јунајтед не го совлада Њукасл во следното коло од Премиер лигата, отказот е неизбежен, но доколку „црвените ѓаволи“ триумфираат пред своите навивачи, Мурињо ќе го дочека пеколниот распоред.

По репрезентативната пауза, Португалецот се враќа на добро познат терен. Јунајтед на 20-ти октомври гостува на „Стемфорд бриџ“ кај Челзи, а „ѓаволите“ во домот од „сините“ загубија на четири од последните пет средби, додека еден меч заврши без победник. Потоа на „Театарот од соништата“ доаѓа Јувентус со Кристијано Роналдо, а пред повратниот дуел во Торино, Јунајтед ќе го пречека Евертон, додека ќе гостува кај секогаш непријатниот тим на Борнмут. И како шлаг на тортата, на 11-ти ноември е закажано градското дерби со актуелниот англиски првак Манчестер сити на стадионот „Етихад“.

Вистински кошмар за португалскиот стратег и дваесеткратниот англиски шампион, ќе му биде потребно чудо да си ја спаси работата која долги години ја посакуваше.

- Оглас -

Најнови вести