Пелегрини: Клоп е навикнат да победува со голови од офсајд

Тренерот на Вест хем, чилеанскиот стручњак Мануел Пелегрини, по ремито на неговиот тим против Ливерпул, го нападна колегата Јирген Клоп дека не треба да се жали кај судиите бидејќи тие „замижаа“ кога Ливерпул даде нерегуларен гол. Пелегрини потсети дека и пред шест години во четврт-финалето од Лигата на шампионите, Борусија Дортмунд со гол од офсајд ја совлада Малага со 3-2, а тогаш на клупите беа Клоп (Борусија) и Пелегрини (Малага).

„Клоп е навикнат да победува со голови од позицијата офсајд. Ме победи кога бев во Малага со гол кога четворица играчи на Борусија беа во офсајд. Тогаш офсајдот беше седум метри, сега Ливерпул даде гол од офсајд од еден метар. Во последна минута Ориги беше во офсајд, исто така пред очите на линискиот судија беше еден метар во офсајд и можеше да даде гол. Клоп не смее да се жали на судењето. Можеби не му се допадна што му помогнавме на мојот поранешен клуб Манчестер сити“, изјави Пелегрини.

Клоп изјави дека во второто полувреме судиите биле под притисок и компензирале поради грешката која ја направија со офсајдот на Милнер.

„Слушнав дека нашиот гол бил од офсајд. Судијата го знаел тоа и поради тоа во ситуациите кои беа 50-50, секогаш пресудуваше во полза на Вест хем. И судиите се луѓе, и тие грешат, но за време на мечот ниту јас немав чувство дека голот бил од офсајд. Не е проблемот во притисокот, туку не уживавме на теренот. Имаме само еден пораз сезонава, тоа е позитивно“, рече Клоп, кој смета дека и Тотенхем има шанса за титулата, иако сите зборуваат само за трка на два тима, Ливерпул и Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести