Пелистер е во очајна позиција – Без победа и постигнат погодок го чека тимот на кого му даде само два гола на последните 7 меча

Пелистер се наоѓа во очајна позиција по само четири одиграни кола во домашното првенство и се на последното место со четири порази и без постигнат гол.

Битолчани се единствената екипа која се уште не се радувала на погодок, а денеска од 16 часот ќе имаат тешка задача против актуелниот шампион Шкендија.

Под „Тумбе кафе“ ќе гостува екипата на која пелистерци и дале само два гола на последните 7 меѓусебни дуели и против која имаат негативен биланс.

Тоа е еден од шестте натпревари што денеска ќе се играат во Првата лига од 16 часот, во петтото коло. Потоа следува пауза поради настапите на репрезентацијата на Македонија во септемврискиот циклус од три меча во квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар.

Дербито денеска ќе се игра во Штип меѓу две од трите непоразени екипи досега во Првата лига. Брегалница му е домаќин на лидерот Академија Пандев и штипјани ќе се обидат да стасаат до првата победа како нови прволигаши, по четири нерешени дуели по ред.

Александар Васоски успеа да ја консолидира екипата на Академија Пандев, а струмичани се на врвот со 10 бода и ќе се обидат да ја задржат позицијата со нов успех.

Третиот непоразен состав, Струга Трим Лум му гостува на Тиквеш, екипа што има едно реми и три порази, па гостите се фаворити.

Ренова и Работнички имаат ист биланс, по две победи, еден пораз и едно реми и во Тетово во меѓусебниот дуел од петтото коло ќе се обидат да победат и да направат разлика во однос на ривалот.

Шкупи во локалното скопско дерби му е домаќин на Скопје, а во главниот град ќе се игра и дуелот меѓу Македонија Ѓ.П. и Борец.

Двојки, петто коло, денеска од 16 часот:

Пелистер – Шкендија

Брегалница – Академија Пандев

Тиквеш – Струга Т.Л.

Ренова – Работнички

Шкупи – Скопје

Македонија Ѓ.П. – Борец

 

Табела: Академија Пандев 10 бода, Струга Т.Л. 8, Ренова, Шкупи и Работнички по 7, Македонија Ѓ.П. 6, Шкендија и Скопје по 5, Брегалница и Борец по 4, Тиквеш 1 и Пелистер без бодови.   

 

- Оглас -

Најнови вести