Пелистер го победи Вардар и почна да слави шампионска титула по пауза од 18 години!

Еурофарм Пелистер е подготвен за шампионско славје откако го победи Вардар со 26:23 во дербито на 12. коло од Суперлигата. Со оваа победа Пелистер сега е лидер на табелата со 36 бодови, пред Вардар кој остана на 33 бодови.

До крајот на првенството остануваат уште две кола, во кои секако дека Еурофарм Пелистер ќе биде фаворит да победи, а со тоа и да стигне до толку посакуваната титула. Последен пат Пелистер беше првак на Македонија пред 18 години.

Дуелот во „Боро Чурлевски“ салата почна со одлична атмосфера на домашните навивачи и тоа како да беше најава за тоа што следеше.

Инаку, мечот почна израмнето, па беше 3:3, а потоа Пелистер заигра многу подобро и во 15 минута стигнаа до предност од четири гола (9:5). Домаќините ја контролираа играта и резултатот, па во 25 минута стигнаа и до највисокото водство од пет гола (13:8). Сепак, во последните пет минути од првиот дел, битолчани застанаа. Вардар со низа од 4:0 стигна на 13:12, а на почетокот од вториот дел, гостите успеаа и да израмнат.

Беше 17:17, кога повторно Пелистер влезе во добра серија и стигнаа до 21:17 во 43 минута. Во 50 минута Вардар намали на 21:19, но тоа беше само сламка надеж за гостите, затоа што во решавачките 10 минути, Пелистер одигра фантастично. Во 57 минута, битолчани стигнаа до 26:21 и јасно беше кој ќе победи.

На Пелистер сега му останува во последните две кола рутински да победи и официјално да биде новиот ракометен првак на Македонија и тоа по шести пат во клупската историја.

- Оглас -

Најнови вести