Пелистер има нов тренер, повратникот ќе го спасува тимот од испаѓање

Марјан Секуловски е нов тренер на Пелистер и ќе го води тимот до крајот на оваа сезона, официјално објави клубот вечерва.

„ФК Пелистер повикува на обединување во последните два месеца од сезоната за исполнување на клупските цели. Нашата идеја е сите структури во клубот и градот да пулсираат исто за на последните девет натпревари оваа сезона Пелистер да биде оној вистинскиот.

Затоа решението за излез од кризниот период го побаравме во нашите редови. Како и сите големи клубови, се потпревме на оние кои најдобро знаат што е Пелистер, како се менаџира тежок период во клубот и кој е патот за излез од кризата.

Секуловски е дете на клубот, долги години играше и го водеше тимот, а својата професионала кариера го однесе во Победа, 11 Октомври, Новаци, Силекс, Македонија Ѓорче Петров, Брегалница, Мјанмар, Малдиви, Бангладеш…

Секуловски во изминатите 8 месеци во клубот е поставен како координатор на школата. Секуловски, кој има 53 години, в среда ќе го одржи првиот тренинг, а ќе дебитира на 4 април против првакот Шкендија“, објавија од клубот.

Инаку Зелено-белите од Битола во моментов се во опасната зона на табелата, на десеттото место кое води во Втората лига. Ако се искачат на осмото или на деветтото место, би играле бараж за опстанок во елитното друштво со вториот или третиот од Втората лига. Пелистер има серија од седум кола по ред без победа, па вчерашната оставка на досегашниот тренер Милан Стојановски беше и логична.

- Оглас -

Најнови вести