Ракометарите на Еурофарм Пелистер и официјално го освоија второто место во Супер лигата и следната сезона ќе имаат можност да настапат во групната фаза од Лигата на Европа. Битолчани три сезони по ред беа шампиони на Македонија, но оваа сезона завршија со 52 бода, колку што има и Охрид на третата позиција, односно осум помалку од шампионот Вардар.
Во мечот од последното коло, Еурофарм Пелистер на домашен терен славеше над Алкалоид со 31-26 и на тој начин дојде до второто место. Екипата од „Автокоманда“ одигра одлично прво полувреме, имаше водство и од три гола разлика, но на паузата замина со минимално водство од 14-15.
Резултатски пресврт се случи уште на самиот старт од второто полувреме, кога битолчани го презедоа водството и не го испуштија до крајот на мечот.
Алкалоид ја финишираше сезоната на четвртата позиција и ќе настапи во Европскиот куп, натпреварување кое го освоија минатата сезона.

