Пеп го доби посакуваното засилување, Сити „кешира“ 70 милиони евра за Родри

Манчестер сити е многу блиску до првиот летен ангажман, од редовите на Атлетико Мадрид доаѓа Родри, чијшто трансфер треба да се реализира во следните дена. Англискиот првак ја активираше клаузулата на Шпанецот која изнесува 70 милиони евра, а Јорганџиите останаа со скрстени раце бидејќи самиот фудбалер им обелоденил дека сака да си замине.

Претставници на Сити моментално преговараат со агентот на Родри околу условите за договорот, кој би требало да биде на пет години.

Родри само по една сезона во црвено-белиот дрес ја менува средината, откако пред почетокот на минатата сезона потпиша за Атлетико од Вилјареал за сума од 25 милиони евра. Дваесет и двегодишниот играч за врска во Шпанија го гледаат како наследник на Серхио Бускетс во репрезентацијата, додека Пеп Гвардиола конечно доби замена за веќе ветеранот Фернандињо.

Истовремено Атлетико е на прагот да ја доведе замената за Родри, а ја најдоа кај соседот и градски ривал Реал. Маркос Љоренте би требало да биде нов играч на Јорганџиите, а клубот од „Ванда Метрополитано“ ќе исплати 40 милиони евра за неговите услуги, односно колку што изнесува неговата клаузула.

- Оглас -

Најнови вести