Пеп „згрме“: Како е ова можно, ние имаме два меча за играње, а Реал Мадрид ниеден!

Манчестер сити вчера на домашен терен одигра без голови во дербито против Арсенал, па Граѓаните останаа на третото место на табелата во Премиер лигата, но сега имаат три бода помалку од лидерот Ливерпул и еден бод е зад второпласираниот Арсенал.

Ремито против Арсенал треба брзо да биде заборавено, затоа што веќе в среда, англискиот првак игра против Астон вила во меч од 30 коло. Ова е уште едно големо дерби затоа што Астон вила е на четвртото место во Премиер лигата.

Тренерот на Сити, Пеп Гвардиола е лут поради распоредот кој го има неговиот тим, затоа што во само 10 дена на распоред му се четири меча. Шпанскиот стратег направи споредба со распоредот на Реал Мадрид во Шпанија. Токму Реал е следниот ривал на Сити во четвртфиналето од Лигата на шампиони.

„Игравме со Арсенал, сега следи дуел со Астон вила во среда, а потоа во сабота играме во 13:30 кај Кристал Палас на гости. Веднаш потоа треба да патуваме во Мадрид, на мегдан против Реал. За разлика од нас, Реал Мадрид цели 10 дена нема да мрдне од дома, нема ниту еден натпревар и може добро да се подготви за нашата пресметка. Би сакал да можеме да добиеме барем уште еден ден за одмор и за подобро да се подготвиме за дуелот во Мадрид. Ова е огромна разлика, неверојатно е дека ова се случува“, разочарано коментираше Гвардиола.

Реал Мадрид синоќа играше против Атлетик Билбао, а сега Кралскиот клуб има пауза до средбата против Сити. Во Шпанија првенството нема да се игра затоа што на ред е финалето на Купот на Шпанија, па мадридскиот гигант има повеќе од доволно време за добро да се одмори и подготви за дуелот против Сити.

- Оглас -

Најнови вести